fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Јаничари!

Бугарите од нас бараат да се самопрогласиме за јаничари! Не бива таа работа другари! Тоа е исто, како ние од вас да побараме да признаете дека, од немајкаде, сте ја предале македонската кауза и сте станале Бугари, односно сте се јаничареле! Кој се сега јаничарите?

Бугарите од нас бараат да се самопрогласиме за јаничари! Не бива таа работа другари! Тоа е исто, како ние од вас да побараме да признаете дека, од немајкаде, сте ја предале македонската кауза и сте станале Бугари, односно сте се јаничареле! Кој се сега јаничарите? Така сакате да зборуваме? Јас цел живот го потрошив оваа тема да ја оставиме на страна и да изградиме меѓусебно почитување, но гледам вие сте упорни со јаничарењето! Тоа не само што нема да ви помине, туку ќе направи уште повеќе ние за вас да истакнуваме дека сте вие јаничари.

Имено, Бугарите тврдат дека ние сме биле Бугари кои преку ноќ, во 1944 година сме станале Македонци. Со тоа сме ја предале бугарштината и сме станале јаничари. Со други зборови тоа би било вака, нашите дедовци и баби цел ден го поминуваат како Бугари, заспиваат и утрото се будат како Македонци. Па вакво чудо не направиле сите Месии на планетава Земја! И замислете тоа го направил омразениот ни Тито. Со тоа несвесно, Бугарите го прават Тито најголем Месија кој се движел по Земјава. Значи Бугарите се на иста линија со нашите југоносталгични Македонци. Бугарите извикуваат Тито е Месија, тој создаде Македонци, а вие сте јаничари, го предадовте родот бугарски! Дали остана некој нормален во таа Бугарија, да размисли што лупате за нас Македонците? Што барате од нас Македонците?

Работата е повулгарна и од месијанството на Тито. Пред Тито да се роди, нашите предци создавале култура, твореле, граделе, се кренале во бој за Македонија. Е сега, ние сме јаничари, сето тоа сме го предале, а Бугарите биле единствени наследници на истото! Замислете, она кое го создавале нашите дедовци, било историско и културно наследство на некој од Видин или од Русе, а не на некој од Битола или Охрид! И очекуваат ние тоа да го прифатиме. И тоа не милум туку силум, со уцена за влез во Европска Унија. Па ова ниту на Грците не им текна… не го можеа!

Апсолутна вистина е мојата вистина. Тоа е поведението на бугарските историчари, за волја на вистината не сите, кое е на потсмев во целиот свет. Или ќе прифатиш како што јас размислувам, како јас толкувам, како јас сакам, или ти си лажго и јаничар! Абе другари болшевици, не сме ви ние заморчиња, како што сте им вие на московјаните. Што мислите, најдовте тука село без кучиња, па сега тоа што на вас ви го прават московјани, вие ќе го правите врз нас? Мало сутра, што би рекол Зоки преговарачот! Како тоа не сакам да ја ислушам твојата вистина, за мене постои само мојата вистина?!? Па тоа не е фашизам, па тоа не е болшевизам, тоа е… тоа е незнам… простотилак од највисок степен! Така се однесувале само Хуните на Џингис Хан. Ако ви е тоа наследство од Аспарух Хан, не е баш добредојдено во модерна Европа. Ние Македонците кои сме автори на преродбата, кои ве описменивме, кои ве покрстивме, кои ве пробудивме да не станувате Грци или Турци, кои ви ги поклонивме од Пасиј Хилендарски до Левски, не прифаќаме да се однесуваме како Хуните! Ние сме чеда на европската цивилизација, ние ја обликувавме истата, ние се изборивме славјанството да биде дел од истата, ние не паѓаме толку ниско на ваше ниво. Тука да сме на чисто. Ние не бараме од вас да се самопрогласите за јаничари!

Денешната реалност за која зборува официјална Софија, која демек ни ја прифаќаат, сакале да ја трампаме за реалноста од минатото. Види мајката! Абе тоа можете со Заев и Мицкоски, со нас македонските сепаратисти тоа не ви поминува, другари болшевици! Ниту сакаме да ни прифаќате денешна реалност, ниту пак ќе ви дадеме монопол врз реалноста од минатото! Се она што се однесува на Македонија и македонската Кауза, македонската преродба, македонската револуција, македонската борба за правдини, е само и само наше македонско историско и културно наследство! Дали некој од Охрид се изјаснувал како Бугарин, а некој од Русе како Македонец или Влав, ама воопшто не ме интересира! Борбата за македонската посебност, изворноста на македонскиот сепаратизам, македонската државност… се е тоа наше и само наше! И точка! Тоа што официјална Софија, повеќе векови се мешала во нашите внатрешни работи, како и денес, тоа што сте сакале да ја киднапирате под своја контрола македонската револуција и преродба, особено да спречите создавање на македонска држава, тоа си е ваш проблем, ви тежи на вашата совест. Да не бидам како вас и да кажам тоа си е ваше јаничарење. Ние со нашето, вие со вашето. Еве ако ви е полесно братучеди, ви простуваме и ве ослободуваме од грижата на совест, дека сте не предале! Да сте живи и здрави, Господ да ви даде се што сакате. Но ако уште сега, повторно по стоти пат, повторно не предадете, повторно се обидете да ја оглавите нашата борба за европска Македонија, повторно да ја киднапирате нашата македонска Кауза, повторно да ја уништите нашата државност, тука прочка ќе нема! Прочка да не барате. Прочка да не очекувате! Прочка нема да добиете никогаш, па ни тогаш! Енде!  

Петар Богојески с.р.