fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Светско рангирање на македонското правосудство –преодна или реална оценка?

Во последните неколку години постојано се разговара за независноправосудство од страна на македонските политичари, аналитичари, обвинители и секој засегнат во дневната политика. Сепак, довербата на граѓаните во правосудството останува на најниско ниво. Секако, во предизборните ветувања и кампањи секогаш се спомнува борбата со корупцијата, а правосудството е иделизирано како  независен столб преку кој ќе се мери демократијата. Ама, ветувањата остануваат само на хартија, а кај нас тешко да се исполнат. После целиот хаос предизвикан од настаните со Специјалното Јавно Обвинителство,застарувањето на предмети и ниското ниво на отсуство на корупција, тешко дека довербата во правосудството може така леснода се врати.

Антонио Нестороски, Магистер по човекови права на Универзитетот во Падова, Италија

Каде се наоѓа Македонија во светски размери за владеење на правото?

За 2020 година, Македонија е рангирана на 58-то место во светот со индекс од 0.53, според истражувањето за владеење на правото од WJP (World Justice Project). Во споредба со 2019, владеење на правото во Македонија е оценето со индекс од 0.54. Малата пад се должи на неколку фактори кои го одредуваат конечниот индекс. Отсуството на корупција и кривична правда се најважнитеобласти кои имаат воеднонајниска оценка, а истите предизвикуваат најголема недоверба во македонското општество. Највисок индекс е доделен во областа на редот и безбедноста и основните човекови права. Споредено со земјите од соседството, предност имаат Словенија (24 место), Хрватска (39 место), Грција (40 место), Бугарија (53 место), Косово (54 место). Пониска оценка од нашата имаат Босна и Херцеговина (64 место), Србија (75 место) и Албанија (78 место). Па, би можело да се каже дека Македонија извади солидна оценка. Сепак, вложениот труд до сега не може да се спореди со она што треба да се заврши во иднина. Ефикасноста на правосудството и владеењето на правото исто така ќе бидат пресудни за брзо отворање и затворање на Поглавјата 23 и 24 кои се базираат на Член 2 од Договорот за Европската Унија, поврзани со правосудството, владеење на правото и темелните права. Анализата на извештаите на Европската Комисија од 2016 до 2019 година покажува позитивна континуирана ефикасност на македонските судови, со стапка на решавање на предметите од 100 посто и повеќе. Внатрешно гледано, правосудството е далеку од совршено. После сите случувања, смешно е да се каже дека вестите во последните 2 години беа досадни. Напротив,  македонското правосудство беше блиску до сценарио за филм.

Како до поголема ефикасност на македонското правосудство?

Најголемиот проблем кој стои на патот за подобрување на правосудството е партиската (не)зависност на судиите, проследено со долготрајноста и стапката на решавање на судскиот предмет. Постојаното одложување на рочишта, корумпираноста и селективната правда во никој случај нема да донесат поголема ефикасност и независност на правосудството. Долгоочекуваните пресуди на поранешни функционери од власта почнаа да се реализираат, но секако беа пропратени со откажани рочишта и застарување на предметите. Секако, потребни се дополнителни напори за системско решавање на долгорочните проблеми со кои се соочува правосудството.

Најавените реформи пред изборите за прочистување на судството, би биле одлучувачки за зголемување на целокупната оценка и бавно враќање на довербата на граѓаните во третиот столб на демократијата.Испитување на имотот на судиите и обвинителите и мониторинг на случаите од висока корупцијасе примарни механизми за подобро функционирање на судството. Но кај нас вредно е да се напомене снаодливоста на судиите и обвинителите низ правните лавиринти и празнини во законот, што предизвикува повторен сомнеж за нивната работа.

Нестручноста и несовесноста во работата на судиите и обвинителите доведува до подлабоки проблеми. Процесот на непартизираност треба да биде прв приоритет при борбата со високата корупција, не само во правосудството, туку во сите останати области. Па така, на Врховниот суд му беа потребни скоро 2 години да го оцени барањето за преиспитување на пресудите на Јанкулоска и Груевски. Покрај одолговлекувањето,исходот беше донекаде задоволителен за сите оние кои извикуваа „Нема правда – нема мир!“ Иако делумно се покажа дека „законот важи за сите“, со тоа што поранешната Специјална Јавна Обвинителка е осудена на казна затвор, работата не треба да заврши тука. Принципите на Кодексот на Судиска Етика, се повеќе од јасни: независност, непристрасност, интегритет, пристојност, еднаквост, стручност и совесност. Секој судија и обвинител треба да почне прво од себе и да дава пример на судиска независност кон подобрување на целокупната слика на македонското правосудство.

Антонио Нестороски

Магистер по човекови права на Универзитетот во Падова, Италија