fbpx
Сѐ за политика на едно место!

Сите играме во ТИМОТ МАКЕДОНИЈА

На македонската политичка сцена но и во целото македонско општество години наназад очигледна е поделеноста на Македонецот во два табори, односно во два блока.

Иако се декларираат како умерена десница и социјалдемократска повеќе центристичка опција, по однос на идеалите, креирањето на политиките и спроведување на истите и двете најголеми македонски партии не се разликуваат многу.

Кога станува збор за европската агенда и власта и опозицијата се на истото декларативно стојалиште, а притоа делуваат можеби во дадени моменти спротивно од нивните заложби само да постигнат политички поени на дневна основа.

За мене несфатливи и во голема мера контрадикторни беа последните настапи на истурените перјаници на ДПМНЕ кои во текот на изминатата недела по разни дебатни емисии ја истакнуваа заложбата за евроитеграцискиот процес и отпочнување на процесот на преговори со ЕУ како и заокружувањето на процесот на полноправното членство во НАТО (на кое патем му се гледа крајот), а од друга страна го прескокнаа целиот процес на заокружување на државноста на македонската република со отстранувањето на пречките и ветото кое ни беше ставено од страна на Р.Грција, односно потпишувањето на Преспанскиот договор, но и потпишувањето на Договорот за добрососедство со Р.Бугарија и затварањето на отворените прашања со соседите.

Па оттука повторно крајно дрско се истакна и потенцира од нивна страна дека тие имале огромно влијание на состаноците на ЕПП и затоа Македонија се здобила со таквата поддршка за отварање на преговорите со ЕУ, но и дека ете не делувале и не критикувале за најразновидни лоши сосотојби во македонското општество во последниот временски период, се со цел за да се добие зелено светло кое конечно ќе биде дадено од страна на Советот на министри на земји-членки на ЕУ за отварањето на преговорите со Р.С. Македонија.

И повторно флоскули, пароли сеење магла и ветување на бајки и од страна на власта и од опозицијата…

Како расипан грамофон се повторуваат нереални ветувања од двете страни, од двата блока и намерно се избегнува суштината и објаснувањето од вистинската потреба од членството во ЕУ и НАТО, за да спротивно се истакнуваат некои утопистички стојалишта дека кога ќе влеземе ние ќе уживаме и мед и млеко ќе тече од сите страни…

Очигледно е дека за единствената работа за која во државата има широк консензус и од власта и од опозицијата ниту едните ниту другите не сакаа да им ја објаснат на граѓаните суштината на евроинтеграцијата и бенифитите од членството во ЕУ и НАТО.

Првата придобивка е хармонизација на националното законодавство со законодавството на ЕУ, со цел поставување на темели за рефомирање на политичкиот, правосудниот, економскиот и социјалниот систем и аплицирање на решенија кои се на сила во европските западни демократии а за кои се покажало дека функционираат.

Втората придобивка е самата имплементација која ќе ги подобри сервисите на граѓаните во јавната администрација и воспоставувањето на систем на практики со кои ќе се подобри ефикасноста на истата.

Третата придобивка е правната држава и воспоставувањето на сиситемот на Јустиција која ќе биде правична, објективна и независна во процесот на правораздавањето и унапредувањето како и заштитата на човековите права и слободи.

Четврто, е пристапот до претпристапните ЕУ фондови со кои во голема мера може да се финансираат проекти од инфраструктурата, енергетски обновливи извори, поддршка за земјоделството и сточарството, иновации и екологија.
Но сега доаѓаме до клучното прашање, а тоа е дали можеме да ги искористиме сите овие придобивки и дали имаме капацитет да го изодиме овој пат???
Според мене мора да се отвори процесот кон сите млади но и постари искусни интелектуалци со цел сите да дадат придонес во овие процеси, со кои ќе ја зацврстиме и подобриме перспективата на Р.С.Македонија, но и ќе докажеме дека имаме капацитет и способност да бидеме дел од големото европско семејство.

За да ги разубедиме скептиците кои се јасни и видливи во одредени земји членки на ЕУ, мораме да се истакнеме и отскокнеме од сликата за Западен Балкан и земјите кои географски но и ментално се дел од таа вештачка творба во устите на ЕУ-претставниците. Мораме да им предочиме дека ние сме подобри и од Албанија и од Б и Х, и Косово во многу сегменти од општественото живеење, но сетоа тоа ќе го постигнеме само со делување и создавање а не со флоскули од кои веќе 30 години ни се полни ушите а празни рацете.

Ако се ангажираме сите искрено во поглед на нашите приоритети мислам дека можеме да успееме да ја видиме нашата земја во едно друго светло, но и да ги подобриме состојбите внатре кај нас само и исклучиво поради нас а не поради нашите пријатели од надвор.

Мора веќе еднаш да ги засукаме ракавите и да престанеме да глумиме рефоеми и да играме двојни игри, едни за надвор, други за внатре за да ја постигнеме целта која не обединува сите.

На крајот би сакал да упатам една порака до сите чинители во процесот кој што треба набрзо да започне а таа е да ги прикажуваат состојбите надвор реално, а внатре да ги потенцираат исклучиво суштинските работи, како и бидат целосно искрени во пристапот во процесите кои доаѓаат зашто тие процеси не се ничија приватна сопственост и своевина, како и да бидат доблесни доколку нешто запне да побараат совети и размислувања надвор од нивните тимови, затоа што овие просеци кои доаѓаат неспорно се државен висок приоритет и тука нема место за флоскули туку само место за делување, бидејки СИТЕ ИГРАМЕ ВО ИСТИОТ ТИМ А ТОЈ ТИМ Е МАКЕДОНИЈА.