fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Проф. д-р. Калајџиев за ПОЛИТИКА: Политичките елити имаат договор да не одговараат, а тоа се гледа од бегството на Груевски

Подготвил: Христо Ловачев

Како ја оценувате моменталната ситуација и состојбите поврзани со СЈО и во која насока очекувате да се движи понатаму?
Проф. Калајџиев: Правно гледано наједноставно и најправилно е СЈО да го заврши мандатот кој го има со посебниот Закон, тоа значи да се избере нов обвинител, и да го заврши мандатот согласно Законот, каде се предвидени 5 години со можност за продолжување, доколку е потребно. Она што беше големо изненадување е пресвртот што настана. Имено, првиот план на Владата согласно Стратегијата за правосудство, беше да се продолжи животот на СЈО, со цел да се обезбеди посебно тело со сопствена автономија, кое ќе може да биде контрола на извршната власт на подолг рок. СДСМ го ветуваше тоа со својата кампања за претседателски избори.
Идеите за продолжување на мандатот не беа толку врзани само со продолжување на мандатот, туку и надминување на некои од проблемите кои се сега очигледни, согласноста околу реизборот на Катица Јанева, уставноста која беше цело време проблематична, каде постапките се замрзнати од Уставен суд, и најконтроверзното прашање беше да се обидат со Законот да се направи некоја „магија“ со рокот. Ова практично беше тешко бидејќи се знаеше однапред.
Големото изненадување беше што, наспроти сите залагања на СЈО да продолжи, и нереалното очекување со Катица Јанева, е идејата дека без Катица нема СЈО, и дека не била вистинската идеја да постои орган што ќе ја контролира политичката елита на долг рок, туку да остане ова СЈО вака како што е. Допрва ќе дознаеме од каде стравот тој нов обвинител има таму да открие што тоа ние не го знаеме, и од каде консензусот да се „закопа“ СЈО штом не може да продолжи со Катица Јанева. Тоа ни го должат како објаснување и партиите и меѓународните фактори, пред се Американската амбасада која уште од почетокот го имаше главниот збор.
Народот е вчудоневиден за тоа што се случува. Кога се дојде до овој момент да се доведе во „цајтнот“ ситуација на истек на роковите. Нормално беше 3 месеци пред истекот на мандатот да се избере нов обвинител, кој што би се подготвил за мандат и би избрал нов тим. Тоа не е изведено и треба да се инсистира на одговорност зашто не е постапено по Закон кој е важечки, а од друга страна се очекува некоја друга состојба со друг Закон за кој, најверојатно, уште долго време ќе нема консензус. Во таа смисла сметам дека треба да се избере СЈО, што е проблем со веќе преземањето на предметите, и во оваа ситуација се најде некое решение под притисок Републичкиот обвинител да ги преземе предметите, што е спротивно на идејата на Законот. Според Законот телото е востановено како автономно, бидејќи Републичкото обвинителство беше политичко. Ние денес немаме гаранција дека Републичкото обвинителство излегло од партиските прегратки, и такви гаранции нема да постојат додека Републичкиот обвинител се бира по предлог на Владата и секоја нова гарнитура ќе ја штити, и кој уште пред изборот и ветува дека имаат гаранција дека нема да ги гони. Од друга страна немаме гаранција дека е подобро, бидејќи сите обвинители се горе доле истите, бидејќи немаме разрешување на обвинители. Ако тие не чинеле, освен бившиот Јован Илиевски кој замина за Стразбур, сите останати се повеќе или помалку истите.
Ова решение е усилено, иако се знаеше уште однапред дека беше разгледувано како опција кога дојде Републичкиот обвинител, се имаше притисок за преземање на предметите, но тој не се согласи зашто немаше правен основ. Тоа се знае и ден денес, но како што вели еден аналитичар иако нема правен основ ние ќе го изнајдеме. Борбата се води повеќе меѓу правото и политиката. Аргументите за преземање на предметите се криминално-политички, во смисла дека сите предмети односно истрагите отворени по спорниот рок мора да продолжат. Заради тие постапки се загрозуваат и тие што неспорно треба да се завршат. И наместо да се инсистира тие побрзо да завршат тие сега ќе се развлечат по разни основи, вклучително и со утврдување на законитоста во овие услови, судбината на разговорите, растурањето на истражниот тим, кој е вредност која требаше да се гради, проблемите со заштитените сведоци. Од друга страна не се добива ништо со овие предмети кои се спорни, бидејќи и тие ќе дојдат пред Врховен суд, каде 17 од 18 судии гласаа со исто мислење, и евентуално би можеле да стигнат до Стразбур. Се направија повеќе проблеми за конкретните постапки а се уништи решението на трајната база да имаме независно тело, и тука имаше големи импровизации. Од една релативно прифатлив концепт во Стратегијата, да постои едно силно обвинителство за гонење на висока корупција во рамки на републичкото, до негово главно разобличување, бидејќи не знаеме како ќе завршат преговорите. Согласно мислењето на Министерството за правда е враќање на стариот концепт каде практично нема никаква автономија.
По мое мислење има грешка и од страна на Катица Јанева. Требаше да има свој компактен тим со сопствени истражувачи да биде независен од полицијата со независни истраги, против политичката елита во рамките на некое пошироко Обвинителство за организиран криминал.
Проблематично е тоа што политичките партии влегоа во преговори со многу пресврти, без да се држи до некаков концепт, мислењето на фелата, и на невладиниот сектор, туку се инсистира по секоја цена да се затвори овој проблем, како проблем за евро-интеграции што е проблематично и спорно. Во евро-интеграциите требаше со тој Закон, кој беше суштински, да се гарантира автономност на СЈО, а не да се „закопа“. Излегува дека формата односот условот е да имаме Закон за обвинителство па ако треба во него нека има и празни членови само да се донесе, што нема никаква смисла.

Дали е нормално политички лидери да договараат правда во земјава, надвор од пленарна седница во парламентот?
Проф. Калајџиев: Тие може и треба да имаат влијанија на политичко ниво, меѓутоа тоа треба да е правно издржано и како концепт, па после да се модифицира. Не може да се прават осврти на дневна основа, секој ден со нов концепт, и не треба многу да се верува на преговорите. Дел од барањата на политичките партии се само формални, само за да има од што да отстапат, и каде одат со максималистички барања. Јас се обидов да посредувам и имаше момент, пред околу 3 месеци, каде беа многу блиску. Јас инсистирав дека доколку се откажат од двете важни прашања поврзани со законитоста на доказите и со истрагите, каде сметам дека беше пристојно решение СЈО да биде дел од републичкото обвинителство, со што ќе му се гарантира целосна финансиска независност, каде сите се откажаа од тој консензус. Односно беше непристојно да се „пикаат“ во овој Закон. Во тој период како за несреќа излезе аферата „Рекет“ каде сè се искомплицира. Можеби ова е едно од објаснувањата како им пукна филм на странците за СЈО и зошто се откажаа од СЈО, бидејќи тие форсираа СЈО да опстане. Самите политички партии се должи да објаснат кои се нивните концепти и што точно сакаат, како и која е вистинската пречка за непостигнувањето на договор. Според мене одговорноста кај владејачката партија е зошто не е избран обвинител по стариот Закон. Тие упорно тврдат, каде и Фрчковски се придружува на мислењето, дека било очигледно дека не може да се избере обвинител прифатлив за сите. Јас тврдам дека тоа не е точно, бидејќи можам сега да направам листа од 5-6 лица кои ќе поминат. Ако сме такво општество каде мислиме дека не може да се најдат петорица професионалци што може да си ја вршат работата по Закон, тогаш не треба да имаме држава. Тогаш немаме ни потреба од СЈО. Кој како ќе дојде на власт ќе ја суди претходната гарнитура, и ќе се навикнеме на таков систем на одложена одговорност, бидејќи народот ќе сфати дека лажете и крадете и ќе одговарате за тоа по 5-10 години. Иако мислам дека кај политичките елити има преќутен договор, што го гледаме во бегството на Груевски, тие на врвот никогаш да не одговараат.

Како сегашната политичка ситуација во државата ќе влијае на одлуката на Европската комисија за пристапување кон ЕУ, имајќи го предвид очекуваниот датум во октомври?
Проф. Калајџиев: Дел од одговорноста за некои слабости во минатото и сега е чудната логика на некои бирократски структури, кои некаде прочитале дека треба да се донесе Закон и инсистираат на негово носење по секоја цена. Идејата е да имаме базични гаранции за владеење на правото, каде мора да имате непристрасни и непартиски институции. Наместо партиите да се откажат од една себична политика да ги држат под контрола судските и полициските структури, упорно ја жртвуваат иднината и сегашноста на државата, само за да се заштитат себеси. Тие се навистина егоистични, во политиката се повеќе лукративно отколку поради алтруизам. Навистина е жално бидејќи по последниве 20 години се вложија многу странски пари за реформа во правосудниот систем, што е многу полесно за реформирање од било кој друг сектор. Овде постои помала таргет група, која што е препознатлива, и чудно е како не сме успеале со таа задача. Тука политиката има само реторичка поддршка за правната држава а во суштина ја смета за непријател. Нешто што може да се оправи за 2-3 години и со малку волја, останува сеуште нерешено. Тоа е прашање на политичка и на правна култура но и на систем. При мојата скорешна посета во Јапонија, го видов истото и во Германија но не беше толку избристрено. Секој има ред, работа и дисциплина, и државата функционира како саат. Кај нас сите се паметни, никој не сака да работи, сите се знаат, проблем ни е Балканскиот менталитет но и преголемите очекувања. До пред еден век сме имале рурални услови, и премногу очекуваме дека за 2-3 децении ќе смениме и свест и правна држава. Тоа е нешто што се гради подолготрајно. Тука треба да се осврнеме и на образованието. Потребно е судиите да се професионални за да немате корупција. Кога пред десетина години бевме во Германија барајќи излез за неказнивоста на полициските злоупотреби, ги прашуваме што правите со случаи кои стојат во „фиока“, кои се или политички или полициски, беа фрапирани. Кај нас „фиока“ е нормална работа.

Каква правна разврска би имала случајот „Рекет“, имајќи ја предвид и инволвираноста на власта и опозицијата во целиот процес?
Проф. Калајџиев: Јас не мислам дека главен мозок на оваа приказна дека е Боки 13. Овие шпекулации се поткрепени и со самиот факт што истрагите се закочени подолго време, како да се бара жртвено јагне. Бидејќи и јавноста знае дека се големи пари во прашање и дека без знаење на власта тоа не можел некој да го направи. Постои шпекулирање до каде ќе оди одговорноста, но и страв кај тие што ќе одговараат, и што ќе кажат. До сега сме имале вакви случаи, како случајот со кумановските настани. Тие не кажаа кој ги довлечка во Македонија и каков бил вистинскиот план. Не знам дали се закани или пари во прашање, но имате очигледен случај каде има поширока политичка инволвираност.
Кај „Рекет“ се манипулира и со меѓународни аспекти. Пред неколку дена ја читавме анализата на Словенците дека тоа бил меѓународен разузнавачки спин со цел да се урне Заев, односно нашето влегување во НАТО. Јас лично не верувам во тоа дека сериозни разузнавачки структури од странство би влегле преку Боки 13. Знаеме дека истрагата трае предолго и тука нешто не е во ред.
Мислам дека Катица Јанева заслужува добра одбрана и поддршка, бидејќи треба да чуеме што има да ни каже. Гледам дека има голем интерес ништо да не каже. Се надевам дека ќе остане здрава и жива, бидејќи знае многу работи и поради тоа згаснува и СЈО и затоа е спорна разврската на „Рекет“.
Довербата на јавноста е многу ниска. Можеби не на ист начин како во времето на Груевски. Неговата логика е дека сите институции се во служба на неговата демократска победа на изборите, и неговата програма која е еден нездрав концепт. Оваа власт дојде со големи ветувања што не ги остварија. Јас очекував при едно затворање на СЈО да има поголемо негодување, не протести. Ја нема нигде онаа трета политичка структура да даде свое независно мислење.