fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Интервју Дино Блажески: Секогаш има простор за трет блок или опција која ќе го сруши меинстримот наметнат од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Разговараме со претседателот на УМС на ВМРО-НП Дино Блажески

Политика: Г. Блажески. ВМРО НП уште пред десетина години се залагаше за промена на изборниот модел во Македонија една изборна единица. Денес зад истата иницијатива застанаа СДСМ и сите други помали политички партии. Кое е вашето мислење – ќе успее ли оваа иницијатива за овие избори?

Токму така, пред десет години кога во јавноста се креираше чувство дека никој не може и не смее да понуди нешто поразлично од постоечкото излеговме со предлогот Македонија конечно да ја забетонира демократијата и плуралноста со тоа што ќе го промени моменталниот изборен модел со нов односно Една изборна единица без изборен праг.
Тогаш немаше никаков глас за поддршка особено не од оние кои денеска се најгласни во барањата што е и парадоксално особено ако кажеме дека истите партиски субјекти како денеска и тогаш беа дел од Власта па сепак не се пронајдоа како дел од нашиот предлог.
Овој пат поддршката е голема но сепак остава простор за сомнеж бидејќи како предизборно ветување на СДСМ од последните парламентарни избори тие решија да го остварат баш сега на неколку месеци пред предвремените избори кога реално ниту има време ниту простор за остварување особено ако знаеме дека за него се потребен и Бадинтер.

Ајде го разбирам стравот на ВМРО-ДПМНЕ па и загриженоста на СДСМ но не ми е јасен стравот на албанскиот блок политички партии кои пак во 2016 година излегоа со поддршка за една изборна единица за денеска после скоро четири години да го променат ставот и бараат сосем нови предлози.

Мислам дека нема да успее оваа иницијатива, барем не за претстојниот предвремен изборен циклус иако ДИК и официјално излезе со став дека се спремни дококу дојде до промена на изборниот модел. Факт е дека со овој предлог – модел добиваат помалите партиски субјекти но неспорен момент е и просторот за нови личности односно поголем избор при одбирање на некои идни власти или опозиции.

Политика: Има повеќе политички партии кои се десно ориентирани во политичкиот простор, но кои не се во коалиција со ВМРО ДПМНЕ. Има ли надеж дека ќе се појави трет политички блок кој ќе дејствува независно од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ?

Секогаш има простор за трет блок или опција која ќе го сруши меинстримот наметнат од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Доста време ВМРО-Народна партија важеше за трета политичка опција на македонската политичка сцена.
Опција за трет политички блок кој би стоел понастрана од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има и денеска, таков впрочем беше и коалицијата ВМРО за Македонија составена од ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и Достоинство. Јас би рекол, денеска има многу политички партии кои себе си не се профилираат како десни заради нивните структурни содржини и не навлегувам во нивните принципи на работење но можам да кажам за својата дека ВМРО-Народна партија отсекогаш имала разбирање и простор за коалициско окрупнување на тој таканаречен трет блок. Не сакам да наговестувам ништо но нека не чуди фактот дека трет блок може да се појави и на наредните предвремени парламентарни избори иако повеќе ја посакувам опцијата за самостоен настап на сите партиски субјекти во Македонија, секако доколку за тоа има услови односно една изборна единица.

Политика: Кое е вашето мислење за процесот на креирање на Законот за млади односно Законот за младинско учество по ново, како тече подготовката и дали се решаваат младинските отворени прашања?

Можеби и најчувствителниот Закон а со самото и тоа и процесот на негово креирање.

Како за се во државата така и за ова прашање има низа недоречености и работи кои можеби во иднина ќе донесат уште поголеми проблеми од постоечките кои се насобираат.
Процесот трае предолго, и разбирливо бидејќи државата дури сега сфати дека катастрофалната демографска состојба која е во огромна мера младинска не се должи само на невработеноста туку и лошата политичка клима како и премногу долгото отсуство на младите како законска целина. Се организираат јавни дебати, консултациски средби помеѓу раководства на партиски подмладоци, младински парламенти можеби и единствени од овој вид благодарение на Инситутот „Охрид“ кој единствено тој успеа да ги седне на иста маса сите партиски подмладоци во исто време. Во овој процес влегов со неколку цели од која една беше препознавање и признавање на партиските подмладоци како форми на младинско здружување, сега сопка на која паѓаат скоро сите партиски поборници кои учествуваат во процесот на креирање на законот. Имено во првичниот и единствен предлог-закон партиските подмладоци беа впишани и јасно дефинирани како постоечка форма на младинско здружување особено ако го знаеме фактот дека токму партиските подмладоци водат најголема бројка на млади во своите организации. Денеска таа дефиниција е избришана и подмладоците се врбоени во „некои други форми на здружување“ што е апсолутно неприфатливо. Моето прашање пак е до моите колеги кои се внатре во процесот, зошто молчат воопшто и дали и нивната цел е партиските подмладоци од каде всушност и доаѓаат треба да бидат јасно дефинирани и споменати како дел од идниот Закон за младинско учество?
Знам дека овие спорни моменти ќе стекнат мислење во јавноста дека се се работи за партиите но на крајот од краиштата и политички партии во случајов подмладоци се одговорни за состојбата во која се наоѓа младинскиот општествен живот и факт е дека тешко дека ќе ги вратиме одлеаните млади мозоци, сега треба и мора да се изнајде начин како да ги задржиме младите кои сеуште се тука во Македонија.