fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Османи: Посветени сме да обезбедиме поддршка за спречување на КОВИД-19

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи одржа прес-конференција на тема: Активностите на Владата и последните актуелности околу обезбедување странска помош во справувањето со КОВИД-19.

Во своето обраќање вицепремиерот Османи истакна дека Владата уште минатата недела формираше работна група која тој ја предводи во улога на Национален координатор за распределба на странска помош во земјава. Османи информираше дека во Секретаријатот за европски прашања на едно место се собираат приоритетите и потребите од каде централизирано се настапува пред меѓународните донатори, при што нагласи дека веќе е направена првична листа од приоритети.

„Веќе се обезбедени 25 респиратори од страна на УНОПС, преку средствата обезбедени од Норвешка, а дополнително се резервирани уште 30 респираторни машини преку УНДП од добавувач од Кина за чија набавка на располагање ќе се стават дел од итните средства кои ги обезбеди Европската Унија за поддршка на земјава во справување со коронавирусот“- истакна Османи. Во овој контекст тој додаде дека НР Кина позитивно одговори и на барањето за донација, со напомена дека количините најверојатно нема да бидат на ниво на побараните 200 респиратори и дека Кина во моментов работи на обезбедување на помошта, бидејќи не сите количини ги има на лагер, туку тековно ги произведува. Воедно Османи истакна дека Амбасадата на НР Кина дополнително ќе донира 30.000 евра, што претставува целиот годишен фонд со кој располага Амбасадорот, за борба против КОВИД-19.
На прес-конференцијата Османи информираше дека Европската Комисија, преку еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, позитивно одговорил на писмото кое во име на Владата е испратено од негова страна минатата недела, во кое Комесарот информира за неколку одлуки со кои Европската Унија ќе ја поддржи земјава во справување со предизвиците од епидемијата КОВИД-19.
„Прво се четири милиони евра кои се средства за итни потреби, кои дел кои ќе се употребат за набавката на 30 респиратори преку УНДП; како второ Комесарот информира дека е прифатена инцијативата и веќе е даден налог да се ослободат 50 милиони евра кои беа предвидени како награда за успешност, за справување со социо-економските предизвици до епидемијата, а обезбедени се 9 милиони евра за проекти од програмата за поддршка на мали и средни претпријатија, како и 3 милиони за поддршка на буџетот. Со сето ова засега, Европската Унија во погон става средства во износ меѓу 65 и 70 милиони евра, кои ѝ стојат на земјава на располагање“, истакна Османи.
Во оваа насока тој додаде дека Вархеји потврдил дека ЕК ги разгледува можностите за вклучување на земјава во пошироките механизми на Европската Унија во справување со Ковид-19. Во писмото е наведено  дека се разгледува можноста за вклучување на земјава во Европскиот солидарен фонд, вклучување во групните набавки на Унијата, но и дека се разговара со меѓународните финансиски институции за адресирање на ликвидноста и финансиските предизвици на приватниот сектор, нешто што исто така беше побарано од наша страна во писмото минатата недела.

фото: Влада