fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Милан Стојановски: Македонија мора да се ослободи од прангите на мафијата, досегашниве владејачки гарнитури покажаа не само дека не можат да се борат со неа, туку се и нејзини продолжени раце

Интервју со Милан Стојановски,  кандидат на листа на пратеници за ИЕ 3

Милан Стојановски, Адвокат во РМ и Правен консултант за Имиграционо и Даночно право во САД.

Магистер од областа на правото на интелектулна сопственост при Универзитетот Illinois Institute of Technology, Chicago Kent College of Law во Чикаго, САД.

Магистер на правни науки од областа на Меѓународното право  и меѓународните односи при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Правен Факултет Јустинијан Први во Скопје, Македонија

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Македонски Концепт за првпат во кратката и декадетна политичка историја по осамостојувањето на Република Македонија понуди различност на политичката сцена. Никогаш порано една политичка опција не дозволила обичниот и чесен човек да се вклучи во креирање на политики и предлози и истите да бидат прифатени и внесени во програма. Најчесто ваквите проекти на султанските партии во Македонија завршуваат со предлозите на граѓаните во машина за уништување на хартија. Иницијална каписла да влезам како активист во Македонски Концепт ја имаше Петар Богојески. Иако истиот знаеше дека скоро две години сум на дообразување на мастер студии во САД, ми се јави и од мене побара да дадам свој предлог реформи во правосудтвото. Само размислете, дали некогаш некој друг политичар или политичка опција би го имала овој пристап кон обичниот граѓанин. Неколку дена после краткиот разговор на телефон и нафрлање  на можни решенија за овој проблем, имав можност да ја гледам презентацијата на Македонски Концепт преку социјалните медиуми. Замислете, разговарате на телефон во најобичен опуштен разговор и после две недели некоја политичка опција работела, истражувала и  направила рамковен предлог за реформи во правосудството во голем дел на предлозите што сте ги дале. Бев изненаден и почестен, а посебно благодарен и горд што колегите адвокати кои се дел од Македониски Концепт подробно ја разработиле проблематика и создале одличен проект во кој се вклучени и моите предлози. Знаете, за прв пат почуствував дека Македонија е конечно спремна да го примени еден од најважните принципи во нашиот Устав „…Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Милан Стојановски: Не знам дали за жал или за среќа, да ова е мојот прв посериозен политички ангажман. Моите предтци доста страдале во Кралството и во Комунистичка Југославија. Се за што работеле им било насилно одземано и ги враќале на почеток. Се сеќавам како дете како татко ми се бореше 10-15 години да ги собере сите тапии и документи од национализираниот имот на прадедо ми. Во едно такво опркружување природно е да се приклониш кон опцијата која е против наследникот на КПЈ/КПМ. Долги години бев член и активист на ВМРО ДПМНЕ. Не знам дали сум сеуште член (затоа што не исклучуваа без да знаеме), но некаде кон крајот на 2012 година целосно го пасивизирав мојот активизам поради преголемата контрола која тогашното раководство ја презема врз членовите, а посебно ме повреди мешањето во приватниот живот. Но, сега сметам дека сум доволно стручен и способен сериозно да се вклучам во креирањето политики за подобра и нормална Република.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Милан Стојановски: Пресудно за подобро идинина на државата е да го смениме начинот на размислување. Да престанеме сите да бидеме ескперти за се. Всушност најдобро прво да престанеме да бидеме експерти, туку само со својата скромна стручност, секој во својот домен да допринесе онолку колку што може. Мораме конечно сите да си го најдеме своето место под сонцето македонско. Кога секој од нас би дејствувал во полето за кое се образувал или работно се надградувал ќе се исчисти сивилото во Републиката. Па тука ќе се навратам на оние Експерти за СЕ. Настрана од граѓанството, овој феномен е се поизразен во владејачките гарнитури, па така се ротираат министри од едно во друго министерството без никакво познавање од проблематика која треба да ја менаџираат. Јас потполно го разбирам дека премиерот во својот кабинет и во својата влада сака да постави луѓе од доверба и можам дури и да замижам доколку се постави несоодветен профил на министерска позиција, но не можам да замижам на фактот дека истите тие луѓе не знаат да го изменаџираат ниту својот кабинет, па ги полнат министерствата со партиски кадри кои ниту можат да допринесат за работата на органот и уште полошо не можат да бидат соодветно менаџирани, затоа што ви нивните умови нивниот работодавец е партијата која ги донела таму. И тогаш овие функционери си земаат за право тие да ги креираат политиките кои се многу поголеми од нив и многу поважни од нив. Во тој момент се ко кула од карти се распаѓа органот на управување, кој е една од поважните карти во кулата наречена држава. Единствен начин за подобра иднина е поставување на така наречена „мерит“ администрација воспоставена со едиствена цел, да служи како сервис на граѓаните и на државата, не само на своите
„работодавци“.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Милан Стојановски: Да се ослободи од прангите на мафијата. Мафијата е присутна во секој пора од нашето општество, а досегашниве владејачки гарнитури покажаа не само дека не можат да се борат со неа, туку се и нејзини продолжени раце. Расчистувањето на врските со мафијата и нејзино кривично гонење е најголемиот приоротет, па макар и со ризик по својот живот. Оној што не е спремен да го ризикува својот живот за своите следбеници, не може да биде лидер и никогаш повеќе не треба да му се дозволи. Кога ќе расчистиме со криминалот и корупциите, ќе бидеме поголеми европјани од било која европска држава. Тогаш и само тогаш нема да бидеме уценувани, туку напротив, молени да се прилучиме кон европското семејство на кое и припаѓаме.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Милан Стојановски: Европскиот концепт на слободен проток на капитал, добра, услуги и труд, либерализација на банкарскиот сектори, дигитализација и реформи во правосудството. Колку клише звучи ова последново „реформи во правосудството“?! Во последниве 30 години се изнаслушавме за овие реформи од секоја политичка гарнитура, но на дело видовме само класична злоупотреба за сопствени лукративни цели, партиски контролирани судии, нестручно, неефикасно и корумпирано судство и обвинителство. Тимот од Македонски Концепт за реформи во правосудството кој не е составен од „експерти“ туку од луѓе во праксата од тој систем на државата, има изработено проект за според нас најпозитивните искуства од државите низ светот. Доста беше со препишување закони од Германија и Хрватска кои не знаеме како да ги примениме. Македонија е една од најмладите држави на балканот и треба да градиме правосуден систем кој ќе биде апликативен на нашите карактеристики и ефикасен во владеењето на правото. Ги анализиравме искуствата од САД и Англија како земји припаднички на прецедентното право, како и Австрија, Германија, Франција и Скандивнавските земји како припаднички на континеталното право и создадовме хибрид за нашите услови, а во согласно со принципите на европското право како земја која се стреми да стане членка на европското семејсво.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Милан Стојановски: Иако моментално живеам и работам во САД, јас сум во постојана комуникација со тимот за реформи во правосудството. Разменуваме идеи помеѓу нас како и идеи од нашите колеги ширум светот. Со мојата скромна стручност и искуство како адвокат и правник во два комплетно различни системи посветено работам на креирање решение за систем кој ќе биде применлив и ефикасен за владеењето на правото во Република Македонија. Доколку ми биде дадена подршката во ИЕ3 каде што сум кандидат и каде што припаѓа моето родно Свети Николе, се обврзувам да бидам народен пратеник на секој еден граѓанин на Републиката без разлика на верската, националната или политичката припадност. Целта на Македонски Концепт е да му дадеме на секој граѓанин шанса да управува со својата држава на еден модерен македонски начин, секој со своето знаење и искуство да придонесува кон сферата во која делува. Ова ќе го постигнам со организирање на редовни средби со граѓаните и сослушување на нивните предлози, идеи, проекти и безрезервна поддршка од Македонски Концепт за нивна реализација.   

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Милан Стојановски: Како што споменав и претходно, еден од проектите каде што се чувствувам најспремен да помогнам е воспоставување на нов правосуден систем и владење на правото. Се залагам за формирање на една единствена правосудна комора во која ќе членуваат сите правници, судии, обвинители, адвокати, нотари, извршители. Комора со свој дисциплински суд за сите нејзини членови кои ја злоупотребиле својата позиција и која ќе има можност да им ја одзема или суспендира лиценцата на членовите. Па така доколку Судија се огрешил пред законот или ја злоупотребил својата позција и на истиот му биде одземена лиценцата од комората, истиот ќе мора да биде разрешен бидејќи станал неподобен да биде судија. Истото ќе се однесува и на останати членови, обвинителите, адвокатите итн. Комората во своите органи ќе има и комисија за именувања преку која низ неколку филтри ќе треба да поминат сите апликанти за некоја од наведените фунцкии или професии, па дури после поминување на сите филтри етички, морални и законски ќе можат да станат кандидати за истата функција. Овие филтри ќе се состојат од  практично искуство, финански ветинг, политичка активност или морална позадина со подетални анализи апликативни на самата фунцкија за која се кандидираат. Судиите и обвинителите ќе се бираат на непосредни избори од граѓаните или непосредни избори во самата комора само откако ќе ги поминат сите филтри за чесност и отчесност. На истите, на секои 5 години ќе им биде спроведувања финансиска ревизија каде што ќе мора да го докажат потеклото на имотот со кој се стекнале од преземањето на фукцијата. Доколку се увиди злоупотреба за истите ќе биде поведен соодветна постака за одземање на лиценца, разрешување од функција и соодветно кривично или граѓанско гонење. Последиците за нив ќе одат дотаму да не само го вратат имотот со кој нелегално се стекнале туку платата и дополнителни казни за штетите кои ги предизвикале, проширени во реална штета и казнена штета. Вршењето на јавна функција или функција со јавни овластувања мора да ја гарантира својата чесност со целиот свој имот.Секој граѓанин ќе има можност да го повика на одговорност судијата, обвинителот, адвокатот, нотарот, пред дисциплински обвинител и да ги изнесе своите докази и сознанија, а дисциплинскиот обвинител иститот предмет ќе го образложи пред дисциплинскиот суд. Само така ќе изградиме чесно судство,чесно обвинителство, чесен нотаријат итн. Само чесноста и совесноста во правосудните органите ќе донесат владеење на правото, а владеењето на правото ќе расчисти со мафијата и ќе ја стимулира економијата.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Милан Стојановски: Затоа што ни е доста прераскажани бајки кои не само што не завршуваат добро, не завршуваат ни трагично, туку трагедијата никогаш не завршува. Ние живееме во ужас без крај.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Милан Стојановски: Македонецот со векови трпел угнетување и сеуште го трпи. Но кога македонец ќе каже доста е, за тоа слуша светот и Европа. Како што експлозиите на солунските атентати одекнаа дури до Франција и Америка и експлозијата на модерниот македонец ќе одекне силно. Најголемите и најискусните ќе се поклонунваат на храброста и посветеноста на најмладите, како што светот им се поклони на гемиџиите. Македонија ќе стои гордо, рамо до рамо и ќе биде почитувана од најголемите. Да, и ова звучи како бајка, бајка која мора самите да ја створиме за да ја живееме, бајка која за да стане реалност мора да ја слушне експлозијата. Како што познатиот македоснки бенд Архангел испеа:

Ѕид од празни зборови

Меѓу нас и она што е суштина,

Чекам истрел да те разбуди

Чекам истрел кој ќе пресуди

Убер Македонише (Надмакедонец)

Го изврвивме патот од црв, преку мајмун до човек,од робство, преку фиктивна држава до слобода и независност.Сега мора да станеме надмакедонци, во спротивно ќе останеме најголем мајмун од сите мајмуни, најголем роб од сите слободни.

Македонски Концепт е истрелот кој ќе пресуди!

фото: Македонски концепт