fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Д-р Ламбе Крстески: Расчистување со сите негативности кои ја кочат државата,приоритет за нормално и целокупно функционирање на процесите неопходни за нејзиниот развој

Интервју со Д-р Ламбе Крстески, Македонски Концепт, Кандидат за листа на пратеници за изборна единица 2.

Д-р Крстески е магистер по медицински науки, доктор по општа медицина. Работи како Професор по стручни предмети во здравствена струка во средното училиште при Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Претходно, ги остварувал своите работни обврски како матичен лекар во ПЗУ Тетово и бил волонтер на клиниката за онкологија и радиотерапија. Член е на лекарската комора на Македонија и член е на здружението за приватни лекари на Македонија. Во неговото образование е вклучен и едногодишен процес на дефектолошки студии на УКИМ и педагошка доквалификација исто така на УКИМ. Едукатор е на лица со оштетен вид по практична настава на институтот за рехабилитација и физикална медицина во Скопје. Доктор Крстески е специјализант по гинекологија и акушерство на УГД Факултет за Медицински Науки. Неговото долгогодишно искуство во здравствениот и образовниот сектор се значаен фактор во оценката на состојбите во Македонија.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Д-р Ламбе Крстески: Потребата да се делува, да се даде сопствен придонес, личен печат, наместо пасивност, стоењето настрана и немото набљудување, се движечки мотиви за моето активирање и приклучување на МК Концепт. Моменталната политичка слика во нашата држава ја сочинуваат веќе видени политичари и политички партии. Новата интелектуална сила, професионалци, стручни лица во својата област на делување можат да  бидат новата свежина која ќе ја покрене и ќе ја води понатаму нашата Држава.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Д-р Ламбе Крстески: Да, ова е мој прв политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Д-р Ламбе Крстески: Според мене, фундаментите на државата ги сочинуваат четири столбови: здравство, образование, судство, економија. Квалитетни реформски процеси, преку издржани и правилно насочени проекти во овие области можат да обезбедат нагорна линија во развојот на Државата, генерално.

По професија сум лекар, специјализант по гинекологија, медицината е моја примарна определба. Состојбата во нашето здравство е таква каква што е – секогаш има простор и треба да се делува состојбите да се подобрат и да се движат кон подобро. Тоа подразбира подобрување на капацитетите на болниците, и тоа: кадровски и материјално-технички, со обезбеден слободен пристап до здравствениот систем за сите граѓани подеднакво и каде ќе биде обезбедена квалитетна, навремена и точна здравствена услуга. Круцијално е постојано стручно надоградување и професионално доусовршување на мердицинскиот кадар.

Долги години работам како професор по стручни предмети во здравствена струка, во средното училиште при Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Соодветно, образовниот систем и состојбите во него ми се доволно познати и блиски. Образованието  на децата со посебни потреби, на сите нивоа, (од предучилишно, основно, средно и високо), е посебна и многу сложена проблематика. Инклузивниот процес, од друга страна, исто така бара сеопфатен и студиозен пристап за на истиот му се овозможи да го даде потребниот фидбек.

Економијата и судскиот систем, засновани на лојална конкурентност, отворен пазар, „чистење“ на рекетарството, корупцијата, судски систем одвоен од власта, ама  реално и имун на сите обиди на делување врз неговото функционирање. 

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Д-р Ламбе Крстески: Промени во Македонија се случуваат последните 30 години, некои добри, некои помалку добри. Политичкиот фактор треба да работи на стабилизација на државата, да го осети „пулсот“ на народот, да обезбедува услови за квалитетен живот овде, сега! Да гради и развива политики кои ќе продуцираат подобри позиции на Државата во меѓународната политика, јасен пат и цел кон која ќе се развива. Добра економија, стабилен судски систем, квалитетно здравство и образование.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Д-р Ламбе Крстески: . Искрениот, отворен пристап што го нуди МК концепт мислам дека најмногу, а посебно во овие малку поинакви времиња кога на сцена се некои други вредности, може да придонесе за подобро сега и подобро утре во нашата Држава.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Д-р Ламбе Крстески: Целиот свој интелектуален, стручен, човечки потенцијал максимално ќе го ставам на располагање и во функција на исполнување на поставените цели кон кои е насочена политиката на Македонски концепт. Секако, најмногу во делот на здравството и образованието, каде детално сум запознат со приликите, но и потребите од реформи и промени. Истовремено, не помалку ќе бидам присутен во другите области каде ќе се структурираат и реализираат потребните промени и имплементираат предложените проекти.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Д-р Ламбе Крстески: Затоа што преку проектите, концизно и брзо се доаѓа до посакуваните позитивни резултати, се поставуваат цели, се креира амбиент и конкретни активности за реализација на истите. 

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Д-р Ламбе Крстески: Да се „исчистат“ сите постоечки негативности кои ја кочат државата, да се отворат можности за подобрување на целокупното функционирање на системите и процесите за нормално уредување на Државата, воопшто. Да се постават критериуми и механизми за нивно контролирање; Систем кој ќе ги селектира сите неправилности и истите соодветно ќе ги коригира или санкционира.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Д-р Ламбе Крстески: Македонија како стабилна, силна држава, членка на ЕУ. Држава која нуди квалитетен живот, држава која им нуди можности на своите граѓани, а посебно на младите. Држава која има стабилна внатрешна и надворешна политика.

фото: Македонски концепт