Ново место за винско бегство на 10 километри од Скопје: Винарија Душа ги отвори вратите во Волково

На само пет минути возење од скопската обиколница и 10 километри од центарот на градот, во Волково официјално започна со работа Винарија Душа. Новата дестинација е замислена како простор за организирани тури и дегустации со резервација, но и како локација за приватни настани, деловни средби и дружења за помали групи до 12 и поголеми групи до 50 луѓе.

„Затоа сакавме Душа да биде место каде што тоа ќе се случува, близу до градот, а сепак доволно далеку од секојдневието“, вели Емилија Димиќ, за која виното е повод луѓето да се соберат, да разговараат и да создадат спомени.

Гостите во Душа можат да изберат меѓу неколку вински искуства. Секое од нив носи водена тура низ винаријата, запознавање со производството и дегустација на четири вина: белото куве Ведрина, розето Зора, ароматичната Темјаника и новото црвено вино Допир, придружени со мезе даска или автентични македонски специјалитети. За љубителите на локалниот карактер, едно од искуствата е посветено токму на сортите Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец, а пакетите лесно се прилагодуваат и за приватни прослави и тимски дружења.

Зад овој концепт стојат Небојша и Емилија Димиќ, брачен пар македонски електроинженери кои живеат во САД, со кариери во ИТ-индустријата и студии по енологија во Сиетл. Покрај винаријата во Волково, тие имаат и лозарско земјиште во Ресава, во срцето на Тиквеш, каде што растат речиси 50-годишни лози Темјаника со концентрирано грозје со карактер. Како што објаснува Небојша Димиќ, во Душа се спојуваат инженерската прецизност, анализата и современата технологија со креативноста, интуицијата и почитта кон традицијата.

Винаријата е основана во 2023 година врз семејна земја со долга историја. Имотот некогаш го купил прадедото на сопственикот со пари заработени градејќи железнички пруги во Америка и таму засадил лозје. Откако имотот се поделил меѓу наследниците, правнукот Небојша децении подоцна повторно ги откупил и обединил парцелите, а дел од тоа старо лозје и денес раѓа во дворот на винаријата.

https://www.instagram.com/dushawinery/

Loading