fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Последна шанса

Пишува: Петар Богојески, промотор на „Македонски концепт“
 
Последна шанса за нормална држава! Зошто последна? Затоа што нормалноста не напушта ден за ден. Се помалку ја има помеѓу нас во нашето општество и држава. Тешко дека по неколку години ќе се создаде ваква неповторлива шанса и енергија за нормалност. Оваа наша посветеност, пожртвуваност да дојдеме до грам нормалност плус, можеби е последен крик на нашата генерација која полека заминува и засекогаш ја напушта Македонија.

Македонија раѓала јунаци и ќе раѓа, но некои процеси се неповратни. Тие македонски јунаци ќе се родат, но надвор од Македонија, насекаде низ светот. Она што му се случи на Галичник, може да и се случи на Македонија. Тој процес е неповратен. Ние сите до ден денес го имаме Галичник во мислите, но таму не нема. Така ќе ја имаме и Македонија во мислите, но тука ќе не нема. Ова е последна шанса, додека имаме јунаци во татковината, да се обединиме во име на македонската Кауза, во име на македонската државност и да не дозволиме, галичкиот синдром да стане македонска судбина.

Последна шанса за граѓаните да ги победат политичарите. Токму тие кои мислите дека нешто ќе направат со нивните лажни предизборни ветувања, токму нив треба да ги поразиме. Токму тука лежи зајакот. Ова писание го одлагав две недели. Без причина, но нешто ми кажуваше да почекам. Што е тоа што не го знаев? Не знаев дека сме до толку ненормални на политичката сцена. Знаев дека имаме проблеми со поведението, ама дека сме дошле до ова дно, навистина не верував. Настапи на лидери, дуели, бегање од дуели, крадење на проекти и идеи и промовирање за свои, промоција на скандалозни предизборни ветувања за реиндустријализација на земјава, за 40% повисоки плати, за 8% невработеност, за вселенски летала и супер воени ловци, за национализација и барање да се припои Јужана на Северна Кореја… тоа е слика на целосната ненормалност. И сега сеуште има граѓани кои веруваат на овие приказни. Добро почитувани македонски граѓани, дали воопшто знаете зошто гласате и за кого? Дали воопшто сте заинтересирани? Како може да си дозволите да дадете поткрепа на докажани бандити или фрик типови кои се циркузанти на политиката сцена? Можеби вината е во нас, недоволно добро сме објасниле, но дел од Вас да не согледате дека ова е последна шанса за нормалност, тоа не можам да го разберам.

Изборот е јасен, изборот е дали ќе победи норманоста или ненормалноста! Тука не станува збор за судир на политички идеологии или агенди. За судир помеѓу десното и левото. Тука станува збор за судир помеѓу новото и старото, помеѓу доброто и лошото, помеѓу нормалното и ненормалното. Изборот е едноставен. Нема потреба од многу мислење. Доволно е само да изброиме до 10, и се е јасно. Ова е последна шанса да победи новото, доброто, нормалното. Ако продолжи да управува ненормалното, тогаш нема да остане супстрат за да создадеме нормална иднина. Каде грешиме низ годините? Недоволно си го поставуваме прашањето – можеме ли нормално? Зарем да се помириме со ненормалноста која ни стана секојдневие, на која се привикнуваме и започнавме да ја перцепираме за прифатлива реалност, за нормалност? На тој начин, ненормалното станало нормално, а како такво ние започнуваме да го штитиме и да се бориме да го сочуваме. Од тука таа трагикомичност, да се бориме и да се прогласуваме за „патриоти“ тогаш кога се залагаме за ненормалното. А различното, другото да го прогласиме за предавство. А всушност нормалното го отфрламе на највулгарен начин, со најпогрдни зборови, ограничувајќи се себе си да ја согледаме реалноста и да се избориме за поинаква нормалност од онаа на која сме привикнале.

Зихераштво или себичност, но секако не е пожртвуваност за повисоки цели и вредности, е пренагласената припадност кон поголемите политички блокови. Несигурноста во себе не прави да имаме потреба од припадност во некоја поголема група или чопор, така барем мислиме дека ќе бидеме прифатени за делумно нормални или дел од некое мнозинство, кое своето го продава за нормално. Тргнувајќи од таква себичност, водени од тесен личен интерес, секогаш избираме погрешно. Зашто избор на база на лажни вредности и ветувања, не е избор. Само се залажуваме дека нешто ќе смениме, така правиме веќе три децении, а секогаш одлуката ја носиме погрешно. Погрешно, затоа што немаме храброст да се одважиме и еднаш да донесеме одлука на база на државниот интерес, на база на вистински вредности. Едната опција за која сметаме дека не е во ред да ја управува државата, избираме да ја замениме со другата опција, за која сметаме дека само таа има капацитет да ја замени првата, а всушност гласаме за истата екипа, зашто помеѓу овие две нема разлика. Така сметајќи дека нешто сме промениле, всушност се вртиме во место. Со децении и децении.

Зошто на себе не си дозволиме да создадеме вистинска алтернатива и конечно да дадеме шанса на нешто сосема поинакво, нешто кое никако не може да биде дел од овие две привидно различни опции. Дали не сме доволно храбри или не разбираме што всушност ни се случува? Можеби разбираме и вака е убаво да продолжиме? Можеби овој квалитет на живот го заслужуваме и сметаме дека е доволен? Ако веќе сме до тоа, ако оваа денешна реалност е за некој од нас прифатлива нормалност, ако ваков живот е добар живот, тогаш во право сте да изберете на стариот начин. Но доколку сте незадоволни, доколку знаете за се ова што го пишувам, а повторнао избирате по старо, е тогаш навистина ниту Ве разбирам, ниту Ве оправдувам.

Тука сме на денови пред конечната одлука, ќе го избереме нормалното или ненормалното. Ве повикувам на храбар подвиг, на одлучност и борба за подобро утре. Редно е да ја искористиме последната шанса за да создадеме свет во кој нормално ќе живееме, кој ќе остане за следните генерации, за нашите деца да не го искусат она на кое ние се привикнавме, да не ја искусат ненормалноста, искривената перцепција за доброто. За неколку години ќе биде касно, многу касно да се промовира нормалност, зашто тогаш ненормалноста дефинитивно ќе стане наша нормалност. Ќе нема кој, ќе нема како, ќе нема зошто да се впушти во борба за нормалноста, која од ден на ден исчезнува. Како никогаш до сега, имаме историска шанса за вистинска промена, зашто распоредот на политичките сили на сцената е таков, што овозможува со малку да се постигне многу. Овозможува соочување со реалноста, соочување со гревот од минатото, одговорност за стореното, но и можност да се обликува иднината.

Дали ќе се разбудиме и ќе ја искористиме оваа последна шанса? Тоа зависи само од нас самите и од никој друг! Нема оправдување, или сега ќе ја направиме промената или никогаш! Донеси одлука и биди подготвен да ја преземеш одговорноста за истата. Може толку многу заедно да направиме и конечно да дојдеме до толку посакуваните слобода, спокој и солидарност. Шансата ни е пред очите, да ја искористиме!  

автор: Петар Богојески промор на „Македонски концепт“