Повеќе од 200 млади од Прилеп учествуваа во симулација на Европскиот парламент, преку која се запознаа со функционирањето на европските институции, носењето одлуки и значењето на демократската дебата.
Градоначалникот Дејан Проданоски ја поздрави иницијативата на Младинскиот совет – Прилеп, оценувајќи дека ваквите активности ги поттикнуваат младите критички да размислуваат, да ги аргументираат своите ставови и да ги почитуваат различните мислења.
„Прилеп има млади луѓе со потенцијал да го водат градот во вистинска насока. Треба да им дадеме можност тој потенцијал да го покажат и да го претворат во дела“, истакна Проданоски.
Според него, големиот интерес за настанот покажува дека во градот има генерација подготвена активно да се вклучи во општествените процеси и да преземе одговорност.
Тој нагласи дека симулацијата е можност европските вредности да се запознаат преку практично искуство, како правила и стандарди што се применуваат и во секојдневниот живот.
Проданоски им се заблагодари на членовите на Младинскиот совет за вложениот труд и ентузијазмот во реализацијата на настанот.
„На младите им треба простор да учат, да прашуваат, да дебатираат и да бидат дел од одлуките. Наша обврска е да им го овозможиме тоа, затоа што иднината на Прилеп треба да ја градат млади, образовани и одговорни луѓе“, порача градоначалникот.
![]()

