По гласањето за консултативниот референдум за висината на одбранбените трошоци, словенечкиот премиер Роберт Голоб најави дека Покрет за Слобода, следната недела ќе покрене своја иницијатива, овојпат за членството на Словенија во НАТО.
„Постојат само две опции: или остануваме во Алијансата и плаќаме членарина, или излегуваме. Сè друго е манипулација“, изјави Голоб, нарекувајќи го актуелниот референдум на Левицата бесмислен.
Неколку дена пред гласањето, лидерот на СДС, Јанез Јанша, повика на консултативен референдум, но Голоб одби, сметајќи дека тоа води кон предвремени избори што, според него, би му одговарало само на Јанша.
Министерот за одбрана, Борут Сајовиќ, изјави дека очекува граѓаните да одлучуваат во корист на националната безбедност. СДС и НСи веќе најавија поддршка за НАТО и зголемување на одбранбениот буџет.
Јанша пак, е остро критички настроен затоа што премиерот не свикал седница на Советот за национална безбедност пред самитот на НАТО, ниту направил координација со парламентот.
Консултативниот референдум не е обврзувачки, и сè уште не е познато кога точно ќе се одржи, најверојатно не пред есен. Се очекува поддршка од Левицата и пратеникот Миха Кордиш, но не и од сите партии.
Лидерот на социјалдемократите Јани Предник изјави дека е задоволен што граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат како се трошат буџетски средства. Од друга страна, лидерот на Левицата, Матеј Т. Ватовец, потенцира дека социјалната држава мора да има приоритет пред воените трошоци.
Во Словенија сè повеќе расте дебатата: безбедност или социјални права? Одлуката сега ќе биде пренесена на граѓаните.
![]()

