fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Интервју со Елмас Хасановиќ: Формирање на НАТО Центар за извонредност во регионот е од огромна важност

Ексклузивно интервју со М-р Елмас Хасановиќ Fulbright Alumni USA

ПОЛИТИКА: Предлагате формирање регионална организација во Македонија, и тоа НАТО Центар за Извонредност? Која е потребата од ваков центар во регионот и зошто баш под капата на НАТО, а не на пример во состав на друга организација?

Формирање на НАТО центар за извонредност во Македонија, во конкретниов случај НАТО Центар за извонредност за справување со кризни ситуации, е од огромна важност и тоа од неколку причини.

Најпрвин, нашата држава не е во можност самостојно да се справи со природни непогоди од поголем обем. Во 2016 година се случија катастрофални поплави, кои одзедоа 22 живота и нанесоа големи материјални штети. Минатото лето, како и неколку претходни лета, Македонија беше зафатена од големи пожари кои во добар дел беа и подметнати, а поради кои безмалку половина од нашата територија гореше. Во еден момент, покрај опасноста по животот и имотот на нашите граѓани, критично беше и во Националниот Парк “Галичица” кој истотака беше зафатен од големи пожари.

Второ, голем број од Балканските земји не се во можност самостојно да се справат со природни непогоди. Според Меѓународната датабаза за катастрофи, во периодот од 2007 до 2017 година над 3,000,000 луѓе биле загрозени, а околу 770 луѓе го имаат загубено својот живот од разни природни катастрофи кои го зафатија Балканскиот полуостров. Поточно, од 2007 до денес во Албанија се случија неколку разорни земјотреси, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Грција разорни поплави, во Романија, Словенија и Хрватска бури, како и екстремни температури на кои ја зафатија територијата на цел Балкански Полуостров. Материјалната штета причинета од природните катастрофи во овој временски период се проценува на над 8 милијарди американски долари За илустрација, од 2007 до 2017 година, материјалните штети во Грција изнесувале 2,4 милијарди УСД, во Србија 2,2 милијарди УСД, во Романија 1,2 милијарди УСД, во Бугарија околу 950 милиони УСД, во Босна и Херцеговина 500 милиони УСД, а во Македонија приближно 150 милиони долари. Голем дел од Балканските земји, вклучувајќи ја и нашата земја, имаат мали буџети и располагаат со лимитирани средства за ефикасно справување со природни непогоди од поголем обем.

Врз основа на претходните искуства на Балканските земји во справување со природните катастрофи, заеднички именител е солидарноста, т.е помошта (материјална и нематеријална) која била пружена од другите земји во најкритичните моменти. Оттука, потребата за формирање на еден ваков центар е повеќе од потребна. Формирањето на овој центар е во согласност со целите на НАТО алијансата – заеднички вредности и солидароност. Солидарноста во рамките на Алијансата, како во политичката така и во воената сфера, гарантира дека ниту еден сојузник не е принуден да се потпира само на сопствените национални напори во справувањето со основните безбедносни предизвици.

Во однос на прашањето, зошто баш под капата на НАТО а не како дел од некоја друга организација, одговорот е бидејќи не постои ниту една друга регионална или меѓународна организација на која цивилната и воената компонента е сродна или блиска со таа на НАТО алијансата. На пример, Регионалниот совет за соработка (РСС) со седиште во Сарајево, не предвидува ваков тип на делување. Покрај тоа, со формирањето на НАТО Центарот за Извонредност за справување со кризи се промовира хуманитарната димензија на НАТО која е многу малку позната кај нашите граѓани. На пример, НАТО сојузниците пружија хуманитарна помош и асистенција во справување со последиците од природните катастрофи во Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Пакистан, САД и други земји.

ФОТО





ПОЛИТИКА: Откако ја “начнавте” условно кажано оваа дискусија, една теза која кружи помеѓу познавачите на оваа тема е дека за да направите центар за извонредност потребно е да имате извонредност во таа област. Да се истакнувате. Точно ли е ова? Дали се согласувате со оваа теза?

Апсолутно е неточно, и не се согласувам со таквите тези. НАТО Центарот за извонредност за сајбер одбрана е формиран во 2008 година, и е со седиште во Талин,Естонија. Еден од најреномираните центри за сајбер одбрана во светот. Но, за пошироката јавност, многу малку е познато што претходеше на формирањето на овој центар.
Имено, формирањето на овој Центар за извонредност од ваков тип е иницирано во 2004 година, веднаш со приклучувањето на Естонија во НАТО. Во него членуваат 25 држави, и земји-членки и партнери на НАТО. Но, неговото основање и функционирање стапи во сила дури во 2008 година. Првите политички мотивирани сајбер напади против Естонија во 2007 година делуваа како “повик на будење” кон другите нации и Алијансата, алармирајќи ги сите за растечката важност на потенцијалните закани во сајбер областа. Овие сајбер напади врз Естонија, кои траеја во временски интервал од 22 дена, се претпоставува дека биле оркестрирани од официјална Москва. Веднаш после ваквото искуство, на 14 мај 2018 година е формиран НАТО Центарот за извонредност за сајбер одбрана. Оттука, Естонија немала извонредност во оваа област за да би формирале НАТО центар за извонрденост. Напротив, тие формирале центар за извонрденост за сајбер одбрана за да создадат капацитети за борба против сајбер нападите врз нивната земја, но и Алијансата во целост. Колку за илустрација, во 2008 година, и Грузија беше цел на сајбер напади. Овие напади траеја приближно исто, над 3 недели. Исходот во Естонија е следен: НАТО сојузниците се вклучија во колективна одбрана на Естонија и создадоа капацитети за сајбер одбрана, Естонија брзо се извлече од кризата и успеа да ја задржи целовитоста на својата држава. Од друга страна пак, врз Грузија беше извршена воена агресија од страна на Русија, паралелно со сајбер нападите кои се случуваа врз клучните државни институции. Целата земја беше парализирана. Исходот во Грузија е следен: анексирање/окупирање на Јужна Осетија од страна на Русија, парализирани институции, банките целосно хакирани и во неможност да исплатат плати, сојузниците испраќаат експерти од НАТО Центарот во Талин да пружат помош во рестартирање на системите и стабилизација на ситуацијата, а од безбедносни причини домеинот на Грузија се префрли во Атланта, САД.
Во таа насока, сите горенаведени природни катастрофи и кризни ситуации кои се случија на Балканскиот полустров, посебно поплавите и пожарите во Македонија и регионот како земјотресите кои се случија во Албанија се “повик за будење” за создавање ефикасен и ефективен НАТО центар за извонредност за справување со кризни ситуации.

ПОЛИТИКА: Што всушност би вклучувал овој центар? Како го замислувате? Доколку можете објаснете малку повеќе за овој центар?

Во Македонија постојат повеќе од 3 институции кои делуваат во кризни ситуации, а тоа се Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и Министерството за одбрана која ја активира армијата во кризни ситуации од поголеми размери.

Овие две организации, ЦУК и ДЗС, од досегашното искуство се во постојано ривалство. Поточно, политичко ривалство. Двете организации имаат посебен кризен штаб, располагаат со одредени ресурси за справување со кризни ситуации од помали размери. За ситуацијата да биде уште полоша, соработката и координацијата помеѓу овие две институции е на незадоволително ниво.
За илустрација, според предлог буџетот за 2020 година, за ЦУК се предвидени над 3,2 милиони евра, за ДЗС над 4,5 милиони евра, а за министерството за одбрана се предвидени приближно 165 милиони евра што е пак приближно 1,4% од БДП (НАТО стандард).
Оттука, пред формирање на НАТО Центарот за извонредност потребно е реорганизација и реструктуирање на државните органи. Поточно, приспојување на ЦУК и ДЗС во една институција, и истата да биде под “капата” на министерството за одбрана. Зошто? Од повеќе причини. Прво, овој центар би располагал со повеќе финансиски и човечки ресурсии неопходни за нивната работа (преку приспојувањето на буџетите). Второ, во одбраната работат и цивилен и униформиран персонал. Во овој центар би работел цивилен персонал стручен за справување со кризни ситуации, кој би се командувал од едно место, и по потреба би се активирал и униформираниот персонал, т.е припадниците на армијата. Трето, повеќе средства би се алоцирале за потребите за овој центар, додека во исто време се олеснува постигнувањето на прагот од 2% од БДП. Последно но не и крајно, нашите граѓани имаат потреба од ефикасен, стручен и добро опремен центар за справување со кризни ситуации.
Во описот на работите овој центар, покрај другите работи, нужно потребно да вклучува и истражување и анализи на моменталните концепти и модели за справување со кризи, размена на искуства и добри практики, анализа на слабостите во системот за справување со кризи, рана детекција и рано предупредување, симулации на терен, теренски вежби во сите временски услови, координација и командување, сајбер заштита на компјутерските и комуникациските системи при кризни ситуации и сл. Армискиот полигон “Криволак” е најидеалното место за изведување на теренските вежби и симулациите, бидејќи пружа најидеални услови за вежбовни активности од ваков тип. Најбитното нешто што овој центар би требало да го има се тимовите за брз одговор при катастрофи. Овие тимови би биле мобилни и спремни за распоредување 24/7 во текот на целата година.
НАТО Центарот за извонредност за справување со кризни ситуации би бил мултинационален центар за справување со кризи во кој би членувале и сојузниците и НАТО партнерите. Реорганизација на системот за справување со кризни ситуации би бил првиот чекор кон формирање на ваков центар во Македонија. Начинот на управување, учество на земјите како и начинот на финансирање на центарот е предмет на друга дебата, и истиот сум спремен во секое време да го презентирам пред надлежните институции.

ПОЛИТИКА: Кои би биле придобивките од еден ваков центар?

Придобивките се бројни. Едната од нив е создавање на модерен, стручен и опремен центар за справување со кризни ситуации. Со ова докажуваме дека животот и сигурноста на граѓанинот е пред сè и над сè. Овој центар би бил цврста гаранција дека граѓаните може да се чувствуваат безбедни и сигурни во секоја ситуација. Промоција на државните интереси и меѓународно позиционирање. Понатаму, НАТО Центарот би имал позитивно влијание врз економијата. Се отвора можност за домашните компании да вршат набавки за потребите на центарот, како и можности за вработување на локално население. Освен тоа, економски придобивки би имале и компаниите во областа на угостителството, хотелиерството и трговијата со недвижности, а од сето тоа, државата би генерирала свој приход преку данокот и разните такси. На крајот, но не и последно, преку соработка до долготрајни и издржливи решенија. Соработката меѓу сојузниците ја завцртува кохезивноста и единството во Алијансата. Покрај тоа, соработката помеѓу НАТО сојузниците и партнерските земји е од огромна важност, посебно имајќи ги во предвид политичките односи помеѓу земјите на Балканот. Еден ваков центар, преку непосредна соработка и заедничко делување во кризни ситуации, би имал позитивно влијание врз намалување на политичките тензии, етничката нетрпеливост и културните разлики помеѓу нациите. Тоа, пак, ќе придонесе до трајно помирување и долготраен мир и стабилност.

ПОЛИТИКА: Кои би биле предизвиците од формирање на ваков центар?

Единствен предзвик би бил недостаток на политичка волја и решителност за формирање на еден ваков центар. Сметам дека политичките калкулации, во однос на тоа кому која институција ќе припадне, или дали коалициските партнери ќе изгубат одредено директорско место или не, е најголемиот предизвик на патот до формирање на ваков центар за извонредност. Мислам дека се создадени вистинските услови за една ваква иницијатива. Државните интереси треба и мора да се над политичките интереси. Убеден сум дека оваа иницијатива ќе наиде на широка поддршка, не само од стручната јавност туку и од политичките чинители во земјата.

ПОЛИТИКА: Како гледате на можноста преку новата политичка платформа “Македонски концепт” да ги промовирате Вашите иновативни решенија?

Ги поздравувам сите иницијативи кои работат на јакнење на капацитетите на граѓанското опшество. “Македонски концепт” е новина на македонската јавна и политичка сцена, која работи на промоција на иновативни граѓански концепти и иницијативи кои имаат за цел подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, јакнење на капацитетите на државната управа, владеење на правото итн. Јас на овој концепт гледам како платформа преку која младите имаат можност да бидат слушнати, без оглед дали се политички активни или не. Инклузивноста на граѓанското опшество во сите форми на управување на државата, преку формално и неформално учество, е клучно за реформската агенда на нашата земја за интеграција во ЕУ и НАТО.

ПОЛИТИКА: Дали во иднина себе си се гледате како политички активист, подготвен да предводи реформски проекти во институциите на државата?

Јас доаѓам од невладин сектор. И моментално сум активен во тој дел. Имено, сметам дека и професионалци кои не се дел од ниту една политичка партија, доколку се докажани стручњаци во својата област, заслужуваат да бидат на чело на институциите на државата и да раководат со реформски проекти. Досега не сум размислувал за било какво политичко делување, но не би ја исклучил можноста за мој професионален ангажман за потребите на државата, доколку истото не е условено со припадност во одредена политичка партија.