fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Образование во офсајд!

Толку многу работи недостасуваат во Македонија. Уште повеќе не функционираат и тие што ги имаме. Но ништо не боли повеќе од децата! Веќе децата ни се жртви на нефункционалниот систем на образование. Кој е ова пораз за сите нас, како родители. Точно е, државата, системот не чинат… но што направивме ние за да го промениме, за да си ги заштитиме децата од ваков нефункционален систем? Вината е повторно кај нас родителите, кои си дозволуваме да толерираме вакво образование, ваков неред во тој сектор, да децата веќе дирекно ни зависат од пазарите на некои „инсталирани“ функционери во образованието. Јас упорно се прашувам, што треба да направат со нас, за да кажеме ДОСТА Е?!? Нели е доволно тоа што ни го правеа на нас, па сега започнаа да ни ги уништуваат и децата, а ние повторно молчиме. Никако да кажеме “Доста е!”.

Здравствената криза трае веќе десет месеци. Нели имаше сосема доволно време од март до сега, да се осмисли и спроведе стратегија за проблемите во образованието? Вака ли се решаваат проблемите, пет до дванаесет? Самото тоа покажува колку неспособна влада и институции имаме. Доаѓаат избори и ништо не функционира. Министерот е растрчан на терен, лови гласови. Нема кој да одобри. А што прават илјадници стручни лица, да функционираат без тој толку посакуван министер? Каде се агенциите задолжени за образованието? Или и нивните директори беа растрчани по гласови? И сега кој да ја плати сметката за нивната немарност? Нашите деца? Не може веќе така, другари и другарки!

Сосема друго прашање се наставниците и школите. Тие се веќе за жалење. Оставени на маргините на општеството, како да се занимаваат со собирање на шумски плодови, а не со образование, постојано притискани и уценувани од партиските машини, без основни услови за работа, а принудени тие да го понесат товарот, да го амортизираат гневот на нас родителите, без да имаат минимална вина за тоа. Во ред, обврска им е да се носат со нас и со нашите деца, но не им е обврска да бидат наставници во тотално нефункционален образовен систем. Тоа е исто како да испратиш полицајци, без оружје и опрема, да сузбијат некоја терористичка вооружена организација. Е тоа ние бараме од наставниците, без основни средства за работа и за достоинствен личен живот, квалитетен живот, да воспитуваат и образуваат деца. Тие пред се воспитуваат на прво место, зашто тоа е дупло потешко од тоа да образуваат.

Слушам повици до наставниците да се организирале и да се побунеле за неправдите врз нашите деца. Која иронија! Која нечесност! Родители на деца, забележуваат на наставници зошто не се бунеле за туѓи деца, а родителиве, храбри лајачи на ФБ, не чувствуваат да се побунат за своите деца. До каде вака пријатели? Дали очекувате од еден наставник, кој едвај преживува со платата која ја добива и сам го храни цело семејство од таа една плата, постојано е под партиски притисок и уцени, да се бори за нашите деца, а ние да се криеме под „јорган планина“? Жалосно за нас, особено за децата со вакви родители како нас.

Дали оваа држава, министри, експерти, социјални служби се запрашале колку наши граѓани живеат на работ на сиромаштијата или едвај преживуваат, за да им наметнеме потреба да обезбедат ИТ опрема за да следат настава на далечина? На толку фрлени пари во споменици, службени ручеци, патувања… не се најдоа пари за „дигитализација“ на сиромашните семејства, во кои растат таленти во сите области, а не можат да дојдат до еден „маус“?!?

Синот започна да се дружи со едно другарче, за кое дознав дека е од семејство, кое живее во екстремно сиромашни услови, но тоа момче е буквално вундер. Талент за техника и информатика. Неговата сестра е полиглот, која учи јазик за неколку месеци преку читање на книги или преку ТВ, но нема услови да посетува настава или да купи компјутер или книги. Моето дете има услови, но интересот за учење е на далеку пониско ниво од колку на децата од другото семејство. И сега клучното прашање, до толку ли сме неспособни да направиме систем кој ќе ги згрижи тие таленти од такви семејства? Државататреба да инвестира во нив и да обезбеди кадри кои ќе донесат раст и развој, благодет, токму на целото општество. Свесни ли сме колку пропуштаме и за нас и нашите деца, ако таквите таленти ги оставиме на маргините на образованието? Па сите се лишуваме од шансата за напредок на нашето општество. Што работи министерот за образование или тој за труд и социјала? Имаат посериозна работа од ова?!?

Како може до тој степен да не знаеме да го испланираме системот за справување со корона кризата, да не размислиме дека има самохрани родители, кои мора да работат за да ги прехранат своите деца, а од друга страна нема каде да ги згрижат. Не работат школите. Добро луѓе, мисли ли некој со тоа главата, кога се носат одлуки во Влада? Ќе се снашле со роднини и комшии!?! Па нели тоа е поентата на изолацијата, да не се мешаат со други луѓе. Ако се оставаат децата кај кој се снајде, во друштво со други семејства, тогаш зошто не се однесат во школо и да се знае на што сме? Или да се покрие платата за тие родители, кои не може да започнат со работа, а грижата за своето дете да ја препуштат на други лица?

Кој ќе одговара за генерации кои ќе останат неписмени? Кој ќе одговара за трајните последици врз децата, жртви на дискриминација од државниот систем? Јас до ден денес чувствувам омраза кон стариот систем, зашто сум бил дискриминиран во повеќе наврати. А овие илјадници деца, кон кого да ја гаат таа омраза, отпор кон дискриминација? Кон својата татковина? Како дозволуваме денешна модерна натовска Македонија да создава жртви на дискриминација? Наместо љубов, ние стимулираме омраза кон сопствената држава. Жално е ова македонско образование… овој систем на неправди. Особено боли чувството на немоќ… да се обидеш, а да не успееш да ги промениш работите, зашто мнозинството се слепи при очи, а глуви при уши. Повеќе памет на следни избори! Петар Богојески с.р.