fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Љупчо Божиновски: Нова генерација на млади луѓе и политичари како предуслов Македонија да стане нормална држава

Интервју со Љупчо Божиновски, Кандидат на листата на пратеници од „Македонски концепт“ за изборна единица 3.

Љупчо Божиновски е магистер по правни науки, млад претрпиемач, адвокат, сопственик и основач на адвокатска канцеларија. И покрај младоста, тој се одликува со богато искуство во доменот на правото, стекнато низ активната и богата кариера која по завршувањето на постдипломските студии на правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје, ја започнува во АД „Окта“ во Дирекцијата за правни услуги, а ја продолжува во неколку адвокатски канцеларии како адвокатски приправник, каде се задржува сè до завршувањето на правосудниот испит во 2016 година.

Од тогаш, Љупчо професионално се надградува и како Соработник за инспекциски надзор при Државната Комисија за одлучување од втор степен од областа на инспекцискиот надзор.

Од 2019 година, тој е основач и сопственик на адвокатската канцеларија Љупчо Божиновски. Кандидат е на листата на пратеници за изборна единица 3.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски Концепт?

Љупчо Божиновски : Пред сè тое е желбата да живеам во нормална држава која ќе биде дел од обединетото Европско семејство. Споделувањето на идентични вредности ме прави да бидам дел од Македонски концепт. Тоа е политичка платформа која нуди програма базирана на иновативни идеи и решенија. Но, настрана конкретните проекти, основна цел на Македонски концепт е создавање на нормална држава. Преку реално управување со процесите во државата, Македонски концепт сака да ги промени постојните социо–економски услови, коишто продуцираат ненормалност, а со тоа да отвори пат за нормалното фунцкионирање на системот во целина. Истовремено, целта на овие политики е младите да ја гледаат истата шанса за успех тука – дома, на ист начин како што ја гледаат во развиениот цивилизиран свет. Токму стратегијата за мотивирање на младиот човек да ја бара својата шанса во сопствената земја е еден од клучните мотиви да се приклучам кон Македонски Концепт.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Љупчо Божиновски : Не, јас сум неажуриран член на ВМРО-ДПМНЕ.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Љупчо Божиновски : Политичките чинители се оние коишто изворно добиваат легитимитет да бидат претставници на сите граѓани. За жал, во Македонија политичките партии на еден или друг начин се заложници, oдносно послушници на некои други центри. Доколку сакаме подобра иднина во Македонија, мора да го истиснеме криминалот и криминалците на маргините на општеството и конечно да расчистиме со нив. Без победа во таа борба, немаме никаква иднина. Сметам дека немаме многу време и нема да имаме уште многу шанси да го направиме тоа. И затоа, важно е веднаш да почнеме да ги решаваме проблемите кои ги имаме, а кои не се малку на број.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Љупчо Божиновски : Во овој момент сметам дека најважно е да се надмине кризата предизвикана од вирусот COVID-19. Освен тоа, примарна цел треба да е нашата полна интеграција во Европската Унија. Но покрај овие две работи, потребно е да создадеме услови на власт да дојде нова генерација на политичари, со чист образ, чиста совест и чиста мисла кои одговорно ќе управуваат со државата. Таа нова генерација на политичари треба да изгради фер и транспарентен систем и фер држава во која ќе се живее нормално. Но, и да работи на развивање на свесноста на граѓаните за потребата македонското општество да биде општество во коешто ќе се почитуваат и ќе се спроведуваат законите, без исклучок!

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Љупчо Божиновски : Сите досега предложени проекти се интересни и, најважно од сè, се реални и остварливи. Но, како млад човек кој е вљубен во спортот секако највеќе ме привлекуваат “Партнерство со младите” и “Политиката во втор план”.

Проектот “Партнерство со младите” е интересен затоа што ќе имаме една нова ситуација кадешто Македонија е партнер со младите, кадешто платформата на самиот проект создава една нова генерација кај која претприемништвото на младите луѓе ќе биде претставувана како врвна и приоритетна вредност.

Проектот “Политиката во втор план” е интересен од причина што промовира ,,жива Македонија”, што всушност значи Македонија на среќни, насмеани, полни со оптимизам граѓани, коишто не планираат да ја напуштат државата, туку да останат дома и да се изборат за просперитет на сите нас, ставајќи ги во преден план, квалитетот на животот, слободата, професијата и, пред сè, спортот. Нас ни треба здрава нација, здрава Македонија. Треба да градиме култ кон спортот, а не култ на политичарот. Спортот треба да биде на пиедесталот на општеството. Спортистите треба да бидат славните јунаци на македонската нација, а не политичарите. Помалку политика на ТВ екраните, повеќе спорт!

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Љупчо Божиновски : Јас веќе отворив сопствен бизнис и активно спортувам, што значи дека делумно веќе ги имам имплементирано горенаведените два проекти. Но покрај тоа, јас активно се заложувам и ги охрабрувам моите пријатели и познаници да запливаат во претприемачките води. Оваа моја лична определба е еден вид на придонес кон целокупниот сет на проекти чија основа ги поддржува младите претприемачи. Верувам дека со поддршката која ќе ја добие Македонски Концепт од граѓаните, овие заложби ќе добијат на значење, а иницијативата ќе се пренесе во многу поголем сооднос на територијата низ целата држава.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Љупчо Божиновски : Неопходно е да се надминат сите разлики кои ги имаат политичките субјекти и заедно да направат стратегија за младите и стратегија за политиките на државата кон младите. Да се сослушаат невладините организации кои работат на ова прашање со цел да се пронајдат соодветни решенија. На крајот на краиштата, нека се основа и Министерство за млади кое ќе работи само на политиките за младите. Мене ми е доста од испраќање на моите другари и пријатели кон Европа и Америка. Не сакам да губам повеќе другари.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Љупчо Божиновски : Македонски концепт во овој момент не е политичка партија за да прави целосна формална програма за избори. Ние сме граѓани на Македонија кои се свесни дека е време за ново општество, за нови лица, за нова енергија, за нова платформа. Таа нова платформа ја исполнивме и сèуште ја исполнуваме со конкретни проекти кои се предложени од обичните граѓани. Секој еден граѓанин на Македонија може да достави проект до Македонски концепт. Доколку проектот е добар, реален и изводлив секако дека ќе го поканиме и ќе го охрабриме предлагачот на да го презентира и да го промовира во име на Македонски концепт.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за пет години од сега.

Љупчо Божиновски: Во следните пет години мора да работиме на европеизација на државата и општеството. Тоа значи дека државата мора колку што е можно повеќе да ги искористува фондовите достапни од Европската унија. Сакам Македонија во 2025 да биде нормална држава, во која младите ќе ја гледаат својата иднина, во која нема да ти бидат потребни врски за да ги завршиш основните работи, земја во која џебовите на луѓето се пристојно полни и во која криминалците и бандидите си го добиваат она што го заслужуваат!

фото: „Македонски концепт“