fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Симона Милошеска: Да работиме да ги увериме младите дека нивните соништа можат да ги остварат во сопствената земја!

Интервју со Симона Милошеска, кандидат на листа на пратеници ИЕ1

Симона Милошеска е магистер по економски науки, со значаен фокус на јавниот сектор. Коавтор е на неколку трудови од областа на јавните финансии и јавниот сектор. Учесник е на неколку проекти чија фокална точка е европеизацијата на Македонија и спроведување на европските норми во домашното законодавство. Работи во јавниот сектор повеќе од десеттина години. Затоа, како предизвик го гледа токму него во песрпектива, преструктуриран со млади, способни, едуцирани и експертски кадри кои ги исполнуваат критериумите за градење на беспрекорно функционален јавен сектор. Кандидат е на листата на пратеници за изборна единица 1.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски Концепт?

Симона Милошеска: Актуелното наше секојдневие е без значаен прогрес на политичката сцена, отсуствува оригинална идеја и реален активизам, а преовладува реактивното критизерство и лансирањето на лажните вести. Меѓутоа, ние помладите активисти на Македонски концепт токму во тоа го гледаме предизвикот и можноста, тоа е нашиот мотив и поттик со свежи идеи да ги катализираме и дадаме форма и содржина на промените коишто неизбежно мора да се случат. Идејата, пред сè, онаа централната – за градење на НОРМАЛНА ДРЖАВА со вистински општевствени вредности, кадешто ќе владее професионализмот, а не политиканството, се мојата мотивација во градење на една нова, поинаква платформа за промоција на вистинските граѓански вредности.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Симона Милошеска:Не, веќе имав едно кратко искуство во ВМРО-ДПМНЕ во периодот до пред две години, кога се надевавме на нејзино реформирање. Таму за прв пат се запознав со процесите на креирање на политиките кои се градат директно внатре во една политичка партија.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Симона Милошеска: Чесен, професионален и транспарентен систем, пристојни политичари кои ќе го предводат донесувањето на одлуките во државата низ призмата на потребите на обичниот граѓанин. Потоа, чесно и здраво правосудство, деполитизирање на професиите во кои политиката нема директен удел, враќање на професионализмот и знаењето, како примарни квалификации на пазарот на трудот. Ова се неколку од предусловите на коишто треба да работиме за да се остварат за да чекориме кон подобра иднина.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Симона Милошеска:Битни се три работи: реформи, реформи и реформи! Иманентни се суштински реформи во сите сегменти на нашето општество, а примарно – во образованието, како најбитен столб на една Република. Неопходно и неминовно е да го вратиме квалитетот на образовниот процес, затоа што, убедена сум, дека сме интелигентна нација од која извираат квалитетни кадри и професионалци. Само на тој начин ќе можеме да им ја вратиме надежта на младите, да ги увериме дека учењето не е бесполезно и дека по завршувањето на кој било образовен процес ќе се вработат во согласност со нивните квалификации и знаења, а не процес воден од каква било припадност или партиската книшка.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Симона Милошеска : Тука, пред сè, морам да ја истакнам почитта кон индивидуалноста на секој и од секој граѓански активист во Македонски концепт. Чувството дека не сме под диригентска палка, слободата во изразување и директното учествување во креирањето на политики, е она што мислам дека нè води сите во Македонски Концепт. Со тоа, и можностите за слободен израз на идеи и иницијативи коишто ги има секој од нас да се преточат во реални политики, е тоа е различноста која оваа граѓанска опција ја издвојува од останатите. Опкружена сум со професионалци, коишто се подготвени на компромис, но само и исклучиво кога тој компромис е насочен кон подобра иднина на секој граѓанин на ова наша земја. По мене, ова е единствениот нормален пристап кој треба да ја претвори Македонија во Нормална Држава.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Симона Милошеска: Тоа секако би било враќањето на младите во нашата земја. Тоа може да биде макотрпен процес, но изводлив! Дел сум од една генерација којашто произведе многу добри и квалитетни млади луѓе, кога сонувавме дека по школувањето сите ќе станеме успешни доктори, инжењери, квалитетни правници, професори, журналисти, ИТ експерти. И станавме! Но, во други држави! Тоа е мојот кошмар што произлезе од сонувањето. Повеќе од 80 отсто од мојата генерација не живее и не работи во оваа земја. Ќе се залагам ова суштински да се промени, да им ја вратиме желбата на младите да посакаат да се вратат тука. Да го промениме наративот дека не можат да создаваат тука доколку не се партиски определени, дека државата не се грижи за нив, водилка треба да ни биде посветено да работиме нивните соништа и предизвици да ги преточиме во реална успешна приказна во сопствената држава. 

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Симона Милошеска: Точниот термин, всушност, е – процеси коишто се дел од различни сфери од општенствениот амбиент во државата, кои не се менуваат сами од себе ниту од поединци. Работењето на проектите кои произлегуваат од професионалните тимови на експерти во Македонски концепт за секој од нас е предизвик, како да придонесеме во подобрување на квалитетот на живеење на секој од нас тука. Според мене, најпривлечни наши проекти се Слободни банки и Пратеници волонтери. Либерализацијата на банкарскиот сектор е неминовна промена за нашата држава, особено сега, кога поради економската криза којашто следи, а настаната од пандемијата на КОВИД-19, слободното управување на секој од нас со сопствените парични средства, кредити, инвестиции и слично, е повеќе од потребна реформа. Идејата на вториот споменат проект – Пратеници волонтери, ќе ја врати довербата на граѓаните дека пратениците работат за нивните интереси и благосостојбата на државата, спротивно на она што се случува денес, пришто пратениците се преПлатени за нивната функција. Има и некои што се преТплатени за оваа функција, а без никаков придонес за општетството.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Симона Милошеска: Тоа е Европска Македонија, дел од големото европско семејство, во која посветено се работи на целосно реформирање на сето сивилото од денешнината, земја во која младите сонуваат и успеваат токму тука да ги остварат своите соништа.

фото: Македонски концепт