fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Чингоски: По завршувањето на кризата, да се започне со барање на одговорност за сето она што ни се случуваше во изминативе децении

Да се надеваме дека оваа криза ќе помине побрзо и без големи последици, првенствено по здравјето на граѓаните.Но, се надевам дека по нормализирањето на состојбата во нашата држава, еднаш за секогаш ќе почне да се дава отчет од страна на носителите на власта и да понесат одговорност не само за оваа криза, туку за кризата која ја живееме веќе 30 години, а никој не одговарал, напиша на својот ФБ профил познатиот адвокат Владо Чингоски.

Тој додава:
Сега, мораме да им дадеме поддршка на Владата, дури и во нивните грешки кои и ние обичните лаици ги согледуваме, но немаме подобри. Да ги послушаме во нивните препорака и да бидеме дисциплинирани. Никогаш нема да дознаеме дали можело подобро или даден е максимумот, дали имало грешки или не.
Не смееме во овие кризни моменти неосновано да критикуваме или неосновано оправдуваме, едноставно мораме да им дадеме поддршка на оние кои менаџираат со состојбата.
Но ова е и момент, кога ќе треба, по завршувањето на кризата, да се започне со барање на одговорност за сето она што ни се случуваше во изминативе децении.
Да се утврди дали и кој профитира од оваа криза и веднаш да се земе на одговорност.
Да се побара одговорност од сите оние носители на власта, кои приоритет им беше практицирање на гола власт, реализирање на детските соништа, лечење на нивните комплекси, неосновано богатење и сето тоа со народни пари.
Вонредната состојба му дава можност на Владата, уште во овој момент да почне да реагира, не само во донесување на одлуки за мерки за спречување на кризата, туку и да направи солидна база, за пост критичниот период, барање на одговорност и раскрстување со економскиот криминал во нашата држава.
Дали ќе има оваа или идната власт волја да го направиме тоа, не сум сигурен, зошто изборот на граѓаните е многу стеснет, МАГАРЕ ИЛИ ЗМИЈА, а за тоа сме сами виновни со нашата сервилност, напиша Чингоски на ФБ.

фото: Архива