fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Заев им ги додели мандатните писма на министрите: Вложете максимални напори, Северна Македонија да биде земја во која граѓаните сакаат да живеат и да придонесуваат за нејзино постојано унапредување

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на денешната втора седница, на министрите и министерките им ги врачи мандатните писма со утврдена мисија и задачи во нивниот четиригодишен мандат.

Повикувајќи ги да вложат максимални напори и ефективно да работат, премиерот Заев на министрите и министерките од новиот состав им порача да го слушаат гласот на народот и да им служат на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, раса, боја на кожа, потекло, припадност на маргинализирана група, социјално потекло, образование, религија, политичко уверување или било каква друга поделба.

„Ние, почитувани колеги, имаме обврска да ги исполниме очекувањата на сите граѓани, а овие мандатни писма се еден доказ, нешто што постојано ќе нѐ потсетува на она на кое сме се обврзале“, им се обрати премиерот Заев, на владините претставници.

„Гласот на секој граѓанин е глас за одбрана од коронавирусот КОВИД-19 и за успешно справување со здравствено-економската криза, глас за новата македонска економија, за нови и добро платени работни места, за правна и праведна држава, за чиста и здрава животна средина, за функционална инфраструктура, за ефикасно поврзување дома и со светот, за силна национална култура по угледот на европската и за образование, кое младите генерации ги подготвува за подобра сегашност и подобра иднина“, рече Заев посочувајќи дека тој самиот, како претседател на Владата, ќе ја унапреди структурата на неговиот кабинет, со цел да биде уште поотворен премиер и да обезбеди постојана двонасочна комуникација со сите граѓани и заедници на кои им е потребна помош.

Премиерот Заев обраќајќи се до членовите на владиниот тим, кој ќе го води во следните четири години, ги задолжи да одржуваат редовна и отворена комуникација со сите граѓани и засегнати страни во општеството преку унапредување на каналите за респонзивност, вклученост и учество, додавајќи дека истите принципи важат и за односот на сите членови кон медиумите, кои како што подвлече Премиерот се каналот преку кој Владата комуницира со граѓаните.

„Оваа Влада е мала, но секој од нас ќе се посвети на успешно и ефикасно работење: справување со светската пандемија со коронавирусот и надминување на здравствено-економската криза, ќе даде нова енергија во создавањето на подинамичен економски раст, одржлив развој, силни институции кои почитуваат ред и владеење на правото, ќе обезбеди услови за помодерно, европско образование,  ќе остане активна членка во НАТО и со силна волја ќе продолжи во напорите за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавјето за членство во Европската Унија“, рече премиерот Заев при денешното врачување на мандатните писма на неговите колеги, членови на Владата посакувајќи им здравје, среќа и успешна работа.

Тој исто така, на министрите и министерките им порача да се придржуваат кон Кодексот за етичко однесување на носителите на јавни функции именувани од страна на Владата и да вложат максимални напори, на крајот на четиригодишниот мандат како резултат на позитивните промени кои ќе ги направат, Северна Македонија да биде земја во која граѓаните сакаат да живеат и да придонесуваат за нејзино постојано унапредување.