Тепачка во авион од Загреб: „Крв имаше насекаде, децата плачеа, луѓето бегаа во паника“

Насилство среде лет од Загреб кон шведскиот град Малме предизвикало вистинска драма и страв меѓу патниците во авионот на компанијата Рајн ер. Според шведскиот таблоид Афтонбладет, двајца мажи се истепале до крв, а инцидентот бил сниман и во јавноста веќе е објавен видеозапис од тепачката.

На снимката се гледа како маж во жолта маица без ракави брутално и постојано удира со тупаници маж во црна маица кој се наведнува обидувајќи се да избегне удари, но безуспешно.

Тепачката се случила непосредно пред слетување на авионот.

Според сведоштва на патници, тепачката избувнала кога во кабината се изгаснале светлата. Двајцата мажи почнале да се туркаат и тепаат, па дури паѓале врз други патници, предизвикувајќи хаос.

„Во авионот имаше многу деца и жени кои плачеа. Луѓето се обидуваа да побегнат кон задниот дел и да се сокријат. Крв имаше насекаде. Патникот пред мене беше целосно крвав. Уште се тресам, беше страшно непријатно“, раскажа една патничка за „Афтонбладет“.

Друга пак, сведочи дека луѓето во паника станувале и се обидувале да се оддалечат од насилниците: „Слушнавме вресоци, а потоа ги видовме како се тепаат. Се фрлаа еден врз друг, се удираа и паѓаа врз другите патници.“

По слетувањето на аеродромот во Малме околу 22.30 часот, обезбедувањето ги уапсило двајцата насилници. Патниците биле евакуирани, а цел аеродром бил под засилена полициска присутност.

Авиокомпанијата Рајн ер во официјална изјава потврди дека поради насилно однесување на двајца патници, била повикана полицијата по слетувањето, и дека тие биле отстранети од авионот.

„Рајн ер има строга политика на нулта толеранција кон неприфатливо однесување и ги презема сите мерки за да обезбеди безбедна и достоинствена патничка средина“, соопштија од компанијата.

Loading