fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Системот треба да се менува

Автор: Стево Насковски, носител на листа на „Македонски Концепт“ за ИЕ5

Реална политичка понуда и реален политички баланс во Македонија не постои, погледнете ги медиумите: Заев честита Католички Велигден и Мицковски исто така,  за православен Велигден пак само тие двајца се пренесуваат преку медиумите, за Бајрам пак ќе бидат само Заев и Мицковски. На лидерска средба Заев и Мицковски што ќе кажат тоа е, секако да не ги изоставиме албанските парламентарни партии.

Мицковски предлага кризна состојба, Заев вонредна, Мицковски по ден-два бара итно вонредна, потпретседателот од ВМРО-ДПМНЕ вели: „зошто вонредна состојба така Заев ќе ја злоупотреби истата“! Пендаровски прогласи вонредна состојба, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели: „ние први побаравме вонредна состојба“, додека пак портпаролот на СДСМ вели: „не е точно ние први побаравме“, а потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму упорно вели: „не треба вонредна состојба зошто Владата истата ќе ја злоупотреби“, а заборава дека ВМРО-ДПМНЕ е дел од техничката владата со свои министри и заменици министри, односно заедно се Влада и се така до недоглед и веќе триесет години гледаме по медиумите реалити шоу. Па добро нели има и други политички субјекти во државава?

Ајде да чуеме што предлага на пример Работничката партија, Шехтански и ТМРО на пример, може ќе понудат нешто подобро, што велат од Албанскиот блок на пример РДК, ДПА и други имаат ли медиумска покриеност тие? Што е со другите цел корпус партии што се во коалиција со овие наведените ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тие имаат ли свое мислење и ставови или 100 % се согласуваат со ставовите на лидерите и портпаролите на нивните поголеми коалициони парнери, зошто ли воопшто постојат тие партии?

Значи системот е организиран така од еден центар, а направени се два, поточно три тима еден црвен другиот син, третиот тегет за навидум да се прикаже дека постои политичка компетитивност и политичка понуда, па и антагонизам, но си тераат така и си го „товарат магарето“ веќе три децении. Народот секогаш сакал или не го бира помалото зло, но никако да гласа против и да ги казни овие моментални „тимови“ и играчи во пакет бидејќи системот е таков и истиот не предвидува напредок и свежа крв, веднаш ако некој крене глава го чека сабјата. Системот е таков и ти вели или ќе се придружиш на некој од големите и ќе живуркаш или нема леб за тебе. Во разговор со еден пријател Албанец, висок интелектуалец го прашав како тој не е вработен и зошто за него нема работа кога навистина е добар во неговата професија, при што ми одговори човекот и ми вели не стојам добро со Албанската партија која е на власт. Недозволиво е тоа, ако некој може да придонесе многу за државата нема што да се прашува дали бил во добри односи со некоја партија или со некој моќник.

Но системот е така скоцкан и предвидено е да има застој цело време, да нема напредок за граѓаните и државата воопшто, а „главниве“ два-три играчи ни прават претстава како за мали деца и кога ќе видиш како за нешто навидум дека се расправаат да незне човек дали да плаче или да се смее.

Ситемот предвидува цело време да сме во криза, зошто така е темпиран од центатот и ни претставува  како божем „тимовиве“ се расправаат од позиција на Југословени со Македонци, па Бугари со Македонци, Албанци со Македонци и други, Комунисти со Вмровци, Про Западни со Про –Евроазиски и така до недоглед за цело време да сме во политичка криза. Воедно демек во државава се само овие „тимови“ и гледаме како цели тимови или бар поединци менуваат боја (читај иделогија) па едните од Југословени и Комунисти станаа Про-Западни, а другиве од Македонци и Про-Западни станаа Про Евро-азиски и така почитувани граѓани ни прават Потемкинови села, а ние очите си ги вадиме кој бил поголем патриот, кој мислел добро за Македонија, а народот кој што е основна детерминанта за постоење на Државата го снемува, младите се иселуваат, не се раѓаат нови поколенија и старее нацијата при што тука се поставува прашањето што е патриотско во конкретниот случај? Да не снема сите? Кого и да запрашаш вели: „се спремам за трајно заминување во странство“! Ваков егзодус немало ни во турско-османлиско, ни во српско-југословенско, ни во каурско ни во бугарско…

Што е патриотското, јас неможам да разберам, приватизацијата за кои едни ја спроведоа, а други ја преќутеа па и ја надградија, законите за јазици кои повеќе го поделија народот наместо да го зближат, образованието кое се унакази, економијата која е најслаба на Европскиот континент? Што е патриотско кога имаме уништена Држава, а сомнително богати политичари, функционери и транзициски олигарси? И внимавајте после секоја голема „ујдурма“ „тимовите“ прават божем обнова, освежување или како сакате наречете го и ги праќаат старите лидери во пензија и ја пуштаат резервата во игра, а играта иста, ништо ново, стара песна. Ќе рече некој ставија образовани млади, млади да но со какви размислувања , со какви хипотеки политички и криминални страв да те фати ! Тој младиот прво научил да лаже и краде па потоа проодел изгледа!

Но има лек и за ова, народ дава, народ зема, доволно е да излеземе од кутијата, да запалиме светло и да заврши претставата. Ајде еднаш-два пати излажан може да се случи, но толку години да знаеш дека те лажат и да преќутуваш преминува во мазохизам. Потребно е гласачот да ја следи внимателно понудата и поведението на сите политички актери и да стави повисоки критериуми за реално подобрување на животниот стандард и подобрување на квалитетот во секој сегмент од живеењето. Да побара отчет како се трошат неговите, буџетските пари, зошто здравството и образованието се во катастрофална состојба, а се трошат пари на  фстаци, лубриканти, панорамски тркала, палми и што ли не друго. Да праша од каде толкав капитал има Фиљан Фиљанов за базени и викендици кога истиот нема ден работен стаж туку цел живот учествувал во играњето и градењето на Потемкиновите села!? Мора граѓанинот,гласачот да утврди дали има пријатели Македонија надвор и кои се тие и зошто не е нивниот број поголем?! Да праша зошто сме раскарани помеѓу себе на етничка, верска, политичка и било каква припадност и кој е виновен за тоа и како може тоа да се подобри?! Мора гласачот да размисли и побара објаснување зошто Македонија досега економски не закрепна, кој ги црпи нејзините богатства, ресурси и зошто истите не се правилно искористени. Мора да побара извештај од сите актери зошто живееме во нај еколошки загадена земја во Европа и пошироко и кој е крив за ншето труење и што досегашните влади направија за да се спречи тоа!

Мора гласачот да праша во овој момент како нашите херои, лекарите и медицинарите се справуваат со борбата против Короната, дали имаат ресурси, опрема, како ги живеат овие моменти, дали имаат одмор и дали некој се заинтересирал да им помогне колку толку во онивната борба?!. Мора да се запраша гласачот до каде ќе стигнеме со овие актери и „тимови“ и до кога ќе се занимаваме со нив кога гледаме дека го трчаат истото темпо, со истите нарави и размислувања, истите филмови..мора да излеземе надвор од шаблонот, надвор од кутијата, мора да го промениме овој јалов систем, доста е…!

фото: Архива