fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Став: Постои ли „Пржино“ без СЈО?

Автор: Весна Попоска

Почетната слава на специјалното јавно обвинителство, како издишан балон, вртоглаво се губи во недоглед. Хероизмот и помпата со која беше најавено, како и преголемите очекувања од толпата жедна за правда, благодарение на која кулминираше незадоволството кон претходната власт, се удавија во уште поголеми корупциски скандали од оние кои требаше да добијат судска разврска.

Разочарувањето е уште поголемо од очекувањата, без изгледи овојпат да се врати оптимизмот. Специјалната јавна обвинителка и официјално го изгаси светлото на крајот од тунелот во очите на илјадници разочарани граѓани кои во неа гледаа синапово зрно надеж за враќање на довербата во системот, пред се благодарение на силните меѓународни гаранции и притисокот под кој се роди и специјалното јавно обвинителство, и пржинскиот додговор. Токму случајот „Рекет“ беше најслабата карика во и онака кревката атмосфера и обид за спроведување на „итните реформски приоритети“ во правосудството.

По ваквиот дебакал, останува дилемата: кој ќе има специјална надлежност над специјалните, а останува и поуката дека правната сигурност не може да ја гарантираат ад хок тела туку организиран и кредибилен судски систем, која и да е цената и начинот истиот да се создаде. Втората поука која треба да се извлече е дека доколку сите партии постигнат консензус за поединечно решение, од истото сигурно нема да има аир. Впрочем, не може да се очекува дека пратеници кои би требало да се најдат на листата на првообвинети би гласале за специјален обвинител кој треба да ги испрати во притвор.
Нејсе, што е тука е. Срамот со кој се соочува просечен правник во земјава денес подеднакво или уште повеќе и припаѓа и на меѓународната заедница, која ја уживаше и најголемата доверба во пржинскиот процес. Лидерите на партиите кои беа потписници на договорот никогаш не би добиле таква доверба од јавноста за такво надминување на политичката криза, ако зад нив не стоеше кредибилитетот на меѓународниот фактор. Со оглед на фактот дека едниот од потписниците е веќе осуден и пребеган криминалец, а специјалното јавно обвинителство е во кома, сосема е легитимно прашањето дали Пржинскиот договор остана само „мртво слово на хартија“? Специјалното јавно обвинителство за граѓаните беше веројатно најдиректниот бенефит и битен елемент на договорот- единствениот на кој му дадоа реална поддршка.

Без СЈО, и без обезбедна кривична правда, понатамошната имплементација на договорот одобено во делот и начинот на спроведување на избори, нема никаква логика. Ако системот не обезбеди механизми за заштита на институциите, заменскиот министер сигурно нема да постигне ништо повеќе од дополнително буџетско оптеретување, особено ако се земе во предвид фактот дека заради неуспехот на СЈО, поедници кои можеа да се најдат на листа на првообвинети можат да се најдат на клучни позиции доколку се формира „пржинска влада“. Политичкот договор можеби беше единствениот излез од кризата во даден момент, но никогаш не може да биде замена за системски решенија и функционални и независни институции кои мора да се етаблираат. На правната држава и е неопходен restitutio ad integrum.