Македонија е поинаква од пред две години. Создаваме решенија што траат и градиме иднина. Нашата одговорност е одлуките што ги носиме денес да обезбедат сигурност за генерациите што доаѓаат – порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќањето на отворањето на Првиот форум за енергетска дипломатија, што се одржува во Скопје.
Како што истакна Божиновска, енергетиката одамна не е само прашање на производство, снабдување и цени, туку е тесно поврзана со националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност.
-Од енергетиката зависат националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност. Војната во Украина и кризите на Блискиот Исток ни покажаа колку брзо случувањата надвор од нашите граници можат да се одразат врз секој дом, секоја компанија и секоја држава. Во такви услови, дипломатијата е еден од најважните инструменти на енергетската политика. Преку неа градиме доверба, отвораме нови правци за снабдување и поврзуваме пазари. Така создаваме партнерства што траат подолго од еден политички мандат – нагласи министерката.
Таа посочи дека токму затоа се организира форумот, со цел Скопје да стане место каде што заедничките предизвици ќе добијат заеднички решенија, а разговорите ќе прераснат во конкретна соработка.
-Сакаме Скопје да биде место каде што заедничките предизвици ќе добијат заеднички решенија, а разговорите ќе водат до конкретна соработка. Нашата амбиција е да бидеме активен партнер во енергетските процеси и да учествуваме во обликувањето на одлуките што нè засегаат сите – потенцираше Божиновска.
Според неа, стратешката положба на Македонија овозможува земјата да биде важна енергетска врска во регионот. Во таа насока, како значајни чекори ги посочи изградбата на гасниот интерконектор со Грција и планираното поврзување со Србија.
-Со изградбата на гасниот интерконектор со Грција и со планираното поврзување со Србија работиме на отворање нови правци за снабдување. Со развојот на мрежите и подоброто поврзување на пазарите придонесуваме за енергетската сигурност и на регионот и на Европа. Европската енергетска сигурност не завршува на границите на ЕУ. Таа зависи и од тоа колку е отпорен, поврзан и стабилен Западниот Балкан. Затоа, регионалната соработка е заедничка потреба и не можеме да ја одложуваме – посочи министерката.
Како дел од оваа определба, Божиновска ги истакна и партнерствата со Соединетите Американски Држави, Хрватска и други европски партнери.
-Успехот на дипломатијата нема да го мериме по бројот на потпишани документи, туку по проектите што ќе ги реализираме, по инвестициите што ќе ги овозможиме и по сигурноста во снабдувањето што ќе ја почувствуваат граѓаните. Нашата земја денес е поинаква отколку пред две години. Денес знаеме каде одиме, што сакаме да постигнеме и каква енергетска иднина сакаме да оставиме зад нас. Таа определба ја претвораме во конкретни проекти, нови инвестиции и стратешки партнерства. Со секој нов капацитет и секое ново поврзување, ја намалуваме зависноста и се приближуваме кон нашата цел – енергетска независност – рече Божиновска.
На отворањето на форумот се обратија и постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, како и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, Арменд Грегоријан.
На форумот, кој се одржува под наслов „Обновливи извори и жените во енергетиката“, присуствуваат повеќе од 200 домашни и странски гости, а учествуваат над 15 говорници, панелисти и модератори.
Според агендата, предвидени се дискусии за енергетската безбедност, обновливите извори на енергија, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор. Во рамки на форумот е предвидено и потпишување декларација за поголемо учество на жените во енергетиката.
Организатор на форумот е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).
![]()

