fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Бојана Тасевска: Приоритет е создавањето на услови и мотивација, ние младите да останеме тука и својот потенцијал и знаење да ги вложиме во ова наше општество и оваа наша држава

Интервју со Бојана Тасевска – Македонски Концепт – Кандидат за листа на пратеници за ИЕ 2

Бојан Тасевска има 21 година. Таа е студент на Фармацевтскиот Факултет при УКИМ во Скопје. Бојана е многу амбициозна и комуникативна личност, која тежнее кон стекнување нови знаења и искуства, преку кои верува дека лично ќе придонесе кон воведување и реализација на квалитетни промени во заедницата, како за себе, така и за другите.

Надвор од професионалниот ангажман и универзитетот, таа е страстен љубител на литературата, читањето книги и е активист за заштита на правата на животните.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Бојана Тасевска: Пред сѐ идеологијата на Македонски Концепт е причината заради која решив да се приклучам кон оваа граѓанска иницијатива. Потоа, нивната искрена заложба за создавање на една нормална држава, подеднакво добра и функционална за сите нејзини граѓани, без отстапки. Јас како млад човек, со визија и цели насочени кон подобра иднина, сакам да бидам дел и да придонесам кон оваа граѓанска опција, која верувам искрено се залага за заедничко подобро утре. Мотивот е уште поголем, поради укажаната можност, да учествувам во процесите на спроведување на суштински реформи кои ќе остават силен и позитивен впечаток кон граѓаните на оваа Држава, без разлика на нивната возраст и припадност.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Бојана Тасевска: Да. 

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

За жал, кај нас повеќе работи одат во надолна линија и според мене ситуацијата станува повеќе од алармантна. Во моментот сме држава со речиси најлош рејтинг во областа на здравствениот и образованиот систем, која катастрофално се справува со проблемите во тие сектори до степен да тие, наместо да бидат најприоритетни, доведени се до ниво на најмала важност. Со ваквиот пристап кон овие два, но секако и кон другите фундаментални сектори, навистина е нејасно што ние би можеле да очекуваме од едно општество чии темели или фундаменти не се правилно конструирани. Затоа сметам, дека приоритетно и пресудно за било кој политички фактор, е целосно реформирање на здравствениот  и образовниот систем. Државните установи треба да станат пример за приватните, а не обратно, бидејќи секој граѓанин заслужува ист третман, иста грижа и услови, а посебно во сферата на здравството, образованието и јавниот сервис воопшто.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Бојана Тасевска : Ќе се надоврзам на претходниот одговор и повторно потребите од промени ќе ги фокусирам кон здравството и образованието. Како студент и иден здравствен работник, најмногу ме засега ова прашање. Моменталната состојба во двата сектори е разочарувачка за целата популација, а посебно за младите, кои во овој момент и по секоја цена, својата иднина ја гледаат надвор од државата. Оттука, наша цел и приоритет како млади и амбициозни луѓе, треба да биде создавање на доволни услови и мотивација да останеме тука и својот потенцијал и знаење да ги вложиме во ова наше општество и оваа наша Држава. Секако, водена од девизата колку даваш, толку и добиваш, сметам дека Македонија треба да вложува во развојот на  во младите умови, за да се мотивираат да останат тука и своите квалитети да ги искористат за понатамошно, континуирано подобрување на општата благосостојба во земјата. Потребно е да се стремиме напред, а не да тапкаме во место или уште полошо, да се враќаме назад.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Бојана Тасевска: Првенствено како личност која нема никаква политичка заднина, Македонски Концепт е првата иницијатива која со своите искрени и уверливи ставови како и цврсти идејни решенија, ја доби мојата доверба и ја разви желбата за моето приклучување кон неа. Оттука, произлезе и клучниот фактор, а кој е шансата која оваа опција ја дава на младите како мене, да можат да ги искажат своите ставови, идеологии и гледишта во насока на активностите за подобрување на сите состојби во државата.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Бојана Тасевска: На располагање ги ставам сите свои квалитети, знаења, и пред сѐ мотивот и желбата за да придонесам кон темелни промени на долгорочен план. Кон тоа ги додавам и личната посветеност, одговорност и активизам во насока на ширење на идејата и приклучување на што повеќе млади луѓе кон Македонски концепт, а во насока на подобра заедничка иднина.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Бојана Тасевска: За суштински реформи во здравствениот и образовниот сектор! За искоренување на корупцијата и неправдата! За прекин на ланецот на злоупотреби на институциите на системот во лична и политичка корист! На се ова треба да се каже едно големо СТОП. Тоа се нашите цели и идеали, за кои се бориме и целосно се вложуваме. Ние не треба да се водиме по филозофијата дека “Најсилните ќе преживеат “! Наместо тоа, треба да бидеме убедени, дека секој човек се раѓа со еднакви права и слободи, и како таков треба и да живее.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Бојана Тасевска: Проектите се најбитниот инструмент кој ќе донесе реформа и обнова. Преку проектите можеме јасно да ги видиме залагањата на поединците или тимовите, и секако, да го следиме исполнувањето на целите. Проектите на Македонски Концепт се движечка сила преку која се воведуваат новитети и ќе се решаваат суштинските проблеми. Преку проектите ќе дојдеме до примена на теоријата во пракса, и до реална можност и шанса за реализирање идеи во готов производ.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Бојана Тасевска: Македонија за 5 години ја замислувам како дел од Европската Унија, каде ќе ги ужива истите права како и сите нејзини останати членки. Ја гледам како земја со значително подобрен здравствен и образовен систем, како земја со темелно променета политичка сцена, како земја во која младите ќе тежнеат да останат, а не да си одат.

фото: Македонски концепт