Откако премиерот Христијан Мицкоски се најде на удар на критики поради изјавата дека текстови можат да се нарачуваат во кој било медиум, вклучително и во контекст на пишувањето на „Фајненшел тајмс“ за Алта, редно е да се постави едно многу поедноставно прашање: каде е гувернерот Трајко Славески и зошто токму тој не излезе со документи со кои ќе ги расчисти дилемите?
Мицкоски реши да застане во одбрана на постапката на Народната банка, па дури и да влезе во детално толкување на причините поради кои Европската централна банка ги оспорувала одредени сопственички права поврзани со Адико банка. Но, колку и да сака премиерот да ја објаснува приказната, постои една работа што не може да ја направи наместо гувернерот: да ја презентира документацијата врз основа на која македонскиот регулатор донел одлука.
Таа одговорност е на Трајко Славески.
И токму затоа, ако премиерот е во право, Славески треба да биде првиот што ќе излезе со докази. Не со уште една општа изјава, не со политичка поддршка за премиерот, туку со конкретни документи, официјални дописи и резултати од супервизорските проверки.
Кои проверки ги спровела Народната банка пред да даде согласност за преземањето на Стопанска банка Битола? Кои информации ги побарала од Европската централна банка? Каков одговор добила? Дали ѝ биле познати сомнежите што „Фајненшел тајмс“ ги објави уште во октомври 2024 година? И, ако биле познати, како биле земени предвид при процената на инвеститорот?

Ова не се прашања на кои треба да одговара премиерот. Ова се прашања за гувернерот.
Особено што самиот Славески потврди дека се консултирал со Мицкоски за влезот на Алта на македонскиот пазар. Тогаш, што точно била содржината на тие консултации? Зошто биле потребни? Дали премиерот бил само информиран или разговарале и за процената на инвеститорот?
Ако сè било во рамките на законските надлежности и професионалните стандарди, тогаш нема причина одговорите да останат нејасни.
Во целата приказна има една необична распределба на улогите. Премиерот го брани гувернерот, ја објаснува постапката на регулаторот и ги оспорува наводите на еден од највлијателните финансиски весници во светот.
А гувернерот?
Тој треба да биде првиот што ќе застане зад сопствената институционална одлука. Не затоа што премиерот го брани, туку затоа што тоа му е работата.
Славески не е политички коментатор на случајот Алта. Тој е гувернер на Народната банка. Институцијата што ја води има законска обврска да ја штити стабилноста на банкарскиот систем, да ги проценува ризиците и да обезбеди доверба во финансискиот сектор.
Затоа, Трајко, ако „Фајненшел тајмс“ не ја пренел вистинската слика, ти си човекот што треба да го демантира. Ако Европската централна банка немала забелешки од оние што ги објавил весникот, покажи што точно соопштила. Ако Народната банка направила темелна проверка, презентирај ги резултатите, во рамките на законските можности.
Не оставај премиерот сам да ја носи тежината на една одлука што не ја донел тој.
Зашто, не може кога одлуката треба да се брани, сите да се повикуваат на независноста на Народната банка, а кога треба да се одговара на непријатни прашања, премиерот да стане нејзин главен портпарол.
Народната банка не е институција што треба да се брани со политички изјави. Нејзиниот авторитет се гради со стручност, транспарентност и проверливи одлуки. Независноста не е привилегија да се одлучува без обврска за објаснување, туку одговорност за секоја донесена одлука.
И затоа Мицкоски не може да биде доказ дека Славески постапил правилно. Ниту Славески може да се повика на премиерската поддршка како аргумент за исправноста на одлуката.
Ако премиерот е во право во толкувањето на случајот Адико и на постапувањето на ЕЦБ, гувернерот треба да го потврди тоа со документи. Ако не е, тогаш уште поважно е да се знае зошто премиерот јавно изнесува толкување што не е поткрепено со институционален одговор.
И додека се води полемика со „Фајненшел тајмс“, не смееме да заборавиме дека станува збор за банкарски систем, за доверба и за институции од кои граѓаните очекуваат сигурност.
Мицкоски застана во одбрана на Славески кога се отворија прашањата за Алта. Сега е ред Славески да покаже дека премиерот не ја брани неговата одлука без покритие.
Трајко, не ти треба политичка одбрана. Ти требаат докази. А ако ги имаш, време е да ги покажеш.

![]()

