fbpx
Сѐ за политика на едно место!

(ВИДЕО) 29 години од историскиот референдум за независност

Денеска Македонија одбележува 29 години од независноста. На 8-ми септември 1991 година на успешно спроведениот референдум македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Годинава, поради пандемијата со Ковид-19, прославата ќе се одржи во посебни услови согласно протоколите на Комисијата за заразни болести за одбележување државни празници, без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание. Централната прослава ќе биде на отворено во дворот на Владата каде ќе се обрати премиерот Зоран Заев.

А како беше пред 29 години на 8 ми септември…

Собранието со акламација донесе одлука за распишување референдум. Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

На референдумот на тој 8 септември 1991 година излегоа 71,85 отсто од регистрираните избирачи, а 95,32 отсто од нив гласаа за создавање суверена и самостојна Македонија.

По затворањето на избирачките места, граѓаните се упатија кон плоштадот Македонија, кој дотогаш го носеше името Маршал Тито, во центарот на Скопје, каде Македонското радио организираше свеченост насловена „Глас за Македонија“ со настап на стотина музички ѕвезди. Меѓу настапите на уметниците пред насобраните граѓани се читаа извештаите кои општинските изборни одбори ги доставуваа до Републичката комисија за спроведување на референдумот.

По објавувањето на резултатите на насобраните граѓани им се обрати првиот претседател Киро Глигоров:„Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“

На референдумот, граѓаните ја потврдија одлуката на Собранието кое на 25 јануари 1991 година ја донесе декларацијата за независност.