„Кој стои зад фантомките?“ – Србија во шок поради таинствените маскирани лица без полициски обележја (Фото)

Полициското здружение „Д-р Рудолф Арчибалд Рајс“ денес испрати официјален допис до министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, со кој изразува загриженост за употребата на т.н. „фантомки“ при полициско обезбедување на цивилни блокади. Асоцијацијата укажа дека оваа пракса предизвикала остри негативни реакции кај јавноста и ја поткопува довербата на граѓаните во полицијата и државните институции, пренесува Nova.rs.

Во соопштението се наведува дека носењето маски кои целосно го покриваат лицето, особено кога се користат од страна на лица во униформи без јасни полициски обележја, остава впечаток на нетранспарентност и анонимност, што ги зголемува сомнежите за легитимноста и идентитетот на службените лица.

Довербата е дополнително нарушена поради објави на социјалните мрежи каде граѓани се обидуваат да ги „разоткријат“ лицата кои вчера биле ангажирани во јавниот ред за време на студентските протести. Некои корисници тврдат дека не се работи за вистински полицајци, туку за лица со нејасен статус, што отвора прашања „со кого всушност имаме работа?“

Дополнителна контроверзија предизвикаа фотографии на кои се гледа дека некои од униформираните лица имаат тетоважи на видливи делови од телото – што е спротивно на Правилникот за однесување и изглед на полициски службеници, според кој тетоважите мора да бидат покриени со облека.

Полициското здружение апелира до Министерството за внатрешни работи на Србија да преиспита и јавно да го објасни ваквиот пристап, бидејќи, како што истакнуваат, транспарентноста и почитувањето на правилата се клучни за градење и зачувување на јавната доверба.

Loading