Сѐ за политика на едно место!

Македонскиот образовен систем – рефлексиите од истиот врз професиите и потребата од деетатизација и децентрализација

Многу често, се говори за адекватноста на нашиот образовен систем и за тоа какви карактеристики треба истиот да има, од колку делови и нивоа да се состои и какви и кои можности за избор да ги понуди на секој оној кој сака да го започне, развие и надгради своето знаење. Од практична гледна точка, образовниот систем треба да е компилација на услови кои овозможуваат од една страна задоволување на потребите на индивидуалецот за едукација и надградба на истата, а од друга страна на приватниот и јавниот сектор можност за регрутација на соодветни и специјално квалификувани кадри. Оттука основано може да се заклучи дека главна цел на управувачкиот апарат на една држава и нејзиниот интелектуален потенцијал, треба да е постигнување на хармонија помеѓу барањата на оние кои учествуваат и очекуваат резултати од образовниот систем.

Во Македонија години наназад па и ден денес може да се каже дека скоро сеопшто чувство е дека нашиот образовен систем не ги дава очекуваните резултати за сите негови учесници. Учениците и студентите се сомневаат во содржините на наставните програми, како од гледна точка на квалитетот, така од гледна точка на квантитетот. Нормално оваа група на учесници во образовниот систем секогаш е попрагматична, поадаптибилна од другите учесници, а за жал најмалку застапена во одлуките кои се носат во врска со образовниот систем. Професорскиот и наставничкиот кадар, дел од дилемите кои ги имаат учениците и студентите ги делат со нив. Но кога сме кај групата учесници во образовниот систем која треба да го пренесе своето знаење на учениците и студентите и да им помогне во стекнувањето и надградбата на нивните знаење, дополнително се јавува проблемот мотивираност, адекватност и способност за пренесување на знаење од определена област. Третата група на учесници во образовниот систем е управувачкиот или државниот апарат, кој согласно Уставот и важечките закони ги има овластувањата да го креира, одржува и унапредува образовниот систем односно е најодговорен за постоењето на истиот. Особено важна улога на државниот апарат е обезбедување на финансии и логистички услови за организација и одржување на образовниот систем. Секако тука треба да напоменеме дека оваа група на учесници има двојна улога односно дополнително влегува и во четвртата група учесници односно е дел од регрутерите на кадри кои ги произведува образовниот систем. Покрај државниот апарат или пошироко кажано јавниот сектор во четвртата група на учесници во образовниот систем влегува и приватниот сектор кој по логиката на нештата е најголемиот регрутер на кадрите произведени од образовниот систем.

Улогата во носењето одлуки кои се однесуваат на креирањето, развојот, одржувањето и надградбата образовниот систем е различна за секоја од групите учесници во истиот. Како што веќе споменавме најмала улога имаат учениците и студентите, а истиот статус го дели и приватниот сектор. Основите на образовниот систем и образовните политиките, со ретки исклучоци, за жал се креираат со отсуство на претставници на учениците, студентите и приватниот сектор, односно отсуство на најзасегнатите. Најистакната улога има државниот апарат и истата ја остварува преку носењето на законски и подзаконски акти од областа на образованите, креирањето на државните образовни политики и планирањето и обезбедувањето на финансиските средства за работа на образовните институции, оние кои се формирани од страна на државата. Додека пак академската заедница е поделена согласно степенот на образовен процес во кој е вклучена односно дали се работи за основно, средно или високо образование, општо или стручно образование. Наставниците на високообразовните институции во глобала имаат влијание врз креирањето на одлуките кои се однесуваат на образовниот систем, но тоа не е секогаш случај или пак воопшто не се случај со нивните колеги од основното и средното образование.

Дисбалансот и девијациите во учеството на засегнатите страни во креирањето на одлуките кои се однесуваат на образовниот систем се очигледни и на оваа тема можеме многу да зборуваме и многу примери да дадеме како е, а како треба да биде. Но едно е евидентно: Потребно е што побрзо излегување од матрицата на плагијаторство и зависност во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на македонскиот образовен систем. Потребно е да креираме македонски концепт за образование на нашите деца и младинци, автохтон македонски концепт кој ќе почива на здрави основи. Со овој текст ќе се обидам да дадам мал прилог кон дебатата за потребата од реформи во образовен систем и неколку предлози кои сметам дека ако не во брз временски рок, тогаш на подолг рок ќе вродат со плод. Овие предлози се во насока на отстранување на споменатите девијации и особено дисбалансот во одлучувањето. Цел на овие предлози е деетатизација и децентрализација на македонскиот образовен систем преку: 1. Воспоставување на начелото на проверка и рамнотежа помеѓу сите горенаведени учесници во образовниот систем и 2. Растоварување на улогата на управувачкиот апарат во креирањето на образовните политики и стандарди преку балансирано учество на другите учесници во системот.

Најнапред мое лично согледување е дека е потребна поголема инволвираност во образовниот процес од страна на приватниот сектор, а особено од страна на професионалните здруженија и асоцијации. Нешто такво веќе во некоја мера, иако минимална постои, во секторот на здравственото образование каде има инволвираност на трите комори на здравствени работници, но сеуште тоа е минимално, сеуште тука висок степен ана одлучување е на страна на ресорното министерство за здравство и делумно на високообразовните институции од областа на здравството. Но мојот предлог во оваа насока се концентрира на директна и суштинска улога на професионалните здруженија и асоцијации во високото образование и во средното образованиe во делот на стручните училишта. Имено има доста примери кои основано и од практична гледна функционираат и даваат резултати. Таков пример е акредитацијата на образовните институции од областа на правните науки во Соединетите Американски Држави (САД). Имено во САД определена образовна институција доколку сака да овозможи студии по право и да може да обучува кадри кои би биле идни правници, мора да ги исполнува стандардите пропишани од Американската Комора на Правници (American Bar Association – ABA) која ова овластување го има стекнато од Секретаријатот за образование на САД (U.S. Department of Education – DoE). Акредитацијата на образовните институции од областа на правото е пак тесно поврзана со условите за положување на правосудниот испит во повеќето држави членки во САД. Имено добар дел од членките на федерацијата не дозволуваат полагање на правосуден испит во нивната јурисдикција за државјани на САД, доколку кандидатот не завршил правни студии и не стекнал степен дипломиран правник (во САД тоа е титулата Jurist Doctor, а во некои институции Bachelor of Laws) на образовна институција која е акредитирана од ABA. Во принцип едно од најголемите професионални здруженија на правниците во САД има силна улога во креирањето, развојот и надградбата на образовниот процес во областа на правните науки. Во Македонија таа улога би ја имале коморите или асоцијациите на адвокатите, судиите, обвинителите, нотарите, извршителите, правниците од јавниот и приватниот сектор или пак асоцијација креирана од нивна страна која би била чадор-организација и би имала улога на правосудна комора на Македонија. Ова несомнено ќе допринесе за подигнување на степенот на квалитет на високото стручно образование, а во директна врска ќе ги стави потребите за кадровски потенцијал на приватниот сектор и можностите на академската заедница и образовните институции тој кадар да го произведат согласно тие потреби. Овој метод може да се преслика, со соодветни адаптации, во сите сектори на образованието.

Понатаму како следен чекор потребно е да се направи поголема отвореност на високообразовниот процес за учество на експерти и професионалци од јавниот и приватниот сектор како дел од наставничкиот кадар на образовните институции. Секако еден мал чекор е направен на тоа поле но треба уште многу да се работи на тоа. Класичен пример повторно се образовните институции од областа на здравствените науки каде скоро целиот наставнички кадар истовремено се и професионални односно професионално се ангажирани во јавни или приватни здравствени установи како доктори по медицина, доктори по стоматологија или фармацевти. Исто така има примери во приватните образовни институции од областа на правото и економијата каде истакнати професионалци од финансискиот сектор и од секторот на правните услуги се дел од наставничкиот кадар на тие институции. Повторно како пример ќе го посочам американскиот модел во кој значително место заземаат наставниците кои доаѓаат од приватниот или јавниот сектор. Имено во голем број образовни институции од областа на правото покрај редовниот академски кадар учество заземаат и професионалци кои доаѓаат особено од адвокатските куќи (adjunct faculty), а истите подоцна ги користат бенефитите и ги регрутираат повеќето од веќе обучените кадри на институциите на кои тие учествуваат како наставници. Тоа на некој начин креиран една кохезија и соработка помеѓу приватниот сектор и образовниот систем и ги задоволува потребите за квалитет и контрола и кај едните и кај другите.

Следен предлог на кој треба да се размисли е воведување на начин на администрирање на стручните испити во определени професионални гранки од страна на професионалните асоцијации и здруженија. Ова подразбира дека стручните испити би биле организирани од страна на споменатите асоцијации и здруженија во соработка со државниот апарат и академската заедница. Досега таков пример во Македонија е администрирањето на стручниот испит кој го полагаат здравствените работници од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата. Останата стручни испити, особено во областа на правосудството, се администрираат од страна на извршната власт односно министерството за правда. Можеби ова придонесува до унифицираност на проверката на знаење во областа на правните науки, но ја исклучува инволвираноста на добар дел од учесниците кои треба да ги регрутираат кадрите кои ја поминале оваа проверка на нивните знаења. Имено доколку администрирањето на правосудниот испит би се доверило на асоцијациите и здруженијата на правници, истото би добило на квалитет и поголема кохезија во правната професија. Секако сегашните состави на комисии за спроведување на стручните испити го рефлектираат учеството на академската заедница и професионалците од областа на правото, но тие неприродно се приклучени кон државниот апарат и контролирани од истиот. Тука соодветен пример e организацијата на полагањето на правосуден испит во САД, Канада, Обединетото Кралство и Франција. Во САД организацијата на полагањето на правосуден испит е доверена на правните комори на државите членки, некаде под директна контрола на врховните судови на тие држави, некаде во исклучива надлежност на коморите. Во последниот период со засилено темпо се воведува т.н. униформен правосуден испит, кој се спроведува од страна на Националната Здружение на Испитувачи по Право (Nacional Conference of Bar Examiners), со варијација на условите за одобрување на апликантите за полагање на испитот во секоја од државите која го спроведува. Во Канада пак стручниот испит го спроведуваат правни здруженија (Law Societies) кои делуваат на територијата на секоја од членките на федерацијата. Франција стручниот испит се проведува од страна на регионалните комори кои се организирани во Национален комитет кој ги пропишува стандардите за спроведување на испитот, а регионалните комори имаат право да пропишат дополнителни стандарди се додека истите не се во колизија со веќе востановените стандарди од страна на Националниот комитет. Во Обединетото Кралство постојат две правни асоцијации кои го спроведуваат правосудниот испит Правното Здружение на Англија и Велс и Правното Здружение на Шкотска и функционираат на сличен начин како во САД, Канада и Франција.

Ова се само неколку примери за вклучување на сите учесници во креирањето, развојот, одржувањето и надградбата на образовниот систем. Концептот е јасен: Квалитетно образование кое би било во чекор со потребите на пазарот. Тоа е единствениот излез од сегашнава состојба. Тоа е Македонски концепт на образование.