Сѐ за политика на едно место!

Зошто реформи

Ниту една политичка партија не може да функционира без почитување на принципите на: лична одговорност, инклузивност, транспарентност и отчетност, кадровска менливост, плуралност на мислењето, ставовите и идеите, персонален и колективен интегритет, и последно но и најважно -легализам.

Во досегашниве 29 години самостојна Македонија ниту една политичка партија не најде сили реформите за кои се зборува толку време да ги отпочне токму од онаму од каде што и треба да почнат – од партијата! Оттаму, првиот базичен чекор е носењето на нов демократски и прецизен статут којшто ќе ги гарантира и операционализира горенотираните принципи на делување. Тоа е првиот чекор на реформите.

Партијата и луѓето во неа, особено раководната гарнитура која што ќе го добие мандатот во одредениот изборен циклус да ја води партијата, треба со сопствен пример да рефлектираат кон општеството нови политички, социјални, национални, културолошки, економски стандарди и вредности на поведение. Тоа е најдобрата можна програма што може да се понуди на граѓаните, конкретна дејствителност, а не томови и томови ветувања кои не само што незначат ништо во реалноста, особено во сегашниов крајно сложен општествено-политички момент, туку истовремено се трансформираат во тешки хипотеки кои го ограничуваат политичкото маневрирање и функционалност.

Истовремено неопходно е модернизирање на политичкиот светоглед особено во однос на т.н. „идеолошка“ одредница на партијата. Имено, Македонија е мала земја со куса политичка историја, искуство, и особено традиција (вклучително и периодот во поранешната југословенска федерација), така што идеолошката стратификација на „леви“, „десни“, „центристи“, „демохристијани“, изгледа дури и смешно во таквите околности и со таквиот општествен бекграунд. Нам ни е потребна прагматична модерност во која што ќе се почитува целната група или членска и симпатизерска база, но притоа нема да се блокира комуникацијата и отвореноста кон другите слоеви и категории на граѓани.

Покрај овие, според мене, примарни политички насоки, конкретно во поглед на здравствениот сектор би сакал да го нотирам следното:

Овој сектор е целосно руиниран што е ноторен факт, и пред се обременет со голем степен на корупција и криминал. Затоа сметам дека е нужно како прв чекор да се иницира сериозна општествена дебата околу неговата сегашна состојба (како и зошто е дојдено до ова дереџе) и околу идеите, врз основа на актуелните состојби, за комплетно реформирање на здравствениот сектор. Овде популизам не помага, туку само одмага. Поканата за соработка и отвореност е битна затоа што јасно демонстрира четири „нови“ (или нормални) начела: деполитизација и департизација, стручност и одговорност, јавен интерес во вистински смисол на зборот, одлучност и добра волја.
Од концепциски аспект, пак, клучно е прашањето каков социјален фундамент треба и може да издржи здравството кај нас при вакви перформанси какви што сега има. Потоа прашањето за структуираноста и кохерентноста на примарното, секундарното и терцијалното здравство, но и на евентуално нормативно редефинирање на институционалниот дел од здравствениот систем. Како и прашањето на неговата, пред се стручна, одржливост и прогрес.

Никогаш не сум бил склон кон паушални тврдења и ветувања кои објективно имаат по правило еднократна употреба, но повеќекратна долгорочна штета. Притоа не треба да се сметне од ум дека целиот процес треба да се одвива со крајно запазување на легализмот и елиминирање на сегашното разорно ниво на корупција во здравството.

Конечно, на крајот од ова кусо размислување сакам да потенцирам дека единствениот ресурс со кој што ние објективно расополагаме и на кој што можеме да се потпреме е – човечкиот фактор. Пораката од таквиот политички светоглед сосема сигурно ќе наиде на извонредно позитивен прием кај граѓаните.