СРПСКАТА АФЕРА ДОБИВА МАКЕДОНСКА АДРЕСА – КОИ СЕ НОВИТЕ ИМИЊА ВО СЛУЧАЈОТ „АЛТА“?

СДСМ очигледно не планира да ја затвори приказната со „Алта банка“. Напротив, опозициската партија продолжува да ги проширува обвинувањата, овојпат отворајќи го прашањето за деловните релации на српската финансиска групација во Македонија. По прозивките за нејзиното влегување на македонскиот пазар, сега во фокусот се имиња, компании и сопственички врски за кои СДСМ бара институционални одговори.

Најновите обвинувања ги изнесе членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, кој на прес-конференција тврдеше дека случајот што ја тресе Србија има и директни деловни релации со Македонија.

Според документите што ги презентираше, а за кои посочи дека се изводи од Централниот регистар, Татјана Бундало, директорка на белградската „Алта груп“, која се наоѓа во притвор во Србија, е сопственичка на скопската компанија „Алта Реал Естате ДООЕЛ Скопје“. Фрчкоски посочи и на нејзина поврзаност со фирмата „Алта груп ДООЕЛ Скопје“.

Тој потсети дека во Србија, покрај сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, во притвор е и Бундало. Според наводите на кои се повика СДСМ, истрагата опфаќа сомневања за изнесување околу 17 милиони евра во готовина од трезорот на банката. Фрчкоски се повика и на српски медиумски извештаи во кои се наведува дека околу 370 милиони евра биле фиктивно евидентирани, без реално да влезат во трезорот.

Во своето обраќање, Фрчкоски го отвори и прашањето за деловните активности на Мацура во Македонија. Од СДСМ тврдат дека тој е член на Надзорниот одбор на „Алта банка“ АД Битола, како и дека ја купил „ЗОИЛ Македонија“ за 1,7 милиони евра.

„Кој ги донесе овие бизниси во Македонија и со кого се договараа овие зделки?“, е прашањето што го постави Фрчкоски, поврзувајќи ги деловните активности со политичките релации меѓу ВМРО-ДПМНЕ и српската СНС.

Дополнителна политичка тежина на случајот, според СДСМ, му дава и изјавата на Трајко Славески дека за влезот на „Алта банка“ во Македонија се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски.

Опозицијата сега бара одговори од надлежните институции, особено од Обвинителството, прашувајќи зошто досега нема реакција во врска со наводите што ги изнесува. Фрчкоски директно го прозва и обвинителот Ненад Савески, обвинувајќи дека со непостапувањето се остава простор за сомнежи дека се штитат Мицкоски, Славески и други лица кои партијата ги поврзува со случајот.

Од СДСМ порачуваат дека нема да се откажат од барањето за одговори за сопственичките и деловните поврзаности на „Алта“ во Македонија, како и за околностите под кои финансиската групација влегла на македонскиот пазар.

Тврдењата изнесени на прес-конференцијата засега се ставови на СДСМ, а нивната основаност треба да ја утврдат надлежните институции.

Loading