СКАНДАЛОЗНИ ЦЕНИ НА ЈАДРАНОТ: Платив 157 евра за хотел со четири ѕвездички, добив завеси од Југославија и расипана бања

Хрватска сè уште сака да се претставува како една од најпосакуваните туристички дестинации во Европа, но реалноста со која се соочуваат гостите, како странските, така и домашните, сè потешко може да се игнорира. Најновиот пример за тоа доаѓа од градот Трогир, каде што маркетинг стручњачката Вида Јанековиќ од Загреб доживеала туристички шок, наместо ветената медитеранска идиличност.

„Дојдов за модната ревија на Ивица Скоко, но наместо уживање, добив апсурд. Само за час ипол паркирање ми наплатија 20 евра, без контрола, без објаснување, без никаква логика“, раскажува Јанековиќ за 24sata.hr.

Но вистинскиот шок следувал кога стигнала во хотелот, кој според ѕвездичките и цената, требало да понуди сериозно ниво на услуга.

„Резервирав хотел со четири ѕвездички и платив 157 евра за ноќ. Единствено пофално беше појадокот. Сè друго -катастрофа. Завеси пожолтени од времето на Југославија, расипана корпа за ѓубре, стара бања во која едвај можеш да се истушираш. Сѐ изгледаше запуштено, како никој да не се грижи за тоа“, вели Вида.

Разочарувањето било толку големо што направила споредба со искуство од Дубаи:

„Во Jumeirah Beach Residence делот на Дубаи престојував во пентхаус од 130 квадрати со врвен појадок за само 80 евра по ноќ. Чисто, луксузно, беспрекорна услуга, сѐ што очекуваш од туристичка дестинација, а што кај нас очигледно недостасува“, додава таа.

Вида вели дека ова не е изолиран случај, туку симптом на подлабок проблем во хрватскиот туризам:

„Цените растат, а квалитетот не. Се живее на стара слава, а гостите сè почесто си заминуваат разочарани. Луѓето се прашуваат зошто да платам повеќе, а да добијам помалку? Ако нешто не се промени, хрватскиот туризам ќе почне да стагнира и да тоне, додека оние што треба да го развиваат – молчат“, заклучува Јанековиќ.

Овој искрен повик за будење е само уште една потврда дека модерниот турист не се задоволува повеќе со „убаво море и скапа сметка“ – туку со вредност за вложеното. Ако Хрватска сака да ја задржи својата позиција, потребни се итни и длабоки реформи сметаат некои туристи кои јавно се жалат на социјалните мрежи.

Loading