fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Отворениот казан од пеколот

Пишува : Ивица Мицев за medium.com/

Овој расказ ќе го започнам со една кратка хорор приказна.

Некој Македонец кога заминал на оној свет му било одредено да оди во пеколот заради своите прегрешенија во текот на земниот живот, но и не бил толку олош, едноставно главниот на протокол во пеколот му дозволил да одбере во кој казан да биде сместен, и така во редица имало многу казани каде што грешните души пателе и одозгора на секој казан имало по еден демон кој со вилата ги враќал назад душите што сакале да избегаат, но на еден од казаните немало контролор. Македонецот се зачудил и го прашал шефот на протоколот зошто е тоа така, зошто нема демон со вила да пази да не излезе некој, а пак овој исцрпно му одговорил: „Таму се Македонците, научивме дека нема потреба од демон да зафаќа работно место, таму ако некој се обиде да излезе, тие под него го влечат назад за да не успее…“, тогаш македонецот одбрал да оди кај своите во вечно патење…

И ние пресликани од казанот продолжуваме да го практикуваме методот на Македонците во казанот, и едноставно, во редицата од казани ние сме без контрола, сами себе си правиме тортура.

Егоизмот на извршителите на власта оди до таа мера што се по ербап и од шефот на протоколот во пеколот, тој барем му објасни на Македонецот како стојат состојбите, тој таму имаше право на одговор од надлежните. Овие нашите шефови едноставно ја имаат заробено дури и точната информација, еве на пример доколку некој новинар праша функционер на власта за состојбите во државата и нивниот придонес во 100% од случаите одговорот е во смисла: „Ние направивме повеќе од возможното, државата е топ и сите се среќни“ а од друга страна, опозиционерите ќе кажат во смисла: „Катастрофа, црни црнила“, но која е вистината? Вистината никогаш нема да ја кажат доколку е на нивна штета во смисла на политички рејтинг и поени.

Ајде да погледнеме еден друг аспект и да ги наброиме силните страни:

– Одлична место положба, се наоѓаме во центарот на балканскиот полуостров со можност за поврзување на два исклучителни транзит коридори.

– Одлични климатски услови — Немаме значителни климатски и природни катастрофи во смисла на торнада и урагани

– Плодна земја, одлични услови за сточарство — Имаме плодна земја, имаме доволно свежа вода (многу страдаат за оваа свежа вода), имаме одлични услови сточарство и тоа речиси може се да се одгледува. Единствен услов е да не не мрзи, а ако го исполниме овој услов, можеме да управуваме доволно производство на храна за дома и да има нешто да им продадеме на другите.

– Имаме повеќе од доволно сончеви денови, замислете, енергијата што сонцето ја емитира на земјата за еден ден, е доволна за годишната потреба на целото човечство, само треба да научиме како да ја искористиме и со време да инвестираме во знаење и технологија.

– Имаме таква природна убавина што не верувам дека постои некој што не сака да ја види, го имаме Охридското езеро, ги имаме Македонските планини, ја имаме македонската храна, ја имаме македонската гостопримливост и можеме да имаме значителен бизнис во туризмот.

– Имаме паметни деца, кои треба да испливаат и да им се даде можност да иновираат, да бидат подобри од своите ментори и да се гордеат со своите иновации, ама оние вистинските. Имаме хумани луѓе доктори, само што потребно е да им се даде вистински здравствен систем.

– Имаме докажани инженери тука, а и веќе отидени по белиот свет кои може по повикот на татковината да помогнат во градењето на нормална држава.

– Имаме можности, имаме, ни дал Бог.

Треба да избереме дали ќе одиме да си одбереме казан без демон или казан со демон на една страна, и на друга страна е НОРМАЛНА ДРЖАВА со разумно користење на ресурсите со кои располагаме, со домаќински пристап и грижа за тоа што го имаме, со визија за тоа што сакаме да го имаме. Едноставно е, треба само да се даде можност на нормалните луѓе да направат НОРМАЛНА ДРЖАВА, со еден концепт, уникатен и автентичен — Македонски Концепт!