fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Богојески: СЛОБОДА

Колумна на Петар Богојески за СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Спокој и солидарност не може да постојат без постоењето на слободата, како суштински услов. Таа е изворот на нормалноста. Таа е сѐ што имаме. Тоа е причината зошто сме се одлучиле за демократија. За да уживаме и да ползуваме неотуѓиви права кои се признати и припаѓаат секому од нас. Слободата го гарантира правото да се развиваме и да ги користиме своите дарби, таленти и способности во целост, но и обврска да ги понудиме во служба на заедницата.

Сме виделе и слушнале за секакви власти. Секое владеење, само за себе, е уникатно. Но, ние сакаме да се родиме, да живееме и создаваме, само и само во услови на владеење на слободата. Сите индивидуални или колективни права се возможни, само во услови на владеење на слободата. Таа, на некој начин, е и услов и цел, сама по себе. Зборувам за праведна слобода. Слободата на едни луѓе, не може да значи ограничување на слободата на другите. Тоа произлегува од погрешното разбирање на слободата или нејзино практикување, во недостаток на индивидуалната одговорност. Вистинската слобода подразбира одговорност и самостојност, никако неодговорна независност. Останува обврската сите да бидеме одговорни за своите дела, да сме одговорни пред заедницата и пред потомство.

Еден мој омилен цитат накратко кажува се: „Сите луѓе се еднакви во тоа што тие се надарени со истото достоинство. Тоа значи дека слободата на еден човек во однос на другите луѓе е ограничена од страна на почитта кон другите, која тој мора да ја покаже, тргнувајќи од нивната фундаментална еднаквост“. Не можеме вака да продолжиме. Заборавивме да го почитуваме искуството, знаењето, создаденото. Да ги почитуваме блиските и подалечните на нас. Со самото тоа, самите не се почитуваме. Затоа морално пропаднавме во нашава Македонија. Западнавме во очај. Се шетаме по светот, без да знаеме да го почитуваме своето.

Спокој и солидарност не може да постојат без постоењето на слободата, како суштински услов. Таа е изворот на нормалноста. Таа е сѐ што имаме. Тоа е причината зошто сме се одлучиле за демократија. За да уживаме и да ползуваме неотуѓиви права кои се признати и припаѓаат секому од нас. Слободата го гарантира правото да се развиваме и да ги користиме своите дарби, таленти и способности во целост, но и обврска да ги понудиме во служба на заедницата. Во секој момент, да ги применуваме вредностите на спокојот и солидарноста во односите со другите. А другите не се непознати за нас. Тоа е основниот мотив зошто политика. Тоа не е привилегија, туку обврска да направиме сѐ што знаеме и умееме, да дојдеме до фер општество и нормална држава.

Свето тројство

Човечката слобода извира од природата на самиот човек. Вистинската слобода значи автономност и одговорност, а не неодговорна независност. Тоа го прави секој човек одговорен за своите постапки според неговата совест, одговорен пред заедницата и кон идните генерации. Кога се зборува за човекови права во суштина се поаѓа од два аспекта: првиот е неприкосновеноста на слободата, како загарантирана и неограничена, а вториот аспект е грешната природа на човекот. Доколку нашето слободно дејствување е оставено единствено на нашата совест, тоа секако ќе го злоупотребиме и ќе воспоставиме анархија.

Слободата е идентитет

Согласно наведеното – дека слободата извира од природата на човекот – поведението е карактеристика на личноста, а законите се рамка на прифатливото поведение. Луѓето се еднакви врз основа на правото на исто достоинство, а не врз основа на еднаквата природа на секој човек. Сите ние се раѓаме различни, но имаме право на еднакво достоинство. Од правото на исто достоинство произлегува и еднаквоста пред законите. Слободата е гаранција за секоја личност да постигне развој, без оглед на нејзиното потекло, пол, возраст, раса, националност, етнос, религија, убедување, општествена положба, здравствена состојба и слично. Слободата е гаранција за еднаквост пред законите, за владеење на правото. Без слобода, нема одржлива правна состојба. Нашата природа ќе ја отфрли. Ќе ја направи промената.

Колумната на Богојески во целост на: Слободен печат