„РЕШЕНИЕ ИМА, НО…“ ШТО ЈА КОЧИ МАКЕДОНИЈА КОН ЕУ?

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оцени дека блокадата на европскиот пат на Македонија од страна на Бугарија е политичка, а не суштинска. Според него, државата има високи стандарди во однос на почитувањето на малцинските права, поради што критиките од Софија не се темелат на факти, туку на политички мотиви кои не носат корист ниту за едната ниту за другата страна.

Тој истакна дека Македонија и Бугарија во моментот се наоѓаат во ситуација во која двете држави губат, бидејќи отсуството на преговори со Европската Унија значи застој во процесот на интеграција. Според Муцунски, решението може да се постигне преку засилени разговори, како билатерално, така и со посредство на европските партнери, но за тоа е потребна јасна политичка волја.

Во однос на можните решенија, министерот нагласи дека во овој момент не гледа излез во евентуален трет протокол, туку дека е неопходно да се обезбеди правна и политичка сигурност околу позициите што ги има утврдено македонската Влада. Тој подвлече дека државата не прифаќа да носи одлуки под притисок и дека граѓаните заслужуваат предвидлив процес во евроинтеграциите.

Муцунски посочи дека Македонија бара почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, особено во делот на регистрацијата на организациите на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека уставните измени ќе бидат последниот услов во процесот. Според него, клучно е да нема дополнителни барања што би се однесувале на идентитетските прашања, јазикот и историјата.

Тој нагласи дека во рамки на средбите со претставници на Европската Унија, вклучително и разговорите со еврокомесарката Марта Кос, Македонија добила признание за реформите и за усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика. Воедно, посочи дека постои разбирање за македонските позиции кај дел од земјите-членки.

Како дополнителен предизвик, министерот ја посочи актуелната политичка состојба во Бугарија, каде што техничката влада нема капацитет да носи стратешки одлуки. Тој додаде дека, иако постоеле иницијативи за дијалог, тие биле прекинати поради политичките случувања во Софија.

Муцунски оцени дека доколку постои искрена намера од бугарска страна Македонија да напредува кон Европската Унија, решение може да се постигне релативно брзо. Сепак, нагласи дека државата мора да обезбеди гаранции дека нема повторно да се соочи со нови блокади по исполнувањето на условите.

Во контекст на актуелните политички случувања во Бугарија, тој повика на внимателност во јавната комуникација, со цел Македонија да не стане дел од изборните наративи таму. Според него, избрзаните реакции можат да бидат искористени за внатрешнополитички цели во соседната земја.

Loading