fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Даринка Ристиќ: Многу поразвиени држави од нашата не можат да понудат подобри услови за живот, ни недостасува подобро раководење со државата и стопанството

Интервју со Даринка Ристиќ, кандидат од „Македонски концепт“ за листа на пратеници за ИЕ 3.

Даринка е магистер по Економски науки од Фиренца, Италија, на насоката одржлив туризам. Родена и израсната во Скопје. На 24-та година возраст заминува за САД  каде живее седум години. Подоцна, поради семејни причини заминува за Италија каде престојува, живее и делува девет години, а од каде подоцна се сели за Малта, каде развива и менаџира свој личен мал бизнис од областа на туризмот.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Даринка Ристиќ: По подолг престој и живот надвор од Македонија, и тоа во САД,, Италија и Малта, го воочив фактот дека многу и многу поразвиени држави од нашата, не можат да понудат подобри услови за живот споредено со оние во Македонија. Од тука, слободно можам да констатирам дека ние како земја, како нација, како менталитет и култура, во многу сфери на општествено социјалниот живот сме далеку понапред од развиениот свет. Она што ни недостасува е подобро раководење со државата и стопанството воопшто, а со што, нашите квалитети би излегле на површина, а со тоа, и би се подобрил животниот стандард и благосостојбата на секој граѓанин на оваа наша мала земја. Оттука и мојот мотив да се приклучам на МК Концепт, и дадам  свој скромен придонес кон промената на овие состојби.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Даринка Ристиќ : Да.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Даринка Ристиќ: Искоренување на корупцијата, финансиска транспарентност на сите владини проекти и програми, зголемено граѓанско учество во донесувањето на одлуки на општинско ниво и конструктивен политички дијалог со сите домашни и меѓународни фактори.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Даринка Ристиќ: Намалување на загаденоста на животната средина, искоренување и спречување на корупцијата, промовирање, запознавање и обука на граѓаните со нивните основни граѓански и човекови права. Тоа се приоритетите на секое нормално општество или една нормална држава.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Даринка Ристиќ: За мене најголемо влијание има фокусот кон младите и идните генерации, бидејќи на нив останува светот, потоа економскиот развој и претприемништвото како значаен дел од развојната платформа за економијата на државата, но исто така борбата за слободата на секој од нас како поединец. Секако, и заштитата на животната средина што е најголем проблем со кој се соочуваме во овие времиња на напредна технологија и техничко технолошки развој.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Даринка Ристиќ: Промовирање на идеологијата и активно учество во иницијативите на Македонски концепт, во контекст на настојувањата за спроведување и реализација на сите проекти и програми кои Македонски концепт ги промовира.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Даринка Ристиќ: Исполнување на сите обврски и преземање на сите одговорности што ќе ми ги налага мојата функција или професионален ангажман.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Даринка Ристиќ: Проектите се основа и средство за исполнување на зацртаните цели за кои се залага Македонски концепт, а воедно и единствен начин да се дојде до подобро граѓанско општество и подобар животен стандард.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Даринка Ристиќ: Чиста животна околина, намалена невработеност, спречена, ако не и искоренета корупција, поголема куповна моќ на населението, обновено здравство, ажурирани образовни материјали во целокупниот образовен систем, задолжително спроведување на попис на населението, спроведување на законските работни односи, враќање на македонското земјоделие, подобрена патна инфраструктура и зголемени домашни и меѓународни инвестиции.

фото: „Македонски концепт“