БЕЗ ВРСКИ И БЕЗ ТЕФТЕРИ: НОВ ЕЛЕКТРОНСКИ СИСТЕМ ЗА ОПЕРАЦИИ

Новиот модул ќе овозможи јавно следење на листите на чекање по институција и лекар

Новиот електронски модул за евиденција на елективни хируршки интервенции ќе им овозможи на пациентите транспарентен увид и пребарување на листите на чекање преку повеќе комбинирани параметри, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.

Корисниците на јавниот портал ќе можат да пребаруваат по клучни филтри како што се: специјалност на лекар, вид на хируршка интервенција, јавна здравствена установа, лекар специјалист, како и број на пациенти кои чекаат за одредена интервенција.

„Идејата е транспарентност – граѓаните точно да знаат во одредена здравствена институција колкава е листата на чекање за конкретна здравствена услуга или кај одреден доктор. Досега тоа не беше можно, бидејќи листите често се водеа во хартиена форма, што оставаше простор за злоупотреби. Со новиот систем тоа ќе се елиминира и секој пациент ќе знае автоматски кога е на ред“, изјави министерот Алиу.

Тој појасни дека интервентните и итните здравствени услуги нема да бидат опфатени со чекање и ќе се реализираат истиот ден, согласно медицинските протоколи.

Листите на чекање ќе се ажурираат на секои 24 часа, што, според министерот, ќе придонесе за нивно постојано прочистување. Пациентите кои ќе одлучат интервенцијата да ја извршат во приватна здравствена установа или во друга клиника, автоматски ќе бидат отстранети од листата на чекање во јавните здравствени институции.

Алиу призна дека е можно во пракса да се покажат одредени слабости на системот, но потенцираше дека ова е важен чекор напред.

„Можеби системот нема да биде совршен од самиот почеток, но од некаде мора да се почне. Тимот информатичари што работи на него е креативен и во од ќе ги решава сите предизвици што ќе се појават“, рече министерот.

Loading