fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Шекеринска: Денови ја делат Северна Македонија до полноправно членство во Алијансата

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во Брисел учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет, заедно со министрите за одбрана на сите земји – членки на НАТО.

Во изјава за медиумите министерката рече дека нашата земја за последен пат учествува како поканета за членство во НАТО а веќе на следниот состанок ќе биде полноправна членка на НАТО, бидејќи од полноправното членство не делат само денови.

„НАТО значи брзо темпо – во ист ден почнува состанокот на министри за одбрана на Алијансата, ден кога во Република Северна Македонија се објави и официјално Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор со што ние ставаме печат на нашето членство во НАТО и ден кога ја добивме веста дека шпанскиот парламент ја прифати практично брзата трака за ратификација на нашиот протокол“, рече министерката Шекеринска и додаде дека нашето членство во НАТО  е навистина прашање на денови, а не недели или месеци.

            Шекеринска порача дека на денешната средба покажуваме дека веќе не сме тема на масата, туку дека сме членка на масата и дека нашата одлука и нашиот став се цени, се почитува и влијае на одлуките кои што ги носи Алијансата.

            Министерката информираше и дека во Брисел ќе се сретне со неколку колеги – министри за одбрана на земјите – членки на НАТО, а со британскиот министер Бен Волис ќе биде потпишан новиот Договор за соработка во одбраната.

„Со овој нов договор за одбранбена соработка со Обединетото Кралство, буквално ги редефинираме нашите односи, бидејќи веќе сме третирани како членка на Алијансата и нашата одбранбена соработка ќе биде одбранбена соработка на две земји сојузнички“, истакна министерката.

„Навистина долг беше нашиот пат кон НАТО, ова се последните чекори и  влегуваме со сигурен чекор”, рече министерката. 

На денешната сесија на Советот, министрите за одбрана на земјите на НАТО разговараат за глобалните безбедносни предизвици, како и за развојот на НАТО – мисиите и операциите на глобално ниво.  

фото: Министерство за одбрана