fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Богојески за Бугарски Фактор: За Македонски Концепт нема дилема за постоењето на Македонски јазик

Интервју на Петар Богојески, претседател на УЕФМ и еден од претставниците на Македонски Концепт за Faktor.bg

Што претставува новиот македонизам, која е вистината, која треба да биде откриена преку него?

Македонизмот e најсилното оружје против србизацијата на Македонија, а тоа Бугарија одбива да го види. Затоа јас истакнувам дека вистината не е пријатна за Бугарија, која е заглавена во живковизмот и упорно ги повторува истите стари тези, истите стари грешки, како што е случајот со Рамковната позиција или со изјавата на БАН за македонскиот јазик. Од друга страна, добро е што конечно имаме официјален став на државата Бугарија, без разлика што е сличен на оној од времето на болшевичката бугарска влада. Работите не се сјајни ниту во Македонија. Но не постои нов македонизам. И не смее да постои. Промоција на било кој нов македонизам е катастрофа за Македонија. Постојат само изгубени политичари кои најавуваат повторна промоција на „македонизмот“, а не разбираат што тоа значи. Не разбираат што тоа промовираат. Тоа се генерално болшевици на политичката сцена во Македонија, кои во овој момент се најмногу сконцентрирани во „советскиот блок“ на ВМРО ДПМНЕ, предводен од господин Мицкоски, госпоѓа Силјановска – Давкова, господата Геровски и Неделковски. Под будното око на почитуваниот господин Груевски, секако. Но и СДСМ не е имун на тоа, и таму има премногу болшевици. На многу важни позиции во таа партија и на државни позиции, промовирани од владеачката коалиција. Секако и во „албанскиот блок“ на политички партии. Процесот на демократизација на општеството нужно ќе дојде. Сакале тоа, старите структури да се случи или не. За жал, тие структури се во дирекна корелација со старите структури во Бугарија и заедно со заеднички сили се обидуваат да ја попречат таа демократизација, без која не е можна толку посакуваната објективизација на историјата.

Имам впечаток дека одредени кругови во Бугарија, уживаат во улогата да не понижуваат нас Македонците од Македонија, со желба да ги излечат сопствените комплекси од СССР и Југославија. Крајно нечесно е комплексите на бугарската нација, да се лечат на грбот на македонската. Ние во Македонија сме жртви, а не џелати од минатото. А дел од бугарското општество, не покажува почит кон таа наша жртва и тоа што сме опстоиле како Македонци, а не сме станале Срби, цел век под тешко српско ропство, потешко од она на Отоманската Империја. При тоа секако не уживам во улогата на жртва и на барам сожалување од Бугарија. Само напоменувам, точно заради тоа, овој процес единствено изгуби златни години, а можеше да го задвижи реалното надминување на проблемот на македонизмот.

Сакам да напоменам дека македонизмот различно се подразбира во Македонија, од тоа во Бугарија. Кај нас македонизмот е доказ за постоење на македонски етност, кај Вас тоа е обратно, доказ за непостоење на македонски етнос. Од тука и големите недоразбирања по прашањето на македонизмот. Во суштина, иницијалната каписла на македонизмот како што Вие го подразбирате, стои во Бугарија, а не во Србија. За тоа мора да си ја прифатите вината и да не ја префрлате на нас во Македонија. Ние само ги трпиме последиците на старите грешки и непотребната ароганција на политичарите од Бугарија, кон нас Македонците. Истата таа ароганција која ја чувствувале македонските преродбеници и револуционери во минатото, јас ја чувствувам денес. Тоа е главната причина за појавата и постоењето на македонизмот, ќе повторам, на начинот на кој се поима во Република Бугарија. За жал не сум убеден дека таа ароганција ќе престане, а со тоа ќе престане и потребата од засилување или не дај Боже промоција на некаков нов македонизам.

Сега е потребна демократска политичка платформа која ќе го промовира и воспостави насилно прекинатиот историски континуитет во развојот на модерната политичка македонска нација. Насилно, преку жесток терор врз демократските сили во Македонија, кои генерално доаѓаа од историското ВМРО и чија идејата за создавање на Демократска и Независна Македонија под протекторат на САД и Англија, што била смртно забранета.

Како мислите, како може да се спроведе процесот на објективирање на историјата, и што е тоа, што гледаме дека Заедничката комисија за историја не успева да го направи?

ПРОЦЕСОТ НА ГРАДЕЊЕ НА СОВРЕМЕНА ГРАЃАНСКА НАЦИЈА, ТРЕБА ДА СЕ ОДВИВА ПАРАЛЕЛНО СО ПРОЦЕСОТ НА ОБЈЕКТИВИЗАЦИЈА НА ИСТОРИЈАТА. НЕ МЕНУВАЊЕ, СЕЧЕЊЕ И ЛЕПЕЊЕ НА ИСТОРИСКИ ФАКТИ ПОД ПРИТИСОК! ИСТОРИЈАТА Е НАША И ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТРЕБА ДА ЈА ИЗУЧУВАМЕ ТАКВА КАКВА ШТО БИЛА.

Тоа ќе биде внатрешен процес во македонското општество, внатрешна дискусија за објективизација, со цел преродба, будење на нашето суштинско културно и историско наследство. Точно е дека тоа е болен процес, но тоа е единствен начин да ја победиме внатрешната криза на идентитетот и преку ново раѓање да станеме „камен кој си тежи на своето место“. Во таа смисла, македонската нација е политичка заедница на сите граѓани на македонската држава, при што секој од нив поединечно, како индивидуи, но и како дел од своите примарни етнички заедници, ќе учествуваат и ќе даваат сестран придонес во нејзиното устројување како компактен политички организам.

Темата за објективизирање на историјата во нашата држава, како внатрешна тема е отворена од голем број на интелектуалци, многу пред потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка помеѓу Република Бугарија и Република Македонија. Но моето чувство е дека по потпишувањето на Договорот,  политичари кои имаат амбиции да се историчари и историчари со политички амбиции, темата „општа историја” ја претворија во меѓудржавен спор. Мора да разберат граѓаните во Бугарија дека никој од Македонија не им ја краде историјата, зашто таа историја на Македонија е и наша, македонска. Затоа зборуваме за заедничка историја, а не за македонска или бугарска. Ако сакате да зборуваме на тој начин, за тоа што е македонско, а што бугарско, тогаш дирекно ја исполнуваме желбата на Белград. Од таму доаѓа таа теза, дека нема зошто ние во Македонија да изучуваме нешто, за кое Бугарија тврди дека е само бугарско!!! Таа е најопасна теза и не води кон нови конфликти. Напротив, историјата на Македонија е македонска, а во неа животот го поклониле илјадници Бугари, а историјата на Бугарија е бугарска, но во неа животот го поклониле илјадници Македонци. Едноставно тоа е како предена волна. Не можеш да ја поделиш. Ако се обидеш, ќе ја скинеш. Ќе направиш „резил“! Е тоа го прават денес неумешните политичари, во обид да станат историчари, прават „резил“.

Но не е се така црно. Често читам и слушам глас на разумот, кој доаѓа од Бугарија. Десетици видни новинари, интелектуалци, автори, професори како Дечев и Минчев, многу граѓански активисти, го разбираат ова кое јас го говорам, даваат сигнали на разум и разбирање. Исто од Македонија имаме такви пројави на разум и разбирање. Тие е мостот преку кој ќе се поврзат македонското и бугарското општество. Нема тоа да бидат политичарите или некои „историски комисии“. Интелектуалците од двете страни на границата ќе ја завршат работата. Интелектуалци со силен персонален интегритет. 

Јас и Македонски Концепт цврсто стоиме во поддршка на Договорот за добрососедство и соработка. Самиот термин ʺопшта историјаʺ ја исклучува можноста за крадење на историјата и таа не може да се смени, затоа што таа е таква каква што се случила независно од нас. Признавањето на НАШАТА историјa треба да биде засновано на факти и историски докази и без политизирање. Ако овој процес го бевме започнале порано, немаше да ни се случи безумната антиквизација и со голема веројатност користејќи ги историските факти за нашиот народ, немаше да бидеме доведени во ситуација да си го промениме името на државата. Задача на нас политичарите е само да го поддржуваме и поттикнуваме овој демократски процес, затоа што од него ќе излезе вистината кон која сите се стремиме.

Можеби е добро да размислуваме во насока на укинување на македонско – бугарската комисија за историја, зашто не гледам поента во нејзиното постоење, во услови кога бугарските претставници очекуваат за апсолутна да се прифати „нивната вистина“, без да се земат во предвид било кои аргументи од „македонската вистина“. Тоа да се замени со процес на публикување на историските факти во двете држави во оригинална форма, со што ќе се избегне обидот за наложување на ʺдржавните историографииʺ,па младите генерации нека учат историја од изворни историски докази. На тој начин од образовниот систем ќе излегуваат млади со критично мислење кои нема да подлегнуваат на ʺавторитетиʺ и ќе тежнеат кон пронаоѓање на историската вистина преку сведоштва и оригинални документи кои автентично ќе го доловат времето во кое твореле нашите историски личности како и идеите кои ги застапувале.Тоа може да го направи и истата комисија, само да и се модифицира мандатот во оваа насока. Многукратно бев запрашуван од политичари од Бугарија да ʺпризнаамʺ како каков се определувал Гоце Делчев, а од тоа зависела нашата идна соработка. Имајќи во предвид дека цврсто стојам зад реализацијата на Договорот за добрососедство и соработка, но и сум против политизацијата на ова прашање, се разбира не одговорив на ова прашање. Не дека немам свое мислење за ова прашање, но затоа што не сакам да наливам вода на силите кои работат против договорот и се против членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.Така што, Македонски Концепт има решение за „Гоце Делчев“, но и за другите историски прашања. Гоце Делчев е просто Гоце Делчев, тоа што самиот го кажал за себе и самиот го направил за време на својот живот. Затоа предлагаме во образовниот систем во Македонија да се воведе Автобиографијата за Гоце Делчев од чирпанецот Пеју Јаворов. Со оглед на тоа што Пеју Јаворов е најблискиот соборец на Гоце Делчев, голем поддржувач на историското ВМРО, а подоцна и близок соборец на Тодор Александров-таткото на идејата за Независна Македонија, заслужува и тој да биде предложен за заедничко чествување.Дополнително како задолжителни лектири треба да бидат воведени и Автобиографијата на Григор Прличев, целокупната поезија на Рајко Жинзифов, браќата Миладинови, спомените на основачите и дејците на ВМРО, ʺБерлинскиот договорʺ од ресенчанецот Симеон Радев, Карнегиевата анкетна комисија за причините за балканските војни, но и ʺМакедонската борба” од Каравангелис – идеологот на антиквизацијата и други.Ете тоа е нашето решение. На тој начин предлагаме едно европско и демократско решение за спорот, со кој ќе се отвори нормална дискусија во општеството без политизирање. И најважното ќе ги ускратиме историските амбиции на некои политичари, кои ќе треба да ја насочат својата енергија во правец на конкретна соработка меѓу двете држави во сите сфери.

Тоа што со сигурност ќе претставува интерес за бугарската јавност е фактот што Македонски Концепт е поддржан и од голем број на македонски Бугари. Многумина од нив ги познавам лично. Тие се исклучителни македонски патриоти, професионално реализирани луѓе и сигурен сум дека тие ќе дадат свој придонес во реализирањето на Македонски Концепт, но и во објективизацијата на историјата. Во едно демократско општество, каде што има политичари од различно етничко потекло на нашата политичка сцена, неприфатливо е игнорирањето и недопуштањето на македонските Бугари политички да се пројават. Тие се Македонци, исто како и секој друг граѓанин на Македонија. Со истите граѓански права и обврски. Сите сме деца на Македонија. Постепено, терминот македонски треба да се подразбира како политички, државен идентитет. Во минатото сме немале држава и не сме биле во можност да промовираме државен идентитет. Денес имаме држава и тоа го можеме. Македонец е граѓанин на Република Македонија, без оглед на неговото етничко или религиозно потекло.

Тоа е главната причина зошто Македонски концепт е иновативен и добива широка поткрепа во македонското граѓанство. Дека сме на вистинскиот пат докажува и критиката која ја добивме од еден малцински лидер на македонските Срби, господин Иван Стоилковиќ кој е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Имено тој го повика својот коалиционен партнер – советскиот блок во ДПМНЕ во борба против ВМРО (Македонски Концепт) со песната ʺСпремте се спремте четнициʺ. Видно е дека господин Стоилковиќ го препознал историското ВМРО во Македонски Концепт. А на господин Мицкоски очигледно не му пречи да е под знамето на Јован Бабунски и Мицко Крстиќ во битката против ВМРО.

Се воскреснува спорот има ли македонски јазик – кому му служи тоа нешто?

Не е потребна посебна умешност за да се направи анализа на појавувањето на историските спорови помеѓу Бугарија и Македонија, вклучително и на последниот јазичен спор. Тие секогаш се отвораат пред земањето на решенија за влегување на Македонија во НАТО, за започнување на преговори со ЕУ и пред избори. На сите многу добро ни е познат центарот кој упорно работи против раширувањето на евроатланткото влијание на Балканот, така што и него може да го придодадеме на претходно споменатата коалиција на Србија со ʺзаштитниците на националните интересиʺ. Не е исклучена нивната полна координација во воскреснувањето на овие спорови, ако се земе во предвид дека од нив единствено имаат политичка полза, тие кои се борат за зачувување на статус квото во Македонија, во обид да ја спречат демократизацијата на земјата.

Решението на овие спорови, вклучително и за јазичниот спор е во запазување на Договорот за добрососедство и соработка потпишан на бугарски и македонски јазик согласно Уставите на двете држави. Ние политичарите од Скопје и Софија, имајќи го во предвид горекажаното и националните интереси на Бугарија и Македонија, не треба да го користиме речникот или-или, а да промовираме политика со која на нашите граѓани ќе им обезбедиме и ʺопшта историја” и ЕУ.

За Македонски Концепт, нема дилема за постоење на современ македонски јазик. Јас го зборувам, употребувам и на него Ви го пишувам ова интервју. Македонскиот и бугарскиот јазик се две гранки на едно исто стебло. Наследници на еден ист, заеднички „Св. Климентов јазик“. Голем грев правиме и ние и Вие, ако го черечиме споменот на Св. Климент Охриски. Морам само едно да истакнам, нема вина кај македонските преродбеници за одлуката на државотворните органи на Бугарија да прогласат  официјален литературен бугарски јазик, целосно базиран на источната јазична норма, преку целосно и арогантно игнорирање на западната норма. Тоа е истата таа ароганција за која Ви говорев во првото прашање. Таа ароганција на тогашните политичари од Бугарија, скапо чини и денес. Незастапената западна јазична норма од „Климентовиот јазик“, покасно низ историјата била основа за создавање на македонскиот литературен јазик. И тоа е тоа. Без разлика колкава „србизација“ на јазикот сме претрпеле, денес македонскиот јазик е реалност. Морам да напоменам дека во комунистичка Југославија имаше помала србизација на македонското општество и јазик, од тоа што е денес. Денес се случува страшна промена и контаминација на тоа поле. Во Скопје, скоро и да не се употребува литературен македонски јазик, туку некој локален дијалект со стотици србизми. Но тоа е што е. Ќе дејствуваме да го корегираме и да ја запазиме оригиналноста на македонската јазична норма.

Инсистирам да посочите на низа „научници“ од Бугарија, кои до тој степен пројавуваат нетрпеливот и ароганција кон нас, што јавно истакнуваат дека македонскиот јазик бил вулгарна и неотесана, необлагородена форма на бугарскиот мелозвучен јазик. Па поголем шовинизам и демонстрирање на омраза кон нас Македонците од тоа нема. Исто така во минатото говореа Грците, за нивниот мелозвучен грчки јазик и неотесаниот и вулгарен бугарски јазик. Ако се чувствувавте пријатно тогаш, продолжете денес со истиот грчки однос кон нас.

Ние од Македонски Концепт промовираме ново решение за јазиците во Македонија. Наместо оваа неодржлива состојба со јазичниот Закон на Груевски и Заев, оспорен и од Венецијанската Комисија, ние предлагаме официјални јазици да бидат сите јазици на сите граѓани, кои ги препознаваат како мајчин јазик, плус англискиот јазик. На тој начин, доколку македонските Бугари декларираат за потребно, во Македонија може да се воведе и службен бугарски јазик. Во образованието задолжително ќе се изучуваат македонскиот, англискиот и еден од останатите службени јазици по избор на учениците. Така, ако имаме Албанец, тој ќе си го изучува мајчиниот јазик без проблем. Исто и Бугарин од Македонија. Македонците ќе изучуваме македонски, англиски и еден од јазиците на нашите сограѓани, по наш избор. Ние сме согласни доколку еден граѓанин и се обрати на Републиката на бугарски јазик, да добие одговор на истиот јазик, плус на македонски, заради понатамошна административна употреба на одговорот. Тоа важи за сите јазици. Нема да постои спор за официјален јазик на дел од територијата на Македонија или на цела држава.

Притисокот кој е извршен и продолжува да се извршува врз политиката, историјата, јавната свест во Македонија – како тоа влијае на самосвеста, адекватноста на разбирањето на нацијата и неговата вредност?

Секој притисок создава обратен ефект. Еве земете го примерот со грчкиот притисок за промена на името Македонија. Ние никогаш, ама баш никогаш нема да го прифатиме тоа „северна“ за природна додавка на името Македонија. Не дека не сме северна. Точно дека ние сме северен дел од територијата на Македонија. Но поради фактот што таа промената се направи под закана и уцена, под притисок, тоа никогаш нема да стане пријатна и природна формулација за народот. Не верувам дека Бугарија го посакува истото. Дека Бугарија сака да ја копира Грција по македонското прашање.

Ние иднината на нашата земја и нација, ја гледаме низ призмата на македонската Кауза, која доаѓа од Идејата на Организацијата. Таква политичка сила немаме во моментов во Македонија. И лажната десница ВМРО ДПМНЕ и лажната левица СДСМ, се потпираат на старите советски теории за македонската држава и нација и со тоа прават огромна штета на државноста на Македонија. Каузата на ВМРО е решение за сите прашања, поврзани со Македонија. И на надворешен и на внатрешен план. Етноцентристичкиот концепт предизвика етнизирање на нашето општество, кое беше плодна почва за инструментализација од надворешни центри со цел спречување на нашето членство во НАТО и ЕУ, а со тоа и спроведување на туѓи државни интереси. Тргнувајќи од таа насушна потреба од длабока демократизација и промовирање на европска иднината на нашата држава го промовиравме МАКЕДОНСКИ КОНЦЕПТ.

Ние поаѓаме од идеалот на револуцијата „Македонија на Македонците“. Под „Македонци“ ги подразбираме сите граѓани на македонската Република, кои искрено и недвосмислено ја поддржуваме нејзината државност. Сите ние сме дел од современата државотворна македонска нација. Во таа насока сме подготвени на жртви. Првата жртва на сите нас, треба да биде етно националниот патриотизам, коj го заменуваме со државен патриотизам. Со тоа во минатото го оставаме и советскиот концепт на народи и народности, вулгаризиран во македонскиот Устав како „еден народ и делови од други народи.“ Тоа е дезинтегрирачки фактор во македонското општество, кој генерира внатрешни судири, како таков е препознаен за антидржавен, а согласно нашата главна вредност – државност, се отфрла и заменува со државен патриотизам во граѓанска држава на современа граѓанска нација. На тој начин, максимата „Македонија на Македонците“, ја добива својата суштина. Ние сме оригинални, единствени во ова. Ако ова не го препознаат елитите во Бугарија, ќе почекаат следните децении на маргините од македонското општество.

Дали македонското општество и политика ги надминале превирањата во промена на името на земјата? Како тоа ќе се одрази во внатрешно-политичката перспектива во блиска иднина?

Промената на името на државата е рана отворена, која никогаш нема да зацели. Секогаш ќе стои отворена и ќе биде причина за внатрешен раздор во општеството. Уште поголем проблем е тоа што луѓето кои го трампаа името Македонија со нивната слобода, денес глумат патриоти и заштитници на „името“. Граѓаните начисто се збунети и не можат да ги препознаат суштинските случувања по оваа тема. Дополнителен проблем е што разни манипуланти во политиката, а пред се неколкумина од врвот на ВМРО ДПМНЕ манипулираат со вистината и кажуваат дека процесот за името е повратен и тие ќе го вратат името Македонија. Пред странските дипломати кажуваат друго. Дека за нив Северна Македонија е завршена работа. На тој начин тие дотураат дополнително „масло во огнот“.

Денес, темата за името е делумно ставена на втор план поради големите корупциски скандали, особено скандалот со Специјалното Обвинителство. Тоа го симна прашањето за името подоле на агнедата на граѓаните, но секогаш, секогаш Северна Македонија ќе биде предмет на политичка злоупотреба и дел од политичка кампања. Најголем дел од опозиционите гласачи се мобилизираат околу тој проблем и тоа е главниот извор на гласови за корумпираната и нереформирана опозиција.

За нас промоторите на Македонски Концепт, решението Северна Македонија е донесено под притисок и уцена. Класична уцена. Но тоа е реалност, без која денес не може да се замислат евро – атлантските интеграции на земјата. Приоритет се НАТО и ЕУ, а прашањето за името на државата треба да се држи на страна од политичка кампања и злоупотреба од одредени криминални кругови во политиката.

Која е идеолошката основа и политичката цел на партијата која имате намера да ја создадете?

Не говориме за политичка партија, туку за политичка платформа, за Кауза која има амбиции да ги обедини сите елементи од македонското граѓанство, кои не прават компромис со македонската државност, по ниту една цена. Таа е светост за нас. Колку се грижиме за традицијата и културното наследство на Македонија, толку сме либерални и отворени за светските трендови во економскиот и технолошкиот развој. Имаме амбиција да бидеме македонското „начертание“. Постигнатата независност од Србија во последните децении не ја достигна потребната димензија. Ние не сме полно независни, сеуште сме под целосно „ропство“ на културен и интелектуален план од соседна Србија. Тука имаме многу што да направиме. Сакаме да ја промовираме македонската традиција и култура, да изградиме македонски интелектуални кругови, кои ќе дишат во духот на македонското „начертание“. Кои ќе бидат имуни на ропствата од минатото. Кои ќе работат само и само за македонските национални интереси. Кои ќе разберат дека иднината на македонската Република не е тесно поврзана со државните интереси на Република Србија, туку напротив, ние си имаме наши македонски државни интереси. Македонија на Македонците во Обединета Европа, е нашата максима. Мислам дека со тоа е се кажано.

Кои се стратешките закани за Македонија – внатрешни и надворешни? Дали тие се гледаат однадвор – од Софија, од Брисел, од Вашингтон? И какви се интересите на Москва, какви се нивните спроводници во Македонија?

Интеграцијата на Македонија во НАТО, силно ги вознемири Белград и Москва. И тоа е сосема разбирливо. Но тие мора да разберат дека тоа е наша, автономна македонска одлука да бидеме во друштво со НАТО земјите. Тоа не е притисок од НАТО врз нас, туку наша желба и одлука. За жал тоа не се почитува и перманентно се дејствува во насока на продуцирање на внатрешни кризи во Македонија, со цел да ја спречат или барем отежнат таа наша интеграција. Нешто слично како во Црна Гора. Но, тоа влијание не врви преку „српската врска“ во Македонија, ами преку бугарската. Зашто за Москва е многу важно да опстои силното српско влијание во Македонија, па ја изложува Бугарија на постојани конфликти со нас, со што и го намалува бугарското влијание. Токму од таму доаѓаат проблемите со Гоце Делчев, македонскиот јазик и многу други случаи. Тоа е нарачано, а Бугарија само го испорачува. Со тоа Бугарија работи против Бугарија. Против бугарските интереси на Балканот, Европа, но и во Македонија.

Ние тука во Македонија многу ја почитуваме Бугарија, но не го сакаме болшевизмот кој ни доаѓа од кај Вас. Ние немаме проруско традиционално воспитување. Особено за тоа е заслужна Југославија, која го забрануваше тоа влијание. Денес сведоци сме дека Русија се засилува на терен, а во услови на „натовизација“ на земјата. Малку иронично, но така е. Имам впечаток дека Бугарија е многу повеќе русофилска, од колку што е Македонија србофилска. Западните сојузници не се особено заинтересирани за процесот на зближување на нашите две општества, само поради фактот што тој процес е препознаен како голема опасност за дополнително ширење на „руското влијание“ во Македонија. Бугарија мора да расчисти со болшевизмот во своите редови, за да може да биде препознаена како фактор на демократизација на Балканот, а не фактор за болшевизација. Токму во тоа е суштинската наша порака, кога зборуваме за деидеологизација на македонското општество. Политичката нација не може да биде промовирана во услови на толкава доза на идеологизација од минатото. Деидеологизацијата на односите помеѓу Македонија и Бугарија е услов без кој не се може понатаму.

Што нудиме ние на стратешки план, а е најважно за запазување на македонската државност. Тоа се безкомпромисна интеграција на земјата во НАТО и ЕУ на глобален план и „Балкански компромис“ на локален план на Балканот. Тоа е балансирано влијание во Македонија на коридорите 8 и 10. Во овој момент ние сме под „ропство“ на коридор 10. Структури од Бугарија помагаат тоа така и да остане. Зошто е тоа така? Оставам самите Вие во Бугарија да си процените. Ние во Македонија имаме животна потреба да работиме во насока на овој компромис. Имаме огромен отпор, тука Србија е апсолутен господар на донесување на одлуките, што се виде и со одлуката на претседателот на Франција господин Макрон. Во таа насока е и промоцијата на „мал шенген“. Тоа е проект за враќање на моќта на Белград врз „неспорните српски територии“, согласно Гарашининовото „Начертание“, Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна. Секако за Косово нема дилема. Како против тежа на тоа, во насока на нашата политика за Балкански Компромис, ние ја понудивме Централно Балканската Иницијатива, за регионална интеграција на Македонија во ЕУ. Ние сме соседи со ЕУ, преку границата со Бугарија и Грција. Таму е нашиот интерес и потреба да се интегрираме. Дополнително НАТО е причина за наша целосна координација со Бугарија, Грција и Албанија. Ве повикувам нашата ЦБИ, дополнително да ја промовирате во медиумите во Бугарија, но и во Грција, каде ние Македонците сме ограничени, со цел да се спротиставиме на враќање на минатото на Балканот, од пред светските војни, а да зачекориме силно напред во 21от век. Ние не сме србофоби, сакаме и Србија да биде дел од нормален Балкан, но повеќе си ја сакаме македонската независност. 

Како се вклучува улогата на Центарот за стратегиска анализа и безбедност тука?

Не знам на кој Центар мислите? Дали е тоа Евро-атлантскиот центар за сигурност? Ако мислите на него, јас мислам дека тоа е одлична новина од Бугарија, кој покрај стариот Атлантически клуб на Бугарија, дејствува во насока за која Ви говорев во предходното прашање. Во насока на деболшевизација на Бугарија, што е најважно и за македонско – бугарските односи. ЕАЦС го привлече нашето внимание во Македонија со нивното соопштение за „рамковната позиција“ на Република Бугарија по македонското прашање. Исклучително квалитетна анализа и суштина за решавање на споровите помеѓу нашите две држави. Го запознав господин Цветан Цветанов пред кратко време и тој истакна силна подготвеност да дејствува во насока на нормализирање на македонско – бугарските односи. Само по тој начин, нашите западни сојузници ќе го поткрепат процесот на зближување на нашите две општества. По стариот начин, тоа е препознаено како обид за болшевизација на Македонија и нема да успее. Македонски Концепт стои рамо до рамо со западните сојузници по ова прашање. 

Сакам на крај на сите граѓани на Република Бугарија да Ви посакам среќни празници, да сте живи и здрави, а следната година многу поуспешни и на личен и на национален план. Јас сум православен христијан, па ќе си дозволам христијаните од Бугарија, во очи на Божик, да Ве поздравам со „Христос се роди, вистина се роди!“.