fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Николовски: Ќе има проверка на потеклото на имот на функционерите

Заменик претседателот во Владата за борба против корупција и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски денеска ги најави целите на кои ќе биде фокусиран. Кратење на бенефициите на функционерите и проверка на потеклото на нивниот имот, се дел од нив.

-Ќе работиме на редефинирање на кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и на функционерите, така што тој  ќе стане поприменлив и во согласност со најдобрите меѓународни искуства. Ќе важи принципот нулта толеранција за корупцијата за целата администрација. Секој што ќе направи злоупотреба ќе сноси одговорност. Мора да има ред. Ќе се разработи системска алатка за следење на парите и капиталот на функционерите за да се превенира навреме злоупотреба на парите на граѓаните. Мојата улога ќе биде координативна, треба да доведе до видливи резултати во борбата против корупцијата, рече тој, споменувајќи ги под таа „капа“ МВР, Управата за заштита од корупција, Царинската управа, инспекторатите и целата извршна моќ и институции што се платени да се борат против криминалот и корупцијата.

-Ќе ги премостувам пречките и бариерите во меѓусебната комуникација на оние кои се задолжени да работат против криминалот и корупцијата. Отворена меѓуинституционална комуникација мора да има за да има резултат, и тоа на дневно ниво. Мојот мандат сепак не е да создавам паралелен систем на постојниот туку да бидеме нивен стабилен партнер. Може да направиме дела, да изградиме историја, граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари и како работат или не работат буџетските институции. Сите ќе мора да објавуваат извештаи за своето работење и да имаат план за тоа кои ќе бидат нивните идни цели. Ќе се разгледуваат детално сите квартални извештаи на институциите. Нема да бидат отчетни само министерствата туку ќе отидеме подалеку, истакна Николовски.

Тој потсети дека еден од столбовите на новата влада е кратење на привилегиите на функционерите, бидејќи тука се дојдени да работат за плата, а не за бенефиции.

-Може да се скратат многу бенефиции и привилегии, но основно е дека ќе притиснеме целосно да имаме отворени податоци. Само пред неколку години се трошеа милионски износи на забави во странство и на скапи коли. Се уште има постапки и права што не се до крај дефинирани и голем број комисии во кои учествуваат раководители или членови од самите министерства и земаат и плата и надомест, рече Николоски.

Николовски кажа дека резултатите од борбата против корупцијата и криминалот не може да даде резултати преку ноќ, потребно е време, но најави дека во овој 4-годишен мандат на Владата тоа ќе биде еден од приоритетите, за да се врати вербата на граѓаните во институциите.