fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Перо Дејкоски: Очекував дека конечно некоја власт ќе собере сили за да го укине фамозниот закон за легализација на дивоградби

Интервју  со Перо Дејкоски, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 5

Перо Дејкоски е дипломиран инженер архитект на УКИМ во Скопје. Во своето работно искуство од повеќе од 21 година, работел во сферата на образованието, во приватниот сектор како инженер проектант, одреден период и како сопственик на фирма, вработен бил и во ЈПССДП на РМ-ПЕ Струга а последните 12 години работи во Царинската управа во Секторот за административни и технички работи на позицијата шеф на службата за управување со гранични премини за подрачјето на царинарница Битола. Во текот на своето работно искуство учествувал во проектирање и реализација на поголем број на проекти во нашата држава и странство.

Личен мотив

Перо Дејкоски: Идејата на Македонски концепт за структурална промена на нашата држава преку воведувањето на професионализмот во сите нејзини сегменти.Со еден збор здравството на здравствените работници, образованието на наставно научните установи, земјоделството на земјоделците и сл. Едноставно треба да престане праксата каде премиерот врши надзор над градежни работи, каде правникот образлага за оперативни зафати во медицината, каде тајкунот се занимава со лозарство, каде во секое поголемо градско маало постои факултет и сл.

ПОЛИТИКА: Политички ангажман

Перо Дејкоски: Во периодот од Февруари 2007 година па се до Септември 2008 година ја извршував функцијата Директор во ЈПССДП на РМ-ПЕ Струга. По носењето на измените и дополнувањата на Законот за Царинска управа со спогодба бидам префрлен во овој државен орган каде што работам до ден денес.

Исто така сум извршувал и партиски функции во мојата матична партија ВМРО ДПМНЕ-ОК Струга. Од средината на 2014 година па навака не сум активен во мојата матична партија.

ПОЛИТИКА: Што е пресудно за подобра иднина на државата

Перо Дејкоски: Изминативе 10-12 години а може да се каже и повеќе, жителите на нашата држава беа сведоци (повеќето неми а малкумина гласни) на едно дивеење од страна на политичките елити и урбаната мафија со градскиот простор и просторот воопшто. Оваа појава беше и сеуште е присутна посебно во општините со поквалитетни и поатрактивни локации, тука мислам на градовите Скопје, Охрид, Струга, Тетово и други, при што на крајно непрофесионален начин се уредуваше тоа земјиште, тие урбани единици односно градовите како целина. Од овој аспект можат да се набројат многу примери но како покарактеристични би ги издвоил мегаломанскиот проект Скопје 2014, уредувањето на плажите во Охрид и Струга, фамозниот проект Субрата Рој со кој што се сакаше тотално да се уништи Охридското езеро, примената на ЛУПД-локалната урбанистичка планска документација во градски средини покриени со детален урбанистички план, уништување на подрачја кои се под заштита на културното наследство и сл. Урбаното зонирање како елемент во урбанизмот тотално се запоставува и во секој момент се врши негова пренамена или му се даваат повеќе намени од тоа што претставува вистинска потреба. Ваквата пренамена на просторот е присутна како појава поради желбите на политичарите за нивно побрзо докажување и можноста да бидат постојано во јавноста, да бидат присутни на секој настан, на секој медиум  и трката на инвеститорите  за многу брз и голем профит. На овој начин потполно се уништија градските средини при што истите го загубија својот препознатлив градски имиџ.

Последниве 3 години од промената на власта а врз основа на сите нивни протести и “заложби” очекував дека конечно (барем дел од нив) ќе соберат сили за да го укинат фамозниот закон за легализација на дивоградби (барем за градските средини), еден термин кој што претставува тотална непозната за државите кон кои што и ние се стремиме да се движиме. Наместо да го направат тоа тие продолжија со претходната пракса и го продолжија рокот за легализација на истите оставајќи им простор на локалните градски шерифи и урбани мафијаши да прават што сакаат и како ќе им се посака. 

Затоа ќе се залагам за примена и практицирањето на професионализмот во сите сфери од општествениот живот. Конкретно,во сферата на урбанизмот,просторното планирање и градбата треба да се носат адекватни закони и правилници за потребите на фелата, нивното носење или изготвување треба да се направи преку вклучување на сите релевантни субјекти од државава, пред  се тука мислам на Архитектонскиот и градежниот факултет при УКИМ, Институтот за земјотресно инженерство, Комората на овластени инженери и архитекти, Асоцијацијата на архитекти, Агенцијата за планирање на просторот, електро-техничкиот и машинскиот факултет при УКИМ како и приватните компании-фирми кои вистински сакаат да се занимаваат со овие дејности.

За грижата околу уредувањето на просторот ќе се залагам повторно да се оформат партиципативните тела или комисии, комитети како сакате можеме да ги наречеме, од оваа област во секоја општина поединечно кои што заедно со агенцијата за планирање на просторот од професионален аспект доследно ќе си ја вршат својата работа со вистинска примена на законите, подзаконските акти и нивното знаење пред и се и во овој контекст треба да се спомнат и граѓаните кои се исто така чинители на просторот. На ваков начин нема да имаме појава каде советниците во општинските администрации се тие кои одлучуваат за носење на деталните урбанистички планови, ќе ја избегнеме појавата за нарачка на шамари, нема да имаме можност за изградба на бетонски парапетчиња околу целото Охридско езеро, едноставно пред нивното носење советниците би имале една чиста ситуација каде ќе бидат принудени  и законски чисти да дадат зелено светло за истите бидејќи во фазата на нивната изработка истите поминале низ еден професионален филтер.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти

Перо Дејкоски: Пред  да се одговори на прашањето зошто проекти треба секоја политичка влада, инвеститор, здружение на граѓани и други да си го постават прашањето што е тоа проект?

Секој проект во било која сфера од општествениот живот треба да се состои од неколку фази-чекори пред истиот да стане реалност. Прв чекор претставува идејата за одреден проект и со неа ги поставувате основите за крајна реализација на истиот, втор чекор на одреден проект претставува процесот на проектирање,документирање и сл., третиот чекор претставува финалниот производ и како финален чекор треба да ја спомнеме експлоатацијата на финалниот производ. Кај органите од државната власт помеѓу вториот и третиот чекор сме обврзани да направиме и еден дополнителен или меѓу чекор кој што се вика јавна набавка.

На секоја фаза-чекор од одреден проект треба да и се даде доволно време при нејзиното изготвување и спроведување. Овде пред и се мислам на втората фаза од одреден проект, фаза која што е од круцијално значење за крајната реализација на истиот. Во многу случаи на оваа фаза воопшто не и се дава значење од било кој аспект. Непосветувајќи внимание на втората фаза од проектот секогаш во пракса добиваме неквалитетен готов производ и понатака експлоатација. Карактеристичен пример за оваa појава претставува изградбата на  автопатот Охрид-Кичево.

Затоа ДА за проектите, мора да ги има, тие значат и брз економски развој и бенефит за сите граѓани на нашата држава но на истите мора да им се даде адекватен простор и време и треба да бидат изработени од вистински-искусни професионалци за да не се појават проблеми при нивната реализација низ целиот процес. Политиката тука не треба да се меша, да поставува свои услови и сл.,едноставно нејзината улога треба да се сведе само на одредено менаџирање со процесот.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Перо Дејкоски: За сузбивање на мафијашкото водење на државата, во сите нејзини општествени пори. При процесот на изградба на објектите од државен интерес ќе се залагам за носење на адекватен закон за јавни набавки, закон во кој прецизно ќе бидат наведени критериумите за изведба на истите. За имплементацијата на овој закон ќе треба да се направат професионални комисии на кои приоритетна задача ќе им биде спроведување на ваквите специфични јавни набавки. Преку носење на подзаконски акти, правилници, стандарди  за оваа област кои ќе можат  во секој момент да бидат на увид одредени нормативни показатели и кои ќе претставуваат репер при процесот на одлука.

Едноставно треба да престане праксата каде што цената за изведба или понудата ќе биде вреднувана со 60% учество при критериумот за избор за најдобар понудувач а притоа да ги занемаруваме поединечните цени од ваквата понуда.

фото: Македонски концепт