Турција урива рекорди во високи температури, измерени 50,5 степени Целзиусови

Јули 2025 година е официјално забележан како најтопол јули во Турција во изминатите 55 години, соопшти турското Министерство за животна средина, урбанизам и климатски промени врз основа на податоци од Дирекцијата за метеорологија.

Просечната температура изнесувала 26,9 степени Целзиусови, што е за 1,9 степени повеќе од долгогодишниот просек. Анализата, извршена врз основа на мерења од 220 станици, покажала дека на 66 локации се регистрирани апсолутни температурни рекорди.

Највисоката температура е измерена во местото Силопи, дури 50,5 степени Целзиусови, што претставува нов рекорд за јули во земјата. Во градот Џизре, во провинцијата Ширнак, просечната температура за месецот достигнала 49,4 степени, што ја вбројува локацијата меѓу најтоплите во Турција.

Претходниот национален рекорд изнесуваше 49,5 степени и беше измерен во август 2023 година во провинцијата Ескишехир.

Екстремните горештини придонесоа и за серија шумски пожари. Во јули, 14 лица го загубија животот во гаснење пожари на западот од земјата. Минатата недела, два големи пожара во провинцијата Чанакале предизвикаа евакуација на стотици жители, а поради безбедност беше затворен и поморскиот премин Дарданели.

Loading