fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Порака од претседателот Пендаровски по повод 75-годишнината од основањето на Обединетите нации

Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на настанот на високо ниво, што по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите Нации, се одржа вчеравечер во Њујорк на тема „Иднината што ја сакаме, Обединетите Нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“.

Настанот, во рамки на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, се одржа со емитување на пораките на претставници од над 180 држави и организации во салата на Генералното Собрание на Обединетите нации, во присуство на Генералниот секретар Антонио Гутереш и претставници од земјите-членки. Поради пандемијата на КОВИД-19, годинешната сесија се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.

-Во изминатите 75 години, Обединетите нации постигнаа многу. Како камен темелник на меѓународното право и мултилатералниот систем, организацијата ги обврзува своите членки да ги надминуваат споровите на мирен начин и да соработуваат за одржување на мирот и безбедноста. Обединетите нации превенираа бројни конфликти и ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнаа на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Во изминатите децении милиони луѓе беа извлечени од екстремна сиромаштија и заштитени од насилство. Преку Универзалната декларација, меѓународните пактови и конвенции, Обединетите нации го поттикнаа глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост. Ја зајакнаа отпорноста кон катастрофи и го мобилизираа светот во борбата со климатските промени, iистакна во дел од своето обраќање претседателот Пендаровски. То додаде:

Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе и дозволат. Поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот сеуште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство. Кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба.

Од својата независност до денес, Република Северна Македонија сведочеше и за придобивките и за предизвиците на Обединетите нации. Од корисници на првата превентивна мисија – УНПРЕДЕП, самите станавме контрибутори на повеќе мировни мисии. Благодарение на Обединетите нации решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок. Ние ќе продолжиме во духот на мултилатерализмот да ги исполнуваме нашите меѓународни обврски и да ја поддржуваме работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции. Јасно е дека само ако вложуваме во светската организација ќе успееме да изградиме достоинствен свет, истакна Пендаровски.