fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Целта на Македонски концепт е Закон за пратеници волонтери со кој пратениците нема да се богатат и ќе работат за граѓаните

Пратеници – волонтери – е предлог на Македонски концепт со кој пратениците ќе бидат волонтери во служба на граѓаните. Ова е закон со кој пратениците ќе работат на волонтерска основа, и затоа нема да бидат платени од собрание, нема да патуваат и да користат патни трошоци, нема да користат трошоци за живеалиште.  Овој закон е и еден од условите за Македонски концепт да придонесе и да се вклучи во формирање влада, истакна Жарко Бошкоски, носител на листа за пратеници од граѓанската платформа „Македонски концепт“ за ИЕ 4.

“Години наназад слушаме за енормни суми за патни трошоци што ги побаруваат пратениците, слушаме за афери дека пратениците од другите градови имаат сопствени станови во Скопје, кои ги изнајмуваат, а државата на нив им плаќа за престој. Слушаме баснословни суми потрошени во собраниската кафетерија, за плати на пратениците а за возврат што добиваме. Добиваме закони за кои граѓаните не го дале својот глас. Добиваме пратеници кои дејствуваат соодветно партиските цели, Влада и Парламент што се производ на пазарења и договарања. Многу празни ветувања се изнаслушавме во изминативе 20 години, многу поделби, многу разочарувања за граѓаните и фрустрации, зошто некој да троши толку државни пари, пари што граѓаните ги даваат а не работи во корист на истите тие граѓани. Време е за Закон за пратеници волонтери”, рече на Жарко Бошкоски, носител на листата од Изборна единица 4.

Македонски концепт има начин како да го реши овој проблем. Пратениците – волонтери, ќе си ја продолжат својата професионална кариера според нивната примарна вокација и ќе останат во своите живеалишта а законите ќе се донесуваат само еден ден во неделата.

“Со Законот за пратеници волонтери, Парламентот ќе стане институција и вистински народен парламент. На Македонија и требаат вистински “народни” пратеници, блиски до граѓаните. Пратеници на кои мандатот во Собрание нема да им биде бизнис и печалба, туку ќе им биде чест и можност да служат на народот. Време е да се реализираат ветувањата и да се понудат решенија, наместо само декларативните изјави. Време е да создадеме нормална држава во која пратениците ќе бидат дел од граѓаните и ќе работат за граѓаните”, потенцираше носителот на ИЕ 4, Бошкоски.

Пратениците волонтери ќе бидат овозможени да користат слободни денови од работните места, кога заседава Собранието. За тие денови ќе им биде обезбеден и организиран превоз или автобуска карта, без никаков надоместок. Исто ќе биде обезбедена бесплатна храна во собранискиот ресторан. За пратениците кои работат во приватен сектор, државата ќе им надомести дневници на сопствениците на компаниите, кои имаат чест да вработуваат републички пратеник, само за оние денови кога истите се отсутни од работа, поради службени потреби. Оние кои работат во јавен сектор, ќе користат само слободни денови, за кои ќе примаат редовна плата.

Македонски концепт има цел да создаде нормална држава со богати граѓани. Нормална држава каде не постои непремостливиот јаз меѓу богатите и сиромашните. Каде парламентот и владата функционираат нормално, не по партиски клуч туку според потребите на граѓаните и во нивни најдобар интерес, истакна Жарко Бошкоски.