fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Филипче: Со е-рецепт и укинувањето на квотите за лекови во аптеките овозможен е брз и ефикасен пристап на пациентите до терапија во секое време

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција одржана со Министерот за информатичко општество и администарција Дамјан Манчевски на тема електронски рецепти истакна дека проектот за електронско издавање рецепти е почнат уште пред кризата со КОВИД-19 вирусот, а со цел да се избегне непотребното доаѓање на пациентите, пред се на пациентите со хронична болест и кај матичниот лекар и во аптеките.

„Ова се покажа дека е еден одличен модел и проект, и токму кризата го докажа тоа, заради тоа што тие категории граѓани и пациенти коишто најмногу сакаме да ги заштитиме во оваа ситуација- пациентите со хронични болести, сега го избегнуваат непотребното одење во лекарските амбуланти. Со оваа алатка се модернизираше процесот на препишување и издавање лекови, без хартија, односно преку електронски рецепт и тоа е нешто што ја олеснува целокупната постапка за издавање на рецептите за пациентите, а од што придобивка имаат не само пациентите, туку и матичните лекари и аптеките, фармацевтите, и секако Фондот за здравствено осигурување“, рече министерот Филипче.

Тој потенцираше дека пациентите добиваат ефикасен пристап до лекови. Матичните лекари веќе не се преоптоварени со дополнителна работа, а тоа е пополнување на хартиениот рецепт, туку софтверскиот рецепт е директно достапен во аптеките, а во исто време Фондот за здравствено осигурување има информација за тоа кој матичен лекар, за кој пациент какви лекови препишува.

„Системот досега се покажа како успешен, од први мај досега преку овој систем се креирани над три милиони рецепти за хронична, акутна терапија. Воведувањето на електронскиот начин на издавање рецепти е практично надополнување на активностите за целосна достапност до терапиите и лековите за пациентите и граѓаните, која почна минатата година во октомври кога целосно ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум државата. Со тоа обезбедивме лекови за сите пациенти, за сите наши граѓани кои имаат потреба од тоа да имаат лек во кој било ден од месецот, се избегнаа гужвите, редиците, се избегна паниката. Таа веќе не постои кај граѓаните и со тоа постигнавме една од нашите цели, преку вистински здравствени политики да го зајакнеме овој сегмент од јавноздравствениот систем“, информираше министерот Филипче.

На прес-конференцијата, тој изјави дека сите мерки и проекти кои се реализираат за подобрување на животот и здравјето на пациентите, но и модернизација, односно дигитализација во здравството имаат за цел подобрени, современи здравствени услуги за граѓаните, унапредување на условите и оптимизирање на работата на здравствените работници.

фото: МЗ