fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Стефанија Каркалашева: Економијата и образованието се клучните столбови за развој на македонското општество

Интервју со Стефанија Каркалашева, кандидат на листата на пратеници за  изборна единица 4 од „Македонски концепт“.

Стефанија Каркалашева е дипломиран економист со значајни познавања на комплексните економски концепти и категории, со специфичен фокус на маркетингот, раководењето со процесите и со изградена способност за примена на теории и идеи во реална пракса. Таа е млад професионалец со изразена континуирана желба за личен развој и унапредување во процесите на управување со човечките и материјалните ресурси. Дипломира на Економскиот Факултет при „Овидус“ Универзитетот во Констанца, Република Романија, на насоката Комерција, Туризам и Услуги. Била истакнат студент при Инцијативата за меѓународна размена на студенти како дел од програмата „Еразмус“, при што во 2018 година посетува настава на Универзитетот за светска и национална економија во Бугарија.

Стефанија е активен спортист – фудбалер, со впечатливи настапи како дел од женската фудбалска екипа на ЖФК “Истатов” и на ЖФК “Селена” од Констанца, Романија.

Стефанија Каркалашева: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски Концепт?

Тоа е сличниот концепт на размислување, заедничките вредносни системи и ставови што ги делиме, како и со идентичната визија, која пред сè оди во насока на подобрување на секој аспект на функционирање и организирање на нашата држава. Но, најискрено и неизбежно е да се напомене дека тоа е довербата во луѓето кои ja создадоа идејата и платформата на Македонски Концепт.

Стефанија Каркалашева: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Сум била симпатизер, делумно и активист, но никогаш не сум била член на политичка партија. Токму граѓанскиот принцип врз кој почива платформата на Македонски Концепт ме мотивираше да се приклучам кон оваа опција. Возбудена сум од можноста која се дава на нови и свежи лица да остварат свој конкретен придонес во креирањето на прогресивни политики за иднината на државата.

Стефанија Каркалашева: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Неопходно е да се направи промена во пристапот на решавање на проблемите! Македонската политичка сцена плива во еден застојан жабурник, а тоа е огромен хедикеп кога во светот единствена константа се – промените! Како да отсуствува желба и воља да се направи нешто ново, некое out-of-the-box решение, па се оди на линијата на помал отпор… и така поминува мандатот. А не дека нема луѓе коишто можат да донесат свежина и нови решенија, само се надвор од магистралните политички текови. Македонија мора изворно да создаде, да направи суштинска разлика во однос на минатото, во начинот на справување со предизвиците кои ги имаме и кои нè очекуваат во иднина.

Стефанија Каркалашева: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Според мене, за создавање на една здрава држава неопходно е да се преземаат низа мерки и активности во рамките на два клучни кластери, а тоа се економијата и образованието. На економски план, неопходно е да се воспостават и да се спроведат во пракса серија развојни програми кои ќе овозможат дополнителни вработувања во реалниот сектор од една страна, а и да се стимулира дополнителна побарувачка и пласман на производите на домашниот пазар, од друга страна.

Во состојбата во која што е сега, наместо да биде двигател напред, образованието е кочничар на општествениот развој! Целиот образовен систем иманентно мора да се подигне не едно повисоко развојно и структурно ниво, кое, на прво рамниште, мора да вклучува сет на мерки и иницијативи за достоен и професионален стимул на наставниот кадар. Без стимулација на оваа група на професионалци, нема да имаме никаква шанса да го реформираме образовниот систем во Македонија. Ниту, пак, ќе создадеме нови можности за подигање на потенцијалите за создавање на ментално здрав и едукациски прогресивен млад човек.

Стефанија Каркалашева: Која компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Посебно внимание ми привлече стратешката платформа на проекти кои стимулираат  партнерство со младите и волонтерско работење на функционерите. Овој пристап ги надминува конвенционалните политички практики. Пред сè во насока на свесноста и пристапот на поединецот кон државата како жив организам. Притоа, промовирајќи една значајна компонента на државен патриотизам или начин секој граѓанин да даде свој личен придонес кон подобрувањето на општествените услови и стандарди на живот, воопшто.

Стефанија Каркалашева: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Со еден збор – транспарентност. Стратешките проекти на Македонски Концепт се и ќе бидат транспарентни, во сите фази, од создавање до практикување. Јавноста е хиперсензибилизирана од нетранспарентност, неетичност во односот на релација информација – граѓанин. Мојата улога, во овој правец, би била насочена кон објективен и реален начин на информирање на јавноста, за статусот и исходот од реализацијата на овие проекти. Со тоа, длабоко сум уверена, дека не само што ќе се придонесе кон популаризација на овој иновативен пристап, туку и ќе се стимулира вклучување на нови лица, граѓани, кои несебично и искрено ќе ја поддржат оваа граѓански ориентирана платформа и начинот на работа.

Стефанија Каркалашева: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Основно и неизбежно е да се вложат елементарни напори во детекција на слабостите и пропустите на досегашниот систем на работа и функционирање на институциите. Само на тој начин, како прво скалило, ќе се отвори простор за предлагање на конкретни решенија и проекти за надминување на тие слабости. Со тоа, ќе се детерминира платформа за здрава и функционална платформа за имплементација на проектни решенија кои Македонски концепт ги дефинира во својата програма.

Стефанија Каркалашева: Зошто проекти?

Само тоа е начин со којшто може да се гарантира напредокот на полето на економијата, социјалниот статус на граѓаните и целокупниот животен стандард. Проектите нудат конкретни практични решенија, се осврнуваат на конкретен проблем и ги детектираат конкретните области каде извршната власт не успева да направи било какво подобрување. Верувам дека само на овој начин, ќе успееме да направиме промена, која во најмала рака, ќе предизвика нормализација на процесите и процедурите на функционирање на круцијалните кластери во државата.

Стефанија Каркалашева: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Македонија како дел од ЕУ, што ќе овозможи поголем прилив на средства од надвор и ќе создаде можност за пласман на македонскиот производ на пазари кои досега се недостапни за нас како економија во развој. Од таа позиција, верувам дека Македонија ќе стане и туристички многу поатрактивна дестинација, што ќе овозможи висок степен на развој на уште една економска категорија која во многу развиени европски земји е значаен генератор на дополнителни приходи во економијата.

фото: Македонски концепт