Зеленски ја обвини Кина: Испорачувате оружје на Русите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Кина дека ѝ испорачува оружје на Русија.

„Имаме информации од Службата за безбедност на Украина (СБУ)“, нагласи Зеленски, додавајќи дека Кинезите им испраќаат на Русите барут и артилериска муниција.

„Мислам дека следната недела ќе можеме да објавиме детали за кинеските претставници кои се вклучени во производството на оружје на територијата на Русија“, напомена тој. Ова е пр пат Зеленски јавно да изјави дека Пекинг ги поддржува руските воени напори со испорака на оружје. Досега, Киев тврдеше дека Иран и Северна Кореја ја снабдуваат Русија со оружје.

Сепак, и претходно постоеја извештаи кои сугерираа дека Кина испраќа оружје на Русија, но Пекинг постојано ги негираше таквите обвинувања. Зеленски во текот на летото 2024 година изјави дека Кина му потврдила дека нема да испорачува оружје.

Пекинг официјално се позиционираше како неутрален во руската војна против Украина, но истовремено ги продлабочи економските врски со Москва и ѝ дава поддршка на Русија во справувањето со западните санкции.

На почетокот на овој месец, украинските власти објавија дека заробиле двајца кинески државјани кои се бореле на руската страна во Донецката област. Подоцна, Зеленски објави дека најмалку „неколку стотици“ кинески државјани се борат на руската страна во Украина.

Еден од заробените војници изјавил дека платил 300.000 рубљи (околу 3.200 евра) на посредник во Кина за да се приклучи на руската војска, во замена за ветување за добивање државјанство. Пекинг негираше каква било директна вмешаност во војната, нагласувајќи дека апелира до своите граѓани да се држат подалеку од вооружени конфликти.

Loading