fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Роберт Груески: Повторното стекнување на фундаменталната доверба на граѓаните во институциите на системот е еден од главните приоритети на политичкиот фактор во Македонија

Интервју со Роберт Груески – Македонски Концепт – кандидат на листа на пратеници за ИЕ4

Роберт Груески завршил училишен центар за железнички и ПТТ сообраќај во 1988 година. Неговиот професионален ангажман започнува во Македонски пошти каде од 1988 до 2017 работи на повеќе позиции, и тоа како: телефонист, телеграфист, шалтерски работник, водител на пошта во поштенски подружници во Прилеп, контролор во поштата во Прилеп. Освен формалното, во својата професионална кариера, се стекнува си со значајно неформално образование, од кое ги издвојува: Обуката на лидери – како дел од искуството на прв синдикалец во Македонска пошта – Прилеп, обуките за ИКТ вештини и сл. Во слободно време, активно се занимава со спорт, и тоа од 1990 година, со параглајдерство, змајарство, скијање и пливање. Истовремено, голем дел од својот активизам кон доброто на заедницата го посветува на поддршка и учества во еколошки акции за зачувување на  животната средина.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски концепт?

Роберт Груески: Македонски концепт е пред сѐ граѓански концепт,  во кој ги препознав заедничките ставови и заложби за изградба на нова и подобра сегашност, која позитивно ќе се рефлектира во сите сфери на нашето живеење.

ПОЛИТИКА: Дали е ова ваш прв политички ангажман?

Роберт Груески: Од 1993 година сум неажуриран член на ВМРО-ДПМНЕ, без никакви партиски функции.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Роберт Груески: Силна и функционална држава со независно судство, стабилен економски развој, значајни капитални инвестиции и подобрување на услугите во здравството и социјалната политика воопшто.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Роберт Груески: Повторно стекнување на фундаменталната доверба на граѓаните во институциите на системот, којашто ќе произлезе само како резултат на спроведени суштински реформи во секој национален ресор и секако, преку безрезервно справување и борба со криминалот и корупцијата.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на РМ?

Роберт Груески: Концепт каде секој граѓанин може да се пронајде себе си, и развива врз основа на сопственото знаење и искуство. Европски ориентиран концепт кој е заснован на слободното движење на луѓе, капитал, услуги и знаење.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски концепт?

Роберт Груески: Како долгогодишен работник во Македонски пошти со искуството стекнато на повеќе позиции, би се заложил за генерирање и примена на нови и иновативни идеи, чија што цел ќе биде напредокот на сите организациски и инфраструктурни системи во сферата на сообраќајот, а посебно на поштенскиот, телекомуникацискиот, копнениот, а посебно железничкиот, кој за жал денес, доживува руинираност и колапс, и тоа во време кога таа категорија е една од најразвиените инфраструктурни компоненти во Европа и светот. Поконкретно, ќе настојувам, освен возобновување на постојниот железнички коридор „север – југ“, да се реализираат капитални инвестиции за изградба и ставање во функција на железничкиот коридор „исток – запад“, со чија функционалност, нашата земја би реализирала значаен развој на внатрешната сообраќајна инфраструктура, и секако, би ги подобрила сообраќајните врски со соседните земји во регионот.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Роберт Груески: Да се следат примерите и добрите практики на европските земји со кои сакаме да ја делиме европската иднина, а тоа е вложување во вистиски вредности, како независно судство, стабилен економски развој, реализација на капитални инвестиции, подобрување на услугите во здравството и социјалната политика, како и стратешки инвестиции во поддршка и развој на земјоделието.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Роберт Груески: Со нови проекти можеме да ја промениме иднината на нашата држава. Стратешки насочени проекти и нивна реализација ќе овозможат спроведување и на квалитетни образовни процеси, кои ќе образуваат и искуствено ќе изградат квалификувани кадри чии вештини и практични знаења подоцна ќе се насочат кон развојните потреби на стопанскиот сектор. Само со специфични и докажани проекти во секторот на социјалната политика наменети за ранливите категории на граѓани, ќе овозможат нивно вклучување во системот, нивно вработување, осамостојување и воопшто, подобрување на квалитетот на нивниот живот.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега?

Роберт Груески: Држава – членка на ЕУ, каде секој граѓанин ќе успее да се пронајде и да вложи во сопствениот развој и благосостојба и каде ќе може да ги реализира своите креативни идеи на професионален и приватен план. Со тоа, земјата ќе има услови за прогрес, општа благосостојба и подобра иднина воопшто.

фото: Македонски концепт