fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Дејкоски: Во селата може и мора,да се креира одржлив развој

Колумна на Перо Дејкоски , кандидат за пратеник на „Македонски концепт“ на ИЕ 5

Претстојните парламентарни избори најмногу ќе останат запаметени поради фактот предизвикан од пандемијата на корона вирусот,термин што ни го зарази и животот и јазикот.Ете и јас го започнав ова мое обраќање токму со ова зло иако потрошив многу време како да го избегнам.Едноставно тоа е невозможно.Светот е опседнат со Короната.Секоја средба почнува и завршува со неа. Сите медиуми се преполнети со статистики , анализи , предвидувања,насоки,протоколи,совети,наредби…

Од огромниот број податоци за вирусот,за тоа како и каде најмногу се шири,за мене најинтересни се оние кои кажуваат дека заразата најбрзо се шири во населенети места со голем број на жители,особено во оние што се многу загадени.Од вкупниот број заразени во светот доста голем број се од градските средини.Статистиката исто така потврдува дека најризични се затворените простори како болниците,фабриките,домовите за стари лица кои најмногу се лоцирани во градските средини.

Сите велат дека после овој шок што го доживеа човештвото светот не може да биде ист.Се вртат многу сценарија за она што не очекува во блиска иднина.Нема многу оптимизам во нив.Особено за економијата,се очекува нејзин драматичен пад во наредниве години.Се потврдува старата вистина дека болеста носи сиромаштија.

Во вакви услови,вечната тема развој на руралните средини,за која кај нас со години многу се зборува а малку се прави,добива друга димензија.Во наредните години што претстојат ќе бидеме принудени да се свртиме кон селото и заради нашето здравје и заради нашиот опстанок.

Голем број научни студии направени од врвни експерти од областа на социологијата и психологијата,ја нагласуваат предноста на живеењето во селата.Покрај чистата природа погодна за земјоделско производство селото,може да се рече е единственото место за духовна инспирација,бегство од секојдневието,ментална релаксација,со еден збор место каде што може да се организира здрав социјален живот.

Како архитект од секогаш сум тврдел дека во селата може, а сега велам и дека мора,да се креира одржлив развој.Валоризацијата на руралните средини е голема шанса за Македонија.Во атарите на македонските села,генерално запуштени и оставени сами на себе,лежат големи потенцијали за развој на земјоделството , сточарството , туризмот , производство на чиста енергија.Се разбира дека развојот на руралните подрачја никако не може да се замисли без стратешки добро осмислена подршка од страна на државата,која треба да биде постојана и долгорочна.

Истово важи и за регионот од кој што и јас потекнувам.Многу можности но мала реализација.На прсти можат да се набројат успешните проекти реализирани во струшките и охридските села.Приказната за нив е неприметлива.Можеби неколку од аспект на туризмот и сл.

Поради актуелната ситуација со здравствената криза и искушенијата што таа ќе ги донесе се залагам,во договор со државата и локалните самоуправи,што побрзо да се дефинираат приоритетите во инфраструктурните проекти во регионите долж планината Јабланица,на Долни Дримкол,Малесија и Дебрца.

Исто така во договор со надлежните од Општините Струга и Вевчани ќе треба да се направи поголем притисок за што побрзо донесување на Законот за прогласување на Јабланица за национален парк.

Треба да се поттикнат и да се помогнат луѓето кои живеат во овие региони и компаниите кои гравитираат во тој простор да инвестираат во помали или поголеми капацитети од областа на селскиот туризам и културното наследство во нив,ловиштата и рибарството,печуркарството,производството на здрава храна,пчеларството,мали или поголеми енергетски капацитети кој ќе произведуваат зелена енергија.

Во оваа насока треба да се охрабри и да се помогни на населението кое поседува стари куќи тие да бидат реконструирани и зачувани во нивната автентичност.Ова особено е важно за селата од Долни Дримкол,каде сеуште постојат стари куќи кои претставуваат бисер на македонската архитектура и градителство.

Со вакви размислувања може подобро да се организираме,пред се во нашиот регион,за да одговориме на некои предизвици што брзо ќе се појават во нашите животи.

Почнав и ќе завршам со Короната.Таа покрај паниката , стравот , смртта , сиромаштијата направи и добри работи:Ги закрпи озонските дупки,го прочисти воздухот во големите и малите градски средини,ги исчисти водните потенцијали.Не научи дека помалку е повеќе.Се надевам дека во оваа насока на нас жителите на Република Македонија ќе не свести дека од политички аспект постојат и други.

Текстот е посветен на големиот ентузијаст,човекот наречен пркос,патриотот со големо срце и поранешен градоначалник на Општина Вевчани Г-динот Васил Радиноски основоположникот на модерното македонско село.