fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Како настанавме ние Македонците (втор дел)

Дали македонската династија од Константинопол, ги обедини македонизмите?

Со цел да го спречат ромејското влијание, Бугарите ја уништуваат Црквата Јустинијана Прима, но не се обидуваат да ги вратат во паганска вера, веќе христијанизираните славомакедонисти, кои биле силно конектирани со Константинопол. Ромеја ја спознава својата грешка за отпорот да го користи словенскиот јазик во Богослужбата, кој веќе се користел во царството Бугарија. За таа цел ги активирале најискусните и прочуени ромејските мисионери, браќата Св. Кирил и Методиј, докажани христијанизатори во арапскиот свет и покрстувачи на Хазарите (најголемите душмани на Бугарите), да создадат словенска азбука и да започнат да шират ромејско влијание на словенски јазик, со цел да го уништат бугаризмот. Главна задача, да ја возобноват славата на Црквата Јустинијана Прима, а сите словенски држави да ги поттчинат на таа Црква, да ги тргнат на страна од влијанието на бугаризмот или да го ромеизираат самиот тој бугаризам. Прво што направиле, било да мобилизираат ученици од редот на славомакедонистите, жители од близината на Солун, лојални на Ромеја, кои биле под бугарска или ромејска власт, но жестоко се спротиставувале на бугарскиот паганизам или на ромејскиот фанатизам за наметнување на грчкиот и латинскиот јазик. Заедно со нив, ја создале првата славомакедонистичка азбука – ГЛАГОЛИЦА, која требало да стане официјална во Богослужбата на новата словенска Црква на Балканот. Го подготвувале теренот за славната, древна Охридска Архиепископија. Бугаризмот никогаш, никогаш не ја прифатил глаголицата за своја, знаеќи дека ќе биде поразен преку делото на Светите браќа Кирил и Методиј. Првата мисија била на територијата каде постоеле старите словенски Кралства, источна Македонија, но забележале дека бугаризмот е силно наметнат и дека без покрстување на бугарското царско семејство Дуло, нема да успее никаква мисија на територијата на Првото бугарско царство. Единствено што направиле на територијата на Македонија е спој помеѓу интересите на двата македонизми (хеленизам и славомакедонизам) и создавање на првата словенска азбука – глаголица. Но Византија немало да биде Византија, ако не најде начин да ја покори Бугарија. Во име на тој балкански „славјанизам“, Ромеја договара соработка со словенските држави низ централна Европа, со цел да ги покрсти во православната вера – константиполски ред, да ги стави под свое влијание и да ги насочи да нападнат на Бугарија зад грб, за да ги „ослободат“ своите славјански браќа на Балканот од Бугарите – пагани. Тоа е Моравската мисија во Велика Моравија. Ова е сонот за „славјанското единство“, т.н. пансловенизам, ромејски производ, кој до ден денес го користи Русија за свое влијание на Балканот. Ширењето на православието во централна Европа, предизвикало судир со Рим и Папата, по што знаете како завршиле Светите Браќа.

Бугарите притиснати од југ и север, се согласиле да ја прифатат христијанската вера, но барале да имаат своја Бугарска Црква. Ромеја им испраќа дел од учениците (славомакедонисти) на Светите Браќа, под водство на веќе прогласениот Епископ Св. Климент Охридски во Плиска, бугарската престолнина, да го покрстат бугарскиот Цар, кој добил христијанско име Борис Први. Епископот Св. Климент добива задача од Константинопол, да продолжи со мисијата на Св. Кирил и Методиј низ Словените во Македонија, особено во Охрид. На таа негова мисија, не смеел да се спротистави бугарскиот Цар, како што правел предходно со мисиите на Светите Браќа во Македонија, зашто прифатил и политички и воен сојуз со Константинопол. Св. Наум добива задача да остане во Плиска и да ги покрсти Бугарите. Така татко на Преславската книжевна школа и на Бугарската Црква станува Св. Наум, со задача да го христијанизира бугаризмот, а татко на Охридската книжевна школа станува Св. Климент, со задача да продолжи да ги христијанизира Словените и да го промовира славомакедонизмот. Царот Борис Први, особено Симеон Први, кој ја преместил бугарската престолнина во Преслав, кон крајот на 9ти век ја создава Преславската Патријаршија, со службен словенски јазик. Но никако не сакале да ја прифатат глаголицата како службено црковно писмо, зашто ја сметале за дело на славомакедонизмот. За Константинопол било важно Бугарите да се покрстат, а не било важно која азбука ќе ја користат. Така дозволиле, нивните мисионери да создадат нова азбука во чест на Константин Филозоф – Св. Кирил, славната – КИРИЛИЦА, нова азбука која ја прифаќа бугаризмот за своја, а ја отфрла старата протобугарска азбука. Зачетоците на новата Бугарска Црква вешто ги користела кавгите помеѓу христијаните на Константинопол и Рим, со цел да добие признавање од Римскиот Папа, а да се тргнат од власта на Вселенскиот Патријарх. Од таму е и традицијата на Унијатската Црква на Бугарија, православни под намесништво на Римскиот Папа, до денес. Гоце Делчев бил припадник на таа Црква. Новата Бугарска Црква, започнала да ги собира словенските Епископи од Јустинијана Прима од старите Склавинии во своите редови, поради словенскиот јазик. Бугарскиот јазик бил целосно отфрлен од употреба и заборавен низ вековите. Во Македонија, иако под бугарска власт, на Св. Климент му било дадено да направи засебна црковна организација, по барање на Константинополската Патријаршија, како услов да ја признаат Преславската Црква и да ја тргнат од влијанието на Римскиот Папа. Така Бугарската Црква под уцена, е призната од Константинопол, добива челник Ромеј / Грк и симната е на ранг на Егзархија, а Св. Наум го напуштил Преслав и заминал на мисија да му помогне на Св. Климент во Охрид, да ја изградат новата славомакедонистичка Црква, под јуриздикција на Константинопол. Со тек на времето, Бугарите успеале да ја потиснат Ромеја од влијание во нивната Преславска Црква, а на крајот на 10от век да ја издигнат во ранг на Патријаршија со прв Патријарх Дамјан Доростолски. Тие немале никакво влијание врз Охридската Св. Климентова Црква, која имала своја мисија, да го издигне славомакедонизмот на ниво на различен идинтитет или да ги ромеизира Словените, со цел да го спречат бугаризмот да ги бугаризира и оние кои никогаш не се идентификувале со Бугарија. Охридската Црква, позната како Величка Епархија, според едни е во рамки на Вселенската Патријаршија, според други (особено современи бугарски автори) во рамки на Преславската Црква, но секако раководена од ромејскиот мисионер Св. Климет Охридски, а „ректор“ на Охридската книжевна школа (првиот Словенски Универзитет во светот) станува Св. Наум Охридски. Нивните наследници биле „Епископи на словенскиот јазик“ или „Епископ на словенскиот народ“, каква титула носел Епископот Марко, наследникот на престолот на Св. Климент Охридски. 

Митот за античкиот македонизам, особено желбата да се спојат двата македонизми во едно, прави на власт во Ромеја да се појави Македонската династија со потекло од Одрин (Ве молам запомнете го ова „од Одрин“, лулката на македонизмот, клучно е за следните продолженија), која дала 17 Императори на Ромеја, владееле од 9ти до 11ти век. Тоа е клучниот период за победата на македонизмот врз бугаризмот. Тоа е времето на пропаста на вистинскиот бугаризам, пропаста на Првото бугарско царство (никогаш не е обновено, зашто Второто бугарско царство е продукт на Романците) и првата катастрофа на Бугарите. Токму тие Ромејски Императори се обединувачи на двата македонизми, преку стратегијата за толеранција помеѓу словенскиот и грчкиот јазик во Богослужбата. Војната помеѓу ромеизмот / хеленизмот и бугаризмот за себенаметнување врз славомакедонизмот, се заострува. Силата на Бугарија пораснала до тој степен, што го освоила целиот Балкан, а Симеон Први се прогласил за Цар на сите Бугари и Ромеи. Со тоа им ја оспорил круната на Македонците, тоа значело подготовка за напад на Константинопол. Тоа веќе било црвен аларм за Византија / Ромеја, која започнува војна со цел до темел да ја уништи Бугарија и нејзината Црква. Ги активира Русија и Унгарија да нападнат од север на Бугарија, а Ромеја влегува во Преслав. Бугарските бољари и остатоци од војската, заминуваат кон Македонија со цел да се реорганизираат и да продолжат со војната. Тие под водство на браќата Мојсеј, Арон, Давид и Самуил, создаваат нова династија Комитопули / Комити (династија на Кнезовите, веројатно по славата на старите словенски Кнезови), а за своја Црква ја избираат Охридската епископија. После долгата војна, Самуил се прогласува за Цар на Бугарите и Ромеите, а Охридската Црква ја прогласил за Патријаршија, на чело со Патријарх Герман, кој нема да биде поттчинет на Вселенската Црква. Тоа му го признал Римскиот Папа Григориј Петти. Така тој го киднапирал славомакедонизмот, чедото на Константинопол, а на чело на бугаризмот останал да раководи Преславскиот Патријарх Глигориј. Цар Самуил направил фатална грешка, после смртта на Глигориј, пропаѓа Преславската Црква, а јуриздикцијата врз цела бугарска територија ја презема Охридската Црква. Врз база на правото на тој славомакедонизам, цар Самуил ја освојува скоро цела територија на Македонија и Тесалија, денешна Централна и Северна Грција, а нивните Епархии ги става под јуриздикција на Охрид, вклучително и православните епархии на Малта и Сицилија, со амин на Рим. Со тоа Цар Самуил и официјално објавил обединување на славомакедонизмот и бугаризмот против хеленизмот, што ја полудел македонската династија во Константинопол. Започнува војна, ромејскиот император Василиј Втори Македонски крваво се пресметува со Цар Самуил, ја ослепува неговата војска, убива голем дел од локалното бугаризирано население, со што добива назив Василиј Бугароубиецот. Токму тој Василиј Втори Македонски – Бугароубиецот, кој себе се сметал за носител на славата на античкиот македонизам / хеленизам, ја признава Охридската Црква, на ниво на Охридска Архиепископија, во братска љубов со Вселенската Константинополска Патријаршија (денес се обидуваме со помош на САД, ова да го возобновиме и да ја вратиме во македонски раце, неканонски укинатата Црква, лулка на македонизмот, древната Охридска Архиепископија). Преку таа Охридска Црква, Ромеите започнуваат обратен процес на наметнување на славомакедонизмот на територијата на Првото Бугарско Царство и насекаде низ целиот Балкан, каде живеело словенско население. Охридската Архиепископија е гробницата на изворниот бугаризам на Балканот, триумфот на политиката на македонските Императори и хеленизмот. Затоа ние, денешните Македонци трепериме кога одиме во Охрид и поминуваме покрај Светиот Храм Софија, а не знаеме зошто. Е тоа е така драги мои, зашто тука сме родени. Тука ни е коренот на родот македонски. Затоа Бугарија направи куп војни и до ден денес војува да го владее Охрид, за бугаризмот да се одмазди и да го задуши македонизмот. Затоа и украдија се што најдоа од Охридската Црква во Охрид, за време на Големата војна – Прва светска војна. Војната трае до денес!

… продолжува!

Петар Богојески с.р.