Половина Европејци го гледаат Трамп како закана, расте стравот од конфликт со Русија
Речиси половина од Европејците го сметаат Доналд Трамп за „непријател на Европа“, а повеќе од половината проценуваат дека постои реален ризик од воен конфликт со Русија, покажува нова анкета спроведена во девет европски држави за париската платформа Le Grand Continent, пренесува Гардијан.
Истражувањето открива дека во просек 48% од анкетираните го гледаат Трамп како директен противник. Највисока недоверба има во Белгија (62%) и Франција (57%), додека најниска во Хрватска (37%) и особено Полска (19%). „Низ целиот континент, трампизмот јасно се смета за непријателска сила“, коментира професорот по политички науки Жан-Ив Дормаген.
Паралелно со тоа, 51% од Европејците сметаат дека ризикот од вооружен судир со Русија е висок, а уште 18% го оценуваат како многу висок. Загриженоста е најизразена во Полска, каде 77% ја гледаат опасноста како сериозна, додека во Португалија и Италија доминира спротивниот став.
Анкетата укажува и на ниска доверба во воените капацитети на европските држави. Дури 69% од испитаниците веруваат дека нивната земја не би можела самостојно да се одбрани од руска агресија. Најсамоуверени се Французите, но и таму мнозинството смета дека државата нема доволна одбранбена сила.
И покрај растечката грижа и чувство на ранливост, европските граѓани продолжуваат силно да ја поддржуваат Европската Унија: 74% од нив сакаат нивната земја да остане дел од блокот. Поддршката е највисока во Португалија (90%) и Шпанија (89%), а најниска во Полска (68%) и Франција (61%).
Пет години по излегувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, Брегзит сè повеќе се оценува како неуспех. 63% од Европејците веруваат дека тој имал негативно влијание врз Велика Британија, наспроти само 19% кои го гледаат како позитивна одлука.
![]()

