fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Ексклузивно интервју со Стево Насковски, промотор на „Македонски концепт“

Политика направи интервју со Стево Насковски еден од застапниците и промоторите на политичката платформа „Македонски концепт“ кој силно се промовира во јавноста извесен период. Насковски е познат на јавноста како поранешен организационен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, поддржувач и активист од Внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, член и активист во ВМРО-ДПМНЕ, во минатото активен во младинската политика и промотор на неколку проекти за младински стандард кои се имплементирани во македонското општество.

Политика: Кој е мотивот да формирате една ваква политичка платформа и што е нејзината крајна цел?
Насковски: Поради тоа што не успеаја политичките елити да постигнат последните 30 години во независна Македонија, нивната фригидност, односно ни е оставено едно поделено општество по сите основи, без перспективност, масовниот егзодус на Македонските граѓани во странство, економска катастрофа во сите овие три децении. Доволно беше од партократијата независно која партија и да е на власт, се произведе само клиентелизам, а од народот се направи аморфна маса скоро без љубов кон татковината, квази-патриотизам и популизам. Доволно беше страдање на македонските граѓани, потребно е да има благосостојба, достоинствен живот, народот треба да расне и да се развива, потребно е да ја изградиме Македонија да биде држава на сите, каде секој ќе има шанса за достоинствен живот.

Политика: Досега ваква платформа не е претставена пред македонската јавност. Од каде инспирација за Вас промотерите?
Насковски: Kако што наведов во претходното прашање освен поради проблемите со кои се соочува нашето општество, мислам дека многу пати имам кажано и досега во јавноста, слично размислувале и нашите предци. Видете го уставот на ТМОРО, изработен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров, во истиот е наведено дека се организираат, односно можат да членуваат сите елементи (мислејќи на етникуми) незадоволни од Османлиското владеење заради ослободување на Македонија и во тоа време и Одринско. Видете го исто така и Крушевскиот Манифест обзнанет за време на Крушевската Република, истиот се обраќа кон сите Крушевчани, сите жители независно од пол, вера, политичко убедување и етничка припадност, за како што стои во самиот манифест се вели „Да кренеме глава против вашите и наши душмани, за нашата мила Македонија да не заприлега на пуста пустина..“ Тоа е, нашата Македонија нажалост заприлега на пуста пустина, ограбена, раскарана, се празни и младите бегаат. Секојдневно гледаме само меѓупартиски преписки и препукувања кои уште толку ја убиваат надежта на Македонецот и истиот се остава без избор, треба да избира помеѓу две зла. И кога велам Македонецот мислам на сите граѓани кои живеат во нашата земја, сите ние сме деца на Македонија.

Политика: Ние фрливме особен фокус на тоа „сите сме Македонци“, видно и од излагањата на Вашите колеги, дајте ни пошироко објаснување на овој концепт.
Насковски: Македонија мора да биде дел од Европското семејство тоа е јасно, тоа ќе и обезбеди стабилност и напредок како на економски план така и во останатите полиња, што е докажано од многу примери, а скептиците колку сакаат можат да негираат. Ние во НАТО и во ЕУ мора да влеземе како стабилна држава, држава без внатрешни конфликти и без било каква сегрегација. Потребно е да се направи де-идеологизација и де-етнизација на политичките партии пред се, а воедно создавање на политичка нација. Ако тргнеме од фактот дека сите нации се политички, ние потребно е да направиме мали позитивни и модерни модификации во смисла на еве ќе ви дадам еден пример Америка и Американците, Франција и Французите, Шпанија и Шпанците итн. Односно да се направи разлика на поимите етницитет и нација при што нација научно знаеме како се дефинира, а тоа е комбинација на сите граѓани на една држава, кои што граѓани може да се од различни етноси и да исповедаат различни религии, како и дека нациите се продукт на државите, како политичко-територијални заедници кои влијаат на сите свои граѓани преку своето законодавство и државна политика. Во Македонија сите заедно независно дали етнички Македонци, Албанци, Бугари, Власи, Роми, Турци, Бошњаци, Срби делиме исти проблеми, делиме исто секојдневие, исто минато и заедничка иднина, така што сите сме деца на Македонија и потребно е да престане реториката од типот кој бил староседелец кој не, кој бил дојден од некаде, кој бил автохтон. Зар во Америка некој некого прашал од каде е и што е по етникум и дали некој му го спори тоа некому или во било која друга останата земја во Западниот свет? Туку секој е Американец и има право на живот, на работа и барање на среќата само врз основа на неговите знаења и умешност. Така што Сталинистичкото поимање на нации и идентификацијата на етницитет со нација треба да се оконча и конечно нашите граѓани да се придвижат напред во поглед на економска благосостојба. Затоа нашата максима е „Македонија на Македонците“, а под Македонци ги поимаме сите граѓани на нашата убава Македонија.

Политика: Каква е вашата поставеност, поточно кој се може да биде дел од Македонски концепт?
Насковски: Многу од моите колеги во своите излегувања претходниов период сметам добро го објаснија тоа, а тоа е дека постои инклузивност, така што не е исклучено секој наш поддржувач да биде член на било која партија, секој може да даде поддршка на Концептот. Ние не излеговме од нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, односно оние што сме членови и активисти на истата, но може да приметите имаме и луѓе од левицата, има македонски и албански интелектуалци, луѓе со Власи и Бугари, како и од други етникуми и од партии, а освен од овој вид на проевиненција имаме луѓе од различни невладини организации и различни професии кои ќе дадат стручна програма во склоп на Македонскиот концепт за тоа како да изградиме здраво, одржливо општество.

Политика: Од причина што сте од различни партии и невладини организации, како планирате да се имплементира Македонскиот концеп во пракса?
Насковски: Различноста е богатство, мозаиците се најубави од причина што се разнобојни, а креираат една целина. Јас сметам дека е предност тоа што доаѓаме од различни партии и организации и сме различни индивидуи, впрочем ние даваме предност на силни индивидуи организирани со една идеја, наспроти сивилото на колективитетот составен од полтрони. Преку канализирање на концептот во самите партии од каде што доаѓаме, при што ќе им биде ставен на маса Концептот, па нека изберат, или ќе одиме напред и изградиме силно општество, или ќе водат непродуктивна политика како досега. Воедно преку невладините организации кои нè поддржуваат и се дел од Македонски концепт, преку кампањи ќе го доближиме Македонскиот концепт до граѓаните и сите останати чинители во општеството.

Политика: Како вие лично гледате на ребрендирањето и најавата на кампањите на власта и опозицијата и дали сметате дека навистина ќе го прифатат Македонскиот концепт?
Насковски: Во врска со ребрендирањето, тоа можеби е добро, но со промена на шминката ништо не се менува, треба нешто ново како што е Македонскиот концепт. Еве на пример власта покажа слаби резултати во однос на некои полиња на владение, додека кај опозицијата не се случија суштествени реформи и демократизација. Значи во македонскиот политички етер треба коренити промени, потребно е рестарт на политичкиот систем во Македонија, тоа е задача и крајна цел на нас промоторите на Македонскиот концепт.